Еколошко просветлување

02.06.2020 11:19
Еколошко просветлување

Дефинитивно во Новата ера која надоаѓа после постмодерната клучно е еколошкото просветлување. Можеби новата Ера на голема духовност, како што ја нарече Кандински, ќе биде еколошка ера: антропоцентризмот (пропрецизно андроцентризмот) ќе се замени со биоцентризам, или, дури, и со физиоцентризам. Низ еколошкото просветлување човекот од западот постепено се доближува до источната мудрост. Во Тао сè се вовлекува едното во другото, организмите се стопени во средината, не пoстои апсолутен дуализам. Кога ја спознаваме динамичната хармонија на природата фактички ги откриваме нејзините елементи чисти (мислам на елементите земја, вода, оган, воздух, етар и вистина и светлина) и во неа и во нас. Радикалните екологии (длабока екологија, екофеминизам и социјална екологија) ја носат акутната потреба за промена што воедно значи ревитализација на изворната духовност како чиста енергија. Затоа треба да се случат длабински промени во свеста на човекот, во неговиот светоглед, а потоа и во уредувањето на општеството. Некои запоставени доблести како грижата, сочувството, емпатијата, соработката (наспроти натпреварот), пријателството, топлината, разбирањето, конструктивниот пристап, растежот, интуицијата, едноставноста, суптилноста, скромноста, практичноста, довербата, добиваат сè поголемо значење. Под изворна духовност како чиста енергија подразбирам духовна моќ во својата изворна чистота како Постоење-Свест-Светлина (СатЧитАнанда во Ведантата), пред да се институционализира (а со тоа да се претвори во догма и да се злоупотреби низ окултната моќ).

Но, иако, екологијата и енвиронментализмот носат нов дух и свеж светоглед, не влијаат доволно за да го истиснат консумеризмот, кој сè уште е доминантна идеологија и светоглед. Тоа е така, можеби, затоа што на некој начин консумеризмот е и современа психичка болест!

Клучно е прашањето дали консумеризмот може да се надмине преку еколошката свест! Или, можеби, само некоја голема катастрофа или пандемија што ќе предизвика и колапс на владеечкиот финансиски капитализам – којшто сега ја диктира нашата свест и воопшто нашиот светоглед – ќе го направи тој радикален пресврт? (Секако и навиките на луѓето и стилот на живеење треба да се промени.) Како и да е, сметам дека еколошката свест, бидејќи е поврзана со самиот принцип-живот (елан-виталот), е блиска на човекот, секако многу поблиска од трансцендентните духовни сфери достижни низ посложени техники и методи (концентрација, контемплација, медитација).

Соочување со консумеризмот

На почетокот од новиот милениум паралелно со еколошката свест изнурнува силната потреба за возобновување на изворната духовност. Тој процес е поттикнат од внатрешната нужност во услови кога консумеризмот веќе станува нова „религија“. Проблемот со консумеризмот е во тоа што и покрај бескрајната трка за задоволување на желбите човечкот не е среќен. Сетилата колку повеќе се задоволуваат, толку повеќе бараат нови сензаци, и во таа наклонетост нема решение за нашата несреќна ситуација.
На некој начин, потрагата по среќата, евдајмонија, ќе треба да биде главната поддршка што треба да ја добиваме (т.е. главниот мотив) од заднината, во нашите акции и дела, за да се промениме. Но, треба да бидеме внимателни и со оваа идеја, оти достигнување на среќа како духовна полнота не подразбира лежерен и конформистички, па, дури, не, и хедонистички однос кон животот. Напротив, среќата, евдајмонија, ананда, како повисока духовна стварност се постигнува откако безброј пати ќе бидеме вратени назад на поправен испит, сè додека не ја екстрахираме, извајаме (по)совршената форма на нашето постоење. Само (по)совршена форма носи чувство на исполнетост, мир, смирена радост, задоволство, слобода, чувство на хармонија, среќа.

