Конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика

04.06.2020 16:34
Конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика

Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ распиша конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критикa.

Наградата „Ладислав Баришиќ“ има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.

„Недостигот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции“, велат од Здружението.

Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.

Право за учество имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија (освен членовите на УО на „АИКА Македонија“). Кандидатите треба да се граѓани на Република Северна Македонија или, пак, странски државјани кои живеат и работат на територијата на Република Северна Македонија повеќе од една година.

Наградата е во висина од 30.000 денари и за неа ќе одлучува трочлено стручно жири.

Конкурсот ќе трае до 15 јули, а добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 30 јули, 2020 година.

 

ОкоБоли главаВицФото