Хелсиншки: Здравствената криза не смее да се претвори во меѓуетничка

08.06.2020 11:21
Хелсиншки: Здравствената криза не смее да се претвори во меѓуетничка

Хелсиншкиот комитет за човекови права реагира дека тензиите предизвикани од кризната состојба со Ковид-19 последниве денови интензивно се прелеваат на меѓуетнички терен.

Истовремено се апелира до граѓаните и општествените чинители да покажат повисока свест и одговорност и да не дозволат ескалација на овие негативни појави.

Во продолжение е соопштението во целост:

„Хелсиншкиот комитет за човекови права со голема загриженост констатира дека кризната состојба предизвикана од појавата на коронавирусот, деновиве интензивно се прелева на полето на меѓуетничките односи. Во првите недели од почетокот на вонредната состојба, дискриминаторските изјави беа насочени кон заболените од Ковид-19, преку барања за објавување лични податоци, нарушување на правата на пациентите и слични форми на стигматизација. Тензиите предизвикани од рестриктивните мерки постепено се префрлија во сферата на национализмот, за што во голема мера придонесува и фактот што се наоѓаме во предизборен период. За жал, сите апели за солидарност и емпатија во услови на непогода која ги засега сите граѓани, стануваат беспредметни кога на здравствената и економската криза, ќе се надоврзе и криза во меѓуетничките односи.

За ваквата состојба придонесоа многу фактори: молкот на институциите пред самоволието на верските авторитети кои постапуваа спротивно на сите препораки за заштита на јавното здравје, функционирањето на државата со техничка влада, селективното медиумско известување и масовното присуство на дезинформации, но и поттикнувањето на говор на омраза на етничка основа од страна на јавни личности.

Во таа насока, Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска поднесе пријава против академик Катица Ќулавкова за нејзината изјава на социјалните мрежи, со која поттикнува нетрпеливост помеѓу етничките заедници. Нејзиниот твит „Цената на соживотот ја плаќаме со животот.“ имплицира дека причината за ширењето на вирусот се меѓуетничките односи, а не општо распространетото непочитување на мерките. Имајќи предвид дека во нашата држава доминира говорот на омраза токму на етничка основа, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина, затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти. А тие по дефиниција се разорни за ранливото социјално ткиво и имаат потенцијал за да ја нарушат националната безбедност. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат интелектуалци, политичари, новинари и други личности со поголемо општествено влијание.

Иако праксата покажува дека обвинителството и судот речиси никогаш не ги процесираат случаите на говор на омраза, сметаме дека е неопходно да се осудат постапките на сите јавни личности кои влијаат кон продлабочување на поделбите и разгорување на омразатa. Истовремено, апелираме до сите граѓани и општествени чинители да покажат повисока свест и одговорност и да не дозволат ескалација на овие исклучително негативни појави“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.