Еколошка свест во источната духовност

Древните мудрости нè поттикнува да се соочиме со нашата ситуација за да ја препознаеме сопствената духовна криза и така низ многу мака да ја достигнеме хармонијата, рамнотежата!

Секако причината за дисхармонијата е во задушениот витал, уморот од „цивилизацијата“, негативната енергија која не се трудиме (ниту знаеме како) да ја преобразиме, инертното, или, пак, премногу брзото однесување (пак, нерамнотежа). Ако сите фини прелевања на боите и чувствата кои се менуваат со годишните времиња, со денот и ноќта (за што совршен усет имаат развиено источните народи, особено Јапонците), не се дел од нашиот живот, нашиот витал е осакатен, а врската со планетата Земја прекината. Тоа осакатување на виталот е една од причините за нашето страдање. Задушениот виталот го разболува телото, телото станува тапо и тромаво, душата потиштена, а умот мрачен и затворен. Лекот за многу, ако не и за сите, болести е во обновување на елан-виталот!

Значи, голем дел од решението на проблемот што го тишти човечкото суштество е во обновување на виталната енергија и со вдахнување живот во милионите структури на малите нешта што го опкружуваат (фактички ова е суштината на енвиронментализмот). Луцидно забележување на битноста на секој момент, битноста на обичните, мали нешта што го исполнуваат животот со радост е суштината на зен-естетиката. Зенот е амалгам на најубавите искуства на кинескиот таоизам, индискиот будизам и јапонската шинто религија, затоа зен културата е толку префинета, а сите нејзини производи, како и животот како уметност се доведени до перфекција. Зенот е универзална, но, длабока, неповршна или банална естетика, затоа толку прифатена од луѓето на сите континенти.

Во животот милиони нешта причинуваат радост, исто толку болка и тага. Зенот нè учи дека уметноста на живеење не се состои во избегнување на болката или во грабање само на радоста и среќата.

Тоа балансирање на јин и јанг во Тао, два пола кои се вткајуваат еден во друг, ја дава мудроста на јасното гледање на нештата, такви какви што сé. Освен овој поларитет, постои и динамичното сеопфатно опсервирање во единство, кое ги трансцендира двете (во убавината – Тао). Значи, во бројот три е хармонијата; „третиот елемент“ (е возвишената убавина што) создава хармонија, бидејќи спречува радоста да премине во преголема егзалтација, а болката во сентименталност или самосожалување. Три е небо, земја и човечко битие. Во овие симболи се трите основни принципи: хоризонтала – земја, вертикала – небо, дијагонала – човечко битие. Три го оформува кругот на хармонијата.

Уметноста на балансирање е влегување во креативна динамична игра, одбегнување на крајностите што секогаш се причина за сите наши неволји.

Мистички витал и продуховен елан-витал

Во суштината на Новиот поглед кон светот е возобновување на духовното и низ мистичкиот витал. Кога се вмрежуваме во тајните нишки на природата, односно во својот сопствен неизвалкан витал, тогаш се нурнуваме во длабок и темелен мир. Прородата нè смирува, ослободува и возвишува. Така благопријатно на нас дејствува и уметничкото дело! Затоа, човекот близок до природата има мир и добрина во себе. Кога го губи допирот со неа, а тоа, секако, е последица на лошата култура, ги губи овие добра. Како да ги поврати тие благосостојби? Во суштина на расипаноста на човечката цивилизација е ненаситниот нагон да се експлоатира без граници, да се зграпчува и уште повеќе и повеќе ДА СЕ ИМА. Кога човекот ќе се хармонизира со природата во длабок мир, тогаш во него ќе надвладее она ДА СЕ БИДЕ.

