Историја на алчноста

01.06.2020 00:52
Историја на алчноста

Сцена од филмот „Богатството од Сиера Мадре“

Погледнете во горките плодови на алчноста. Во симпатичниот авантуристички роман „Богатството од Сиера Мадре“ од 1927 година на мистериозниот германски автор Б. Травен, три Американци тргнуваат во авантура за се дограбаат до злато во Мексико и секако, да се збогатат. Фотографијата прикажува кадар од истоимениот холивудски филм со Хемфри Богарт кој две децении подоцна доследно ќе ја прикаже приказната на Травен за алчноста. По сите заемни конфликти и растечката омраза, јунаците на Травен се нападнати од скитници кои им го земаат златниот прав, но не знаејќи ја вредноста на правта, ја истураат наоколу.

Алчноста несомнено има моќ да ги разори животите на обичните луѓе, но грешите ако мислите дека повремено не била генератор за развој на општеството, дури и кога погаѓала цели нации, групи или општествени слоеви.

„Грабаa сѐ што ќе дофатат, сѐ до што можеше да се дојде. Тоа беше грабеж без насилство, потешко убиство со поголеми размери, а луѓето слепо итаа кон смртта како што и треба да биде со оние кои ќе ја допрат темнината“, пишува англиско-полскиот романописец Џозеф Конрад.

Конрад во култниот роман „Срцето на темнината“, инспириран од актуелната белгиска афера во Конго, создаде еп за Курц и алчноста на белиот човек, која ќе доживее многу цитати. Ретко, пак, се споменува дека отворајќи го романот со приказната на Марлоу за Римјаните кои доаѓаат во Британија и која е паралела на црното Конго, Конрад зборува за алчноста не само како уништувач туку и како сила која ја претвора цивилизацијата во варварска земја.

Алчноста, не само во литературата, туку и во многу стручни дела, навистина е сфатена како важен елемент на поредокот - грозен човечки порок и една од најниските човечки слабости која како краен исход може да го придвижува светот напред. После војните на Наполеон, кога револуционерните, односно војните против алчноста на повисоките класи татнеле во светот, алчноста го покренала капитализмот, ги разгорела печките на индустријализацијата, додека банкарството ја добило својата вистинска моќ, станувајќи финансиски погон на цивилизацијата.

Инаку, банкарството се менува од 14 век кога големите италијански, христијански семејства, како Медичи, ги основаат своите банки и приграбуваат чудовишно богатство. Со текот на времето во Европа почнува да се тргува со долгови, а холандските банки ги финансираат прекуморските експедиции кои ја шират европската алчност на нови континенти.

Колумбо, а подоцна и бројни други морепловци, заминуваат во прекуморските земји водени од алчноста на своите кралови, а потоа и компаниите како што е злогласната и семоќна East Indies Company. Исходот е познат - затекнатите цивилизации се исцрпуваат финансиски и воено. Екстремно суровата завршница на овој процес се одигрува во текот и кон крајот на 19 век, во новите колонии, со Конго во срцето на темнината.

Меѓутоа, алчноста зема жртви и на другата страна, преку големите општествени промени кои му претходат на новиот свет. Оптоварен од смртта, сѐ повеќе проткаен со страв, човекот од средниот век гледа опасност во цели групи, а една од нив секако се и оние кои се алчни. Со тоа се менува односот кон алчноста, а отпорот кон неа станува значајна општествена сила.

Традиционално, првите жртви на една таква хајка на алчноста се темпларите, како први вистински банкари после Стариот Рим. Во петок, на 13 октомври 1307 година, францускиот крал Филип, во желбата да се пресмета со темпларите како финансиска сила, а под изговор на различни гревови, а особено алччноста, ќе ги уапси, а потоа сурово ќе ги казни темпларите палејќи ги на клада.

Редот ќе биде укинат, иако разни традиции и митови потоа долго ќе опстанат, вклучувајќи го и оној за петок тринаесетти. Стихискиот прогон на Евреите ширум Европа наскоро ќе добие елементи на таков прогон, а погромите ќе добијат нов повод - алчност која веќе не е лична, туку колективна, алчност со групен предзнак.

Гетоизирани и со право на престој во слободните градови, еврејските банкари како Шајлок на Шекспир, превртлив и шкрт, од драмата Млетачкиот трговец стануваат симбол на презреноста и наводна главна причина за тешкиот живот на ситните властелини и првата буржоазија. Во 17 и 18 век во сите европски центри ќе се појават таканаречените Хофјуден, дворски Евреи, кои им позајмуваат пари на новите властелини, додека со успешноста на нивните бизниси расте антисемитизмот, кој се изговара токму со гревот на алчноста. Најпосле, тоа ќе послужи и како едно од чудовишните оправдувања за холокаустот на Хитлер - пресметка со еврејската алчност.

Симболите на алчноста полека се менуваат низ вековите, но сагата на омразата кон нив никогаш не е занемарлива. Во поинакво сценарио, но со иста епизодна улога - алчноста, пресметката со разузданоста на црквата и Првиот сталеж доведува до позитивен пресврт - буржоаската револуција во Франција, само една деценија откако американските колонии тргнуваат во војна против алчниот британски крал Џорџ.

Во условите на првата индустријализација, кога општествената раслоеност и неправдата биле најголеми во Европа, алчноста повторно станува лична. Симболот на алчноста се раѓа како дикенсовиот Ибинизер Скурџ, шкртиот старец кој во „Божиќната приказна“ сретнува три божиќни духови кои му покажуваат дека води погрешен живот, наспроти радоста која ја чувствуваат оние кои не се зависни од парите.

Неговиот лик е бизарен, но подеднакво трагичен како историскиот скржавец на Молиер, Харпагон, Кир Јања или Госпоѓицата на Јован Стерија од истоимениот белградски роман на Иво Андриќ. Овие јунаци кои единствената смисла ја гледаат во парите, му даваат слика на она што за човекот го претставуваат скржавоста и алчноста во 19 и раниот 20 век - болеста зависност од пари.

Моќните семејства од ова доба, како што се Ротшилдови во Европа и претприемачите како Џ. П. Морган во Америка, поседуваат финансиски империи кои градат пруги, индустријализираат градови и донесуваат нови технологии, паралелно создавајќи и голем социјален јаз помеѓу општествените класи.

Наскоро тоа повторно станува клучно политичко прашање, кое преку низа мали европски револуции и бунтови во долгиот 19 век, ќе заврши во 1917 година, за време на студениот ноември пред Зимскиот дворец во Петроград. Новата револуција донесува нова идеја - општествен систем потполно лишен од алчност. Но, во бизарниот пресврт, во обид тој да се воспостави, се создаваат нови тоталитарни системи.

Слики: Mark Wagner

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Општество / Свет / Историја
Историја
Свет / Теорија / Историја
Европа / Историја
Свет / Технологија / Историја
Општество / Активизам / Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото