Анаконда во Хонда

06.06.2020 13:19
Анаконда во Хонда

Илустрација: Aлексеј Костовски

Анаконда во Хонда

Една змија
од Боливија,
една анаконда,
реши да вози Хонда.
"Доста е, на секој чекор прав,
од мене сите само - страв.
Влечкање, со сите дечкање,
аман веќе со тоа "влекач,"
и стално да сум некој чекач.
Сакам брат, вештина
и брзина на една Хонда,
а во неа јас - анаконда.
Па да нагазам до „даска“,
ловот да биде скаска."
И сѐ. ќе беше чист тип-топ,
да не се појави зајко,
тој негов авто-стоп.
Зајко мустаклија,
на брзи коли мераклија.
"Е мој зајко, зајко кокорајко,
па што ако сум во Хонда,
јас сум сепак - анаконда."
Му рече таа, сакаше да го лапне,
малку да си апне,
оти, да се вози на гладно,
за змии прилично е јадно.
А зајко, од кај му таа сила
и брзина, мајко моја мила,
ич, без умот да го стега,
ко му ја летна да бега...
"Си имам дома зајчиња,
ќе си пијам со нив чајчиња,
а ме чека и зајачицата Џоконда,
затоа мора да сум побрз
од анаконда и нејзината Хонда."

Илустрација: Наташа Костовска

Дијалог со козата

Слушај меее!
Не е лесно,
ни интересно,
просто е ко боза,
чуму ми е да сум - коза?

Да. Не е едноставно,
а што брстиш,
не баш бавно,
гранки кревки, танки,
најубави фиданки?

Меее!
Така ќе да е.

Цел ден брстам гранка,
по ридови се козам,
вечерта секоја странка:
"Дојди, да те молзам."

Да, не е баш
тој систем наш,
козо драга, за браво,
ама сирењето, што е право,
многу ти е здраво.

Тоа точно е. Но не е сѐ.
Меее!

Не е лесно и душа
ме боли чедна,
покрај сѐ ова, да се слуша
“Козо мори, една!"

Е, да. Во право е.
Меее!

Илустрација: Наташа Костовска

На Ити тетин, наш гостин

Од толку комети,
црни дупки,
сателити и ракети,
ѕвезди и планети,
кај најде во двор
да ни слета,
ова типче
со чудна тоалета.
Не ви е некако...
ко да е биен,
негде впиен,
на места вшиен,
ко на наградна игра добиен,
во кош забиен,
со којзнае што прекриен,
во дожд астероиди замиен,
со сончеви зраци зашиен,
ко црна дупка збиен,
со икс метали прекриен,
темелно измиен,
херкулски развиен и набиен,
од којзнае кого криен,
ептен непробиен,
во секој случај -
тукушто откриен!
Само што слета,
од којзнае која зелена,
вид виделија, вселена,
на Ити тетин или друг роднина,
од минатото или оваа година,
мистер, во мистерија завиен,
светски славниот Алиен.
Ни рече: „Фрњ-ез уг-бу“,
ние од радоста паднавме во кома,
а тоа преведено од вонземјански
да ти биде: “Сакам веднаш дома!“

Илустрација: Алексеј Костовски

Саламандер во скафандер

Што?! Каква е оваа мода?
Саламандери маскирани,
низ шумата тивко одат.
А еден пак, исто, саламандер,
навлекол - цел скафандер.
Се влечка, тешко лази,
што да прави, од вирус се пази.
Каков вирус, каква епидемија?
Епа, човек почна да кисне во шумата
и сите грижи веднаш се зголемија.
Вака е веќе, чинам, неколку поколенија.

А саламандерот е нежен,
мора така, да е на штрек,
бар дур не се пронајде лек.
Карантин, маска...
сè што треба, да е среден,
оти човекот прави, уште овој век,
саламандер да не остане ниту - еден.

ОкоБоли главаВицФото