1010 hPa
45 %
26 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:40
Ова е ненадминатата убавина на Македонија! Ова е нејзината најголема вредност - а се наоѓа во едно дребно црквиче во Курбиново! Не во псевдо-палати од стиропор и бетон кои чинеле милиони евра.
Какви банаузи, какви варвари мора да сме ние, Македонците, кога дозволивме ова ремек дело од светски размери да се заборави и запусти, додека насекаде во Македонија растеа до небото грамадите од кич-архитектура и лажна уметност.
Курбиново е само симбол за нашето македонско варварство. Фотографијата можеше да биде и од црквата Пресвета Богородица во Матејче. Секаде само распаѓање на вистинските вредности, додека наоколу, како поплава, се шири неписменоста, непознавањето на својот јазик, на сопствената литература, на културното наследство по кое нѐ препознава и почитува научниот и културен свет.
Не сум толку лута на глупавите, на банаузите, на итрите и лукавите кои ја запоседнаа македонската политика, македонската култура и македонската наука. Лута сум им на умните и мудрите, на искусните, на тие што знаат дека може и поинаку, а и понатаму молчат! Оти глупавоста е гласна само кога умноста молчи.
Замислете каква ќе беше македонската јавност ако во неа гласно говореа за распадот на културата и културното наследство сите што од очај критикуваат само дома, со најблиските, со бившите колеги? Оти културното наследство не е само црковната архитектура, живопис и иконопис, туку и духовното, интелектуалното наследство. Каков силен хор на искусни и работливи, на грамотни и критични мислители и творци ќе беше тоа! Каде е сето време тој хор на интелектуалци?
И немојте да ми опонирате дека тоа мора да го стори државата. Таа е „Левиатан”, чудовиште, напиша Томас Хобс уште пред неколку века. Таа мора да се контролира од силна јавност, од силна граѓанска свест и одговорност. Не може да се чека политиката да ги осознае сопствените слабости и да ги поправи. Јавноста мора да биде најсилниот коректив во демократијата! Јавноста која ги разобличува митовите и теориите на заговор. Јавноста, составена од храбри, совесни, критички умови. Јавноста која се срами од тоа во какво мочуриште на духот ја претворија некадарните Македонија во овие три децени.
Затоа сега морам да ги парафразирам зборовите на Достоевски од „Браќа Карамазови”: секој од нас е виновен за сѐ и за сите! Виновни сме што молчиме, а не бдееме будно врз единствените вредности што не одржаа со векови. Виновни сме што уште стои среде Скопје таа грдосија од „Воин на коњ”. Виновни сме што пропаднаа културните и образовни институции кои нѐ образуваа и воспитуваа…
Виновни сме сите, ние, што се сметаме за самосвесни македонски интелектуалци, филозофи, писатели, музичари, архитекти, драматурзи… Затоа што предолго молчевме и дозволивме со македонската култура да завладеат глупавите, злобните, лукавите, неумните, завидливите, интригантите, медиокритетите, епигоните, неспособните – со еден збор, варварите!
Се срамам пред себеси затоа што не извикував погласно дека веќе подолго не се препознавам во оваа Македонија ( се викала таа како сака!), во која владее распаѓањето на умот и на културата! Осум години свесно не објавував во Македонија, откако се бев згрозила од деструктивната енергија на некои македонски колеги.
Лажна е поделбата на партиоти и предавници кога се работи за опстанокот на Македонија. Сега треба да се разликува само помеѓу варвари и културосовесни ( појасно, естети и ерудити!), неспособни и способни, неписмени и писмени, глупави и умни, расипници и чесни работници. Нѝ нема спас како Македонци ако конечно нѐ станеме свесни за тоа.
Слики: Фрески од црквата Св. Ѓорѓи, Курбиново