1004 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 18.04.2024 00:59
Како што и предвидовме, во Италија универзитетската настава следната година ќе се одвива преку онлајн платформа. Внимателните посматрачи веќе знаеја дека таканаречената пандемија ќе биде искористена како повод за сеопфатна дифузија на дигиталните технологии, која сега послушно се спроведува на дело.
Она што нѐ интересира во таа смисла, дури и повеќе од последичната трансформација на наставата во која недостасува елементот физичко присуство (отсекогаш важен дел од односите помеѓу студентите и наставниците), е укинувањето на можноста за групна дискусија на семинари, што секогаш беше најинтензивен дел од процесот на учење. Технолошкото варварство кое го трпиме ни донесе поништување на сите искуства посредувани со сетилата, како и губење на погледот кој сега засекогаш е заробен во рамки на спектралниот екран.
Но, најголемо значење во сето тоа има нешто за што речиси и не се зборува: имено, тоа е исчезнувањето на оној начин на живот кој го опишувавме како студентски (studentato). Универзитетите во Европа се родени од студентските заедници - univeristates - според кои и го добиле името. Да се биде студент пред сѐ значеше да се практикува начин на живот чии главни елементи се изучување на литературата и посетување предавања. Но не помалку важни од тоа беа средбите и размената на мислења со други студенти, кои често потекнуваа од далечни краишта и според местото на потеклото се групираа во nationes. Таквата организација на животот еволуираше во 20 век, социјалната димензија на овој феномен беше константа. Секој кој влегуваше во универзитетската училница во својство на предавач мошне добро знае дека таму, пред нашите очи, се градат пријателства, дека во склад со културните и политичките инклинации се формираат мали студиски и истражувачки групи кои продолжуваат да постојат и кога ќе заврши наставата.
Искуството кое траеше речиси десет векови се гасне засекогаш. Студентите веќе нема да живеат во градовите во кои се нивните универзитети. Наместо тоа, предавањата ќе ги слушаат затворени во своите соби, стотици километри оддалечени од луѓето со кои инаку би седеле во клупите. Малите градови, некогаш престижни универзитетски центри, ќе забележат дека студентите, често највиталниот дел од нивната популација, исчезнале без трага.
За секоја општествена појава во изумирање би можело да се тврди дека на некој начин таа тоа и го заслужила. Нема сомнеж дека нашите универзитети достигнаа толку високо ниво на корупција и експертска игноранција што практично е невозможно да ги оплакуваме, зашто со нивното пропаѓање во подеднаква мера е осиромашен и студентскиот живот. Но, со сигурност можам да тврдам две нешта:
1. Професорите кои en masse се согласуваат со потчинувањето на новата диктатура и телематика и прифаќаат предавањата да се одржуваат исклучиво онлајн, нималку не се разликуваат од универзитетските професори кои во 1931 година ја потврдуваа лојалноста кон фашистичкиот режим. Како и тогаш, можеби само 15 од 1000 ќе одбијат да го направат тоа, но имињата на оние што ќе одбијат ќе останат запишани до имињата на наставниците кои не им се поклонија на фашистите.
2. Студентите кои навистина се грижат за знаењето ќе мораат да го одбијат влегувањето на универзитетите трансформирани на овој начин, повторно ќе мораат да се конституираат во некои нови universitates, како што беше на почетокот, зашто единствено на таквите места зборот од минатото може да ја преживее навалата на технолошкото варварство и единствено таму би можела да се роди некоја нова култура - ако тоа сѐ уште е можно.
Слики: Frank Plant
Извор: https://medium.com