„Каде сме сега, и каде одиме?“ - „Локомотива“ создава архива на рефлексии

02.06.2020 14:18
„Каде сме сега, и каде одиме?“ - „Локомотива“ создава архива на рефлексии

„Локомотива“ - центар за нови иницијативи во уметноста и културата во програмата „Современа култура и културни политики“ за 2020 година, вклучи интервјуа со повеќе од 30 теоретичари и културни работници кои ги споделуваат своите размислувања и рефлексии за променливите услови предизвикани од состојбата на пандемија со коронавирусот.

Со хаштагот „#АрхиваНаРефлексии“ е означен сегментот во кој секој работен ден, почнувајќи од 27 мај, на Јутјуб каналот на „Локомотива“ се објавуваат видеоинтервјуа со 30-ина културни работници, уметници, критичари и активисти на граѓанското општество од земјава и од странство.

„Во овие непредвидливи времиња и веќе соочени со нашата кревка позиција во општеството, имаме итна потреба од рефлексија со нашите колеги, партнери и пријатели.
Затоа, решивме да ја прошириме програмата „Современа култура и културни политики“ од 2020 година и дел од неа да посветиме на размислувања и рефлексии за променливите услови предизвикани од моменталната состојба на пандемија која влијаеше на нашите програми, условите за работа, меѓународните соработки, уметничката продукција, создавањето и ширењето на знаењата итн.

Во овие услови сакавме да создадеме архива на размислувања за сегашните и претстојните социо-политички и економски влијанија врз уметноста и културата во општествата како нашето, кои имаат многу кревки услови за работа на културните работници и уметници, како и во општествата со поорганизиран систем на поддршка на културната продукција“, велат од „Локомотива“.

Програмски уредници на „#АрхиваНаРефлексии“ се Биљана Тануровска Ќулавковски и Виолета Качакова, а координатор е Зорица Зафировска.