Панпсихичкиот и холистички светоглед, заштитата, зачувувањето и негата на биодиверзитетот водат кон унапредување на квалитетот на животната средина, на самиот живот, и кон унапредување на односите меѓу луѓето. Тоа е достигнување еколошка мудрост којашто базата ја има во органското, во самообновувањето на ткивото и клетките. Виталноста на клетката го прави организмот витален. Клетката е основна органска единица со интегрален живот која, освен сложените функции кои ги извршува во процесот на метаболизмот како и при митозата, има уште една, друга, помалку истражена страна. Таа помалку истражена природа е психологијата на клетката како животен импулс кој се потврдува преку нејзините реакции кон негативни или позитивни психолошки состојби, емоции и влијанија. Бидејќи, од атомите во неорганската природа до сложените соединенија во клетките на човекот творечкиот живот се открива и тече со помош на животниот импулс (élan vital, А. Бергсон) за да се влее во океанот на повисоките духовни процеси.

Еколошка мудрост (Ера на голема духовност)

А, просветлување на елан-виталот и достигнување еколошка мудрост значи не само подобрување на квалитетот на животот туку и јасна свест што носи постојана свежина во умот. Покренувањето на енергиите е во правец на квалитативна промена на свеста. Тоа, на почетокот на овој век, е со воспоставување на старо-новото единство со природата. Убавината на душата оди во слад со убавината на природата, секогаш таа од таму изнурнува и таму се враќа, така креирајќи нови синтези, хармонии бескрај.

Контактот со природните елементи, потребата од едноставен живот, потребата од живеење во внатрешната димензија, во суптилните тела и во убавината на духот, врз постулатите на енвироменталната естетика и етика, а во фузија со древната мудрост, таоизмот, ведантата или (зен) будизмот, го обезбедува тој успех! Преобразбата на свеста исто така значи човекот да се издигне на повисоко енергетско ниво, од каде што може да ја види разликата. Само тогаш тој ќе може да го преобрази општеството и да ја спаси планетата.

Во суштината на пеобразбата за која расправам е сознанието дека духовноста треба да се исчисти од окултизмот. Таа промена се случува во внатрешната димензија на човекот. Моќта на стихијата на елементалите во култот кон фетишот (во разни форми: профит, пари, посед, капитал, кариера, опсесија со секс итн.) веќе не е толку привлечна како чистотата на духовната моќ. Во надворешната димензија, во реалноста на овој „материјален“ живот клучен прелом се случува со менувањето на нашиот однос кон природата. И, сега, се запрашуваме, дали вистински неа сме ја спознале, во нејзината длабочина, хармонија, и убавина. Чувство на восхит, воодушевување (appriciation), мистичност, холистичка исполнетост, мир, спокој, тишина –тоа го реализира човекот кој ја открил убавината на природата во себе, во единството со себе и природата и целиот диверзитет. Во тој процес ние развиваме нов контакт со елементите кои се во врска со енергетските нивоа во нас. Според јогата седум енергетски нивоа одговараат на елементите, и се штелуваат со одредена боја и фреквенција на звук (срцевата чакра е во зелена боја). Кога сме во природа, добиваме чувство на восхит и мир, што значи дека енергијата сме ја наштелувале во добра вибрација. Тоа се случува интуитивно, инстинктивно, несвесно, да речеме, „природно“. Бидејќи во природата елементите се присутни чисти, неизвалкани од човековите дела. Но, денес постојат техники со чија помош се дејствува свесно во штелување на овие енергетски центри, преку концентрација/медитација на одредена боја и звук и преку техниките на дишење.
Главното прашање е како ова знаење да се прифати од пошироката културна јавност! И, потоа, како да стане масовна култура во меинстрим? А, со цел да го истисне консумеризмот којшто се заканува да ја изеде целата планета, процес кој води кон неповратно губење на природните ресурси и убавини. Воедно, се поставува прашањето како свеста на целото човештво да се издигне до повисок статус? Бидејќи се нема друг избор! Претпоставувам дека тоа треба да се случи преку продуховенот витал, односно еколошката свест. Или ќе се самоуништиме, бавно, но сигурно. Оттаму сериозноста, значајот на овој преломен момент во еволуцијата на човекот и силата која носи промени кон подобро. Постои начин и пат, но дали постои и волја, спремност и знаење да се дејствува пошироко?

Слики: Татјана Миљовска, од серијата „Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство“, 2020.