Почина уметникот Кристо познат по монументалните инсталации

01.06.2020 10:40
Почина уметникот Кристо познат по монументалните инсталации

Американскиот уметник со бугарско потекло Кристо, кој се прослави со замотување на згради и знаменитости со ткаенина и пластика, почина синоќа (недела, 31 мај) во својот дом во Њујорк. Од неговата канцеларија соопштија дека уметникот починал на 84- годишна возраст од природни причини.

Кристо, кој е роден како Христо Владимиров Јавашев во Габрово, Бугарија, постојано работеше со сопругата Жан-Клод, која ја запознал кога се преселил во Франција. Таа почина во 2009 година.

Кристо стана светски познат по неговите монументални уметнички инсталации. Особено откако го спакува најстариот мост во Париз - Понт Неф, како и Рајхстагот во Берлин.

„Делата на Кристо ги обединуваа луѓето низ светот. Кристо го живееше својот живот до максимум, тој не само што го сонуваше невозможното, туку и го остваруваше“, се вели во соопштението по повод смртта на уметникот.

Неговата инсталација од 2016 година „Пловечки кејови“ беше направена од 100.000 квадратни метри жолта ткаенина, поставена на езерото Исео во Италија.

Во согласност со волјата на Христо, ќе се реализира проектот на кој работел до неговата смрт - пакувањето на Триумфалната капија во Париз. Проектот е планирано да се одржи помеѓу 18 септември и 3 октомври 2021 година. На 1 јули 2020 година во Центарот Помпиду во Париз ќе биде отворена голема изложба на делата на Кристо и неговата сопруга Жан-Клод. 

Христо Јавашев со сопругата Жан-Клод, 2004, Њујорк

Христо Јавашев е роден на 13 јуни 1935 година во семејство на познат производител. Студирал на Академијата за уметност во Софија. Тој ја напуштил Бугарија во 1957 година, а во 1958 година се преселил во Париз, каде се запознал со Жан-Клод, неговата идна сопруга и партнер во креирањето на практично сите негови дела.

Кристо бил без државјанство 17 години. Во 1973 година тој станал државјанин на САД. Во Њујорк живеел вкупно 56 години од својот 84-годишен живот.

Меѓу најпознатите дела на Кристо и Жан-Клод се: Оградата во Калифорнија (1972-76), Спакуваниот Понт Неф во Париз (1975-1985), Чадори во Јапонија и Калифорнија (1984–91), Капии во Централ парк, Њујорк (1979–2005), Пловечки кејови на езерото Исео, Италија (2014–2016), Мастаба во Лондон (2016–188).

Пловечки кејови, Италија

ОкоБоли главаВицФото