Весталии

07.06.2020 10:16
Весталии

На 7 јуни во Рим почнувале Весталиите – празници во чест на Веста. Веста е божица на домашното огниште и на храната што се подготвувала на него, првенствено на лебот. Била почитувана од сите, но најмногу од жените, мелничарите и пекарите. Нејзин пандан во Хелада е Хестија. За разлика од Хелените, кои на Хестија не ѝ граделе храмови, Римјаните на својата Веста не само што ѝ граделе храмови, туку токму во еден нејзин храм на Форумот, изграден уште во времето на Нума Помпилиј, ги чувале сите свои најголеми светињи; во него било и државното огниште (focus publicum) на кое постојано горел оган. Верувале дека Рим ќе опстои сè додека не згасне огнот во храмот на Веста. Грижата за огнот им била доверена на весталките - свештеничките на Веста. На сите мажи во Рим, освен на врховниот свештеник (pontifex maximus), им бил строго забранет влезот во овој храм. Жените, пак, можеле да влезат во него само еднаш во годината – за време на Весталиите.

На првиот ден од Весталиите римските матрони, боси и со распуштени коси, доаѓале во храмот на Веста за да ѝ принесат жртви на божицата и за да побараат од неа благослов за себе и за своите семејства. Мелничарите и пекарите, пак, си ги кителе мелниците со цвеќе и низ градот шетале со магариња накитени со цветни венци и со парчиња леб. Кителе токму магариња зашто магарето било животното што ѝ било посветено на Веста. Легендата вели дека кога еднаш Веста легнала да спие, ја здогледал Пријап, богот на телесната љубов; божицата ја спасила својата девственост, на која била вечно заколната, благодарение на тоа што, додека спиела, едно магаре почнало силно да рика и со тоа ја предупредило дека Пријап, богот со огромен фалус, е близу до неа.

Некои автори велат дека на Весталиите мелничарите кителе токму магариња поради користа што ја имале од овие животни при мелењето жито. На последниот ден од Весталиите, на јунските Иди, матроните повторно доаѓале во храмот на Веста за да го исчистат. Сметот што ќе го изнеселе оттаму прво го носеле на ридот Капитол, а потоа го фрлале во Тибар.

За време на Весталиите се подготвувала mola - жртвена каша од брашно и сол. Римјанките со неа го прскале домашното огниште во своите домови, а од неа носеле и во храмот на Веста. Оваа каша имала толку големо значење во римската религија што ниту едно принесување жртва на можело да се замисли без неа. Од mola во латинскиот се immolatio „жртвување“ и immolare „да жртвуваш“, „да принесеш жртва“, првично „да испрскаш нешто со mola“ (од in ‘во’ и mola). Називот на жртвената каша денес преживеал во зборовите што значат „жртвување“ во романските јазици: италијански - immolazione, француски - immolation, шпански - inmolación, португалски imolação. Римската жртвена каша ја има и во англискиот, во immolate и immolation.

Слика: Принесување жртва на Веста, Франциско Гоја (1771 година), приватна колекција

Извор: ΑΡΓΩ

ОкоБоли главаВицФото