Јуни

01.06.2020 10:45
Јуни

Се верува дека jуни, на латински Iunius, го добил името по Јунона (Iuno). Во римскиот пантеон Јунона е божица на бракот и сопружничката љубов, заштитничка на жените и родилките и покровителка на Рим. Римјаните ниту една божица не ја почитувале толку колку што ја почитувале Јунона. Од почит, си ја нарекувале - Кралицата (Regina). Нејзин пандан во етрурскиот пантеон е Уни, која, исто како и Јунона, е заштитничка на жените. Подоцна, под грчко влијание, Римјаните својата Јунона ја поистоветиле со кралицата на боговите во грчкиот пантеон - Хера.

Јунона имала многу функции, па затоа имала и многу епитети: Јунона Лукина е таа што помага децата да излезат од мајчиниот стомак на светлината на денот, Јунона Пронуба се грижи за невестите, Јунона Југа ги чува браковите, Јунона Популона го зголемува бројот на населението, ги штити градовите и ѝ помага на војската во војна... Еден од многуте епитети на Јунона е епитетот Монета - онаа што предупредува (лат. monere). Легендата вели дека божицата го добила овој епитет зашто една врела јулска ноќ во 390 година пред нашата ера, кога Галите ненадејно влегле во Рим, нејзините свети гуски почнале силно да гакаат и со тоа ги предупредиле римските војници дека Галите се во градот; благодарение на нивното гакање, војниците се разбудиле и го спасиле од уништување Капитол, најважниот храм во Рим. Речиси еден век подоцна, Римјаните, за да ѝ се заблагодараат на Јунона за помошта што им ја пружила кога биле нападнати од Пир, во еден нејзин храм почнале да коваат пари; по епитетот на божицата, и ковачницата почнале да си ја викаат moneta. Ете затоа кованите метални пари и парите воопшто денес ги викаме монети, а во англискиот зборот за пари е money.

На Јунона ѝ биле посветени многу денови во годината. Еден од нив бил и 1 јуни. Oвој ден бил славен како нејзин роденден (dies natalis). Felix dies natalis Iunoni sit!

Слика: Јупитер и Јунона, Анибале Карачи, 1597 година, Палацо Фарнезе, Рим

Извор: ΑΡΓΩ

 

Слични содржини

Култура / Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја

ОкоБоли главаВицФото