Црвена победа

01.06.2020 09:16
Црвена победа

Мајка ми имаше црвено фиќо. Во моето сеќавање и седиштата и сите делчиња и детали од кои беше составено, беа јако црвени. Како аловото цвеќенце од истоимената руска сказна со која навечер најчесто заспивав.

И анимираниот филм (Аленький цветочек, 1952) е целиот црвен, разлеан како акварел во бескрајно црвени тонови. Или како безбројните значки на дедо ми со црвени петокраки, пастрмки и други риби, кои ги редеше на мали парчиња картон, подредувајќи ги во беспрекорен ред како војници, за потоа грижливо да ги смести во кутии и да ги заклучи во неговиот таинствен долап. Но, тоа се некои други приказни.

Во тие детски денови, ми се чинеше дека фиќото на мајка ми е една голема подвижна соба низ чии широки прозорци го гледав светот како на филмска лента. Тој заедно со нас се тркалаше по скопските улици, трудејќи се да го следи ритамот на магичната машина. Интересно е колку малите нешта се големи за децата. А уште поинтересно е како и денес, со едно кратко затворање на очите, можам веднаш да се преместам на задното седиште на тоа црвено фиќо. Мајка ми вели, годината е осумдесет и шеста, со тазе стекнатата дозвола за возење и јас на задното седиште, сме тргнале од нашето маало кај Зелен пазар кон Тафталиџе, на гости кај прабаба ми. Во дворот на прабаба ми или баба Мара како што ја викавме, се извишуваше цреша, омилената планина во голем дел од наредните години.

Но, и тоа е некоја друга, црвена приказна. Не знам дали мојата меморија за тој ден е реална или склопена од прераскажувањето на мајка ми, но во оваа приказна, мојот образ е залепен за прозорецот, тактика која ми овозможуваше лесно да ги следам сите светла кои прелетуваа покрај нашето големо превозно средство. Но, и да ја уловам секоја буква и збор на кои случајно ќе налетав(ме), посебно кога фиќото одмораше на семафор. Тогаш ја фрлав јадицата што подалеку за што посигурен улов. Уживав да ги поврзувам буквите, да формирам од нив братство и единство кое ѝ даваше глас на околината. Победа! - извикувам. Мајка ми зачудено ме прашува од каде знам дека така се вика ресторанот со црвени букви од другата страна на улицата. Па, прочитав. - велам. Таа сè уште не знае како сум научила да читам, а не знам ни јас. Сум имала само три години и очигледна опсесија со букви.

 Извор: Културен центар „КЦ 750“

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото