Иван Крастев: Короната ги покажува мрачните страни на глобализацијата

09.06.2020 12:29
Иван Крастев: Короната ги покажува мрачните страни на глобализацијата

ДВ: Господине Крастев, Вашата нова книга „Дали веќе е утре?“ наскоро ќе биде објавена на 19 јазици. Во неа опишувате седум парадокси на пандемијата со коронавирусот, но на крајот сепак се работи за иднината на глобализацијата. Првиот парадокс би можел да се опише вака: вирусот е производ на глобализацијата и истовремено ја движи напред. Како го објаснувате тоа?

Крастев: За мене лично, најголемо откритие беше дека следиме една криза која има навистина многу лица и која се движи во голем број различни насоки. На пример, короната ги покажува темните страни на глобализацијата. Меѓусебната зависност, економската зависност веќе нема да се гледа само како извор на сигурност, туку и како извор на несигурност.

Така на пример, дојдовме до заклучок дека сме потполно зависни од медицинските производи, кои доаѓаат од другата страна на земјината топка и дека во момент на криза не можеме да се потпреме на тоа дека ќе можат да стигнат до нас. Истовремено, откриваме дека вирусот, кој се појави на другиот крај на светот, може да го промени животот на секој од нас. Тоа се темните страни на глобализацијата.

Меѓутоа, истовремено ја доживуваме глобализацијата на духот на секој поединец. Одеднаш почнавме да живееме во ист свет. Замислете некој што не зборува странски јазик и живее во некоја мал град или село. Тој човек може да ги врти каналите и да слуша сите јазици, од кои не разбира ниту збор, но точно знае за што се зборува во главните вести на сите јазици. Затоа што светот зборува само за една работа.

ДВ: Во вашата нова книга констатирате дека Европјаните во времиња на еконмски страв би можеле да препознаат дека национализмот не е економски одржлив. Во пандемијата, Шведска избра свој пат, но сега се соочува со исти еконмски тешкотии како и остатокот од Европа. Дали ЕУ ќе има посилна улога во претстојната економска криза предизвикана од Ковид-19,отколку што имаше во борбата против самиот вирус?

Крастев: Сигурно! И тоа гледаме уште сега, добра потврда за тоа е предлогот на Меркел – Макрон. А Шведска е навистина класичен пример за тоа дека какви било одлуки да донесе една влада, тоа што ќе се случи со нејзината економија зависи и од одлуките на владите на другите држави.

Шведска одлучи да не го запира стопанството, во надеж дека на тој начин значително ќе ги ограничи економските трошоци од кризата. Тие не затвораат, но затвораат другите. Заради тоа „Волво“ камионите не може да се произведуваат, затоа што деловите кои се увезуваат од другите делови на Европа или светот не можеа да пристигнат. На крајот ќе се најдеме во ситуација во која економскиот пад на Шведска ќе биде поголем отколку во некои држави како Полска или Австрија, кои целосно го запреа своето стопанство.

Ако светот навистина се движи во насока на протекционизмот, ако глобализацијата е следена од регионализацијата и од одредена доза на деглобализација, тогаш најголем број од европските држави, дури и најголемите како Франција и Германија, се премали за да бидат економски протекционистички.

ДВ: Го преиспитувате тврдењето дека авторитарните режими подобро се избориле со короната, отколку демократски избраните влади и идентификувате два главни фактори за успешно надминување на пандемијата.

Крастев: На почетокот на кризата навистина изгледаше разумно да се претпостави дека авторитарните режими би можеле подобро да се борат со пандемијата, отколку демократските; но некои авторитарни режими добро се изборија со короната, а некои не.

Значи, природата на политичките режими не била одлучувачки фактор. Постојат уште три фактори: првиот е основната доверба во населението. Во вакви типови криза не можат да се апсат луѓе и потоа да се мисли дека така ќе се победи кризата. Луѓето би требало да почнат да ги мијат рацете. За тоа е потребна одредена доза на доверба, затоа што луѓето мора да одговорат на пораките од владата.

Во едно општество со голема доверба, како што е во Германија, а да бидеме искрени и во Кина, каде довербата во владата, исто така, е прилично голема, некои насоки во корона кризата функционираа добро. Во државите како што е Иран, авторитарноста не помогна многу да се добие реакција каква што сакаше владата.

Вториот фактор е, се разбира, капацитетот на државата. Не само колку пари се издвојува за здравствениот сектор, туку и колку државата може да се организира, пренасочи, како може да комуницира.

Третиот фактор се искуствата со слични инфекции. Не е случајност што некои азиски држави како Хонгконг, Кина или Сингапур, кои имаат различни влади, веќе во стартот реагираа ефикасно, бидејќи имаа 10, 15 години искуство и заради тоа имаа повеќе маски отколку кој било друг.

Фотографиите се дел од проектот „Човекот во жолтото заштитно одело“ на Небојша Гелевски – Бане

Извор: Дојче веле на српски јазик

 

ОкоБоли главаВицФото