Предавање на Бифо за почеток јубилејниот КРИК - фестивал за критичка култура

08.06.2020 11:38
Предавање на Бифо за почеток јубилејниот КРИК - фестивал за критичка култура

Со утрешното (вторник, 9 јуни, 2020) предавање на светски познатиот италијански комунистички теоретичар, филозоф и активист Франко Берарди – Бифо почнува годинешново петто издание на КРИК – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт. Предавањето насловено „Не можам да дишам - респираторен хаос и поезија“ ќе се одржи онлајн, од 19 до 21 часот, на Фејсбук страницата на фестивалот.  Ова е прво од серијата предавања проследени со разговори кои ќе се одржуваат во текот на јуни. Станува збор за познати теоретичари: Светлана Слапшак, Џули Реше, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо.

Франко „Бифо“ Берарди (роден на 2 ноември 1949 година) е италијански комунистички филозоф, теоретичар и активист. Тој бил клучна фигура во италијанското движење за автономија во 1970-тите, кое го славеше капацитетот на работникот за социјални промени. Неговата работа главно се фокусира на улогата на медиумите и информатичката технологија во пост-индустрискиот капитализам. Берарди има напишано над дваесетина публикувани книги, како и голем број есеи и говори. Моментално работи за списанието „Дериве Апрододи“, и предава социјална историја на комуникација на „Accademia di belle Arti “ Милано. Тој е ко-основач на е-магазинот rekombinant.org, на telestreet движењето и на каналот Орфео ТВ. Последните публикации: Востанието (2012); Душата на работа: од отуѓување до автономија (2009); и несигурна рапсодија: Семиокапитализам и патологии на пост-алфа-генерација (2009). Берарди живее и работи во Болоња.

Тематските рамки на КРИК, кој ќе се одржува во текот на оваа година се обединети во насловот на ова издание на фестивалот: „Конечноста и кршливото општество – слобода, социјализам и секуларност“ – кој директно произлегува од книгата која Контрапункт ќе ја издаде во текот на јули, а која беше повеќекратно прогласувана за најрелевантна книга во сферата на политичката филозофија во 2019 година. Станува збор за „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, од еден од најзначајните филозофи на нашето време, Мартин Хеглунд.

„Оваа година прославуваме пет години од постоењето на КРИК – фестивал за критичка култура, кој е замислен како отворена платформа за развој и практикување на критичка култура.

Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред можеби најважните предизвици за кои досега само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, сме разговарале - што значи практикувањето, втемелувањето на одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура. Во мигов сме соочени со најранливото лице на светот, кое не постои ниту само во умните книги, ниту само на масовните форуми и конференции, ниту само во интелектуалните парадигми. Сега ни се случуваат во реалниот простор и време тагата и распадливоста на она што го живееме како претпоставена заедница, култура, политички имагинариум.

Соочени сме со конечноста на светот во неговите најкревки аспекти. А се чини не бевме спремни за вакво радикално соочување. Досега, страдањата на милиони сиромашни, отфрлени, унижени, потиснати ширум планетава, која буквално вреска затоа што ја рануваме катадневно заради нашето безумие и алчност, поминуваа досега речиси незабележано – арогантно ги игнориравме болката и маката на илјадниците луѓе, затоа што тоа „умирање“ секогаш се случува „таму некаде“, не во нашиот „цивилизиран и еманципиран“ и „добро уреден“ двор. Реалната и масовна закана од една болест ничкум ги преврте нашите досегашни императиви за мобилност, за општествена интеракција, за размена на вредности. Овојпат, светот дистопично „крикнува“ и вели дека е крајно време за нови прадигми, за престукрирање, превреднување и поставување на радикално поинакви културни и политички смерници.
И покрај тоа што КРИК – фестивал за критичка култура е длабоко вкотвен во агората, сепак, ќе се обидеме во условите кои се зададени и понатаму да ги истражуваме заеднички формати преку кои ќе отвораме прашање и ќе се обидеме да дадеме барем некои одговори за темите ни беа зададени за овогодинешното, петто, јубилјено изданије, а кои сѐ уште ни се чинат актуелни. Ќе се фокусираме на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување. Станува збор за области кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот “, велат програмските уредници на фестивалот Искра Гешоска и Артан Садику.


КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.

КРИК има цел да застане во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа низ која ќе се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба. Со КРИК сакаме да ѝ се спротиставиме на „културата на тишината“ промовирајќи критички дијалог, нови форми на пласирање и примена на знаењето, на современата меморија и актуелната политичка историја, отворајќи можност за постојани општествени трансформации.
КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

Мотото на КРИК и понатаму останува втемелено во размислата на Ален Бадју:
„Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството со едра придвижени од ветриштата на креативната уметничка конфронтација и на политичката имагинација.“

****
Уреднички тим: Искра Гешоска, Артан Садику, Станимир Панајотов, Јана Коцевска и Тијана Ана Спасовска
Постојан соработник и консултант: Петар Милат
Специјален соработник: Бранимир Јовановиќ
Постојани партнери на Контрапункт и на КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk
КРИК – фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz kulturstiftung, Министерство за култура на Северна Република Македонија, Гете институт Скопје, Гете институт Брисел, Креативна Европа

 

ОкоБоли главаВицФото