Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (18)

09.06.2020 12:22
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (16)

„Аб'т“, Оливера Ќорвезироска, „Или -Или“

Цела нoќ спроти четвртокот кога требаше да се почне со копање на бунарот, мама и татко ми се караа, око не склопија.Нивните реченици трчаа низ куќата де како палави деца, де како осоколени старци пред смрт и не нѐ оставаа ниту нас да спиеме. Најдрските зборови се спуштаа по гелендерите кршејќи ја тишината на ноќта со вресок.Лежев на креветот што го немаше во детската соба и одвреме-навреме ќе уловев некој збор во мрежата на љубопитството и начулените уши. „Молерење“ беше зборот што прв го фатив во гласот на мама, речиси зарипнат од возбуда.„Бунар“ беше зборот што прв го фатив во гласот на татко ми. Не знаев како да си ја составам сопствената иднина само со овие два збора што немаа никаква врска помеѓу себе. Едниот беше превисок, другиот предлабок. Сонот ми се ишара како некој да помина по него со валјак и сребрена боја и така измолерен ме понесе сосила некаде длабоко...

Рано сабајлето додека сите ги влечевме грдите ноќни зборови зад себе како опашки, однадвор ни влезе отсечен метален звук на лопати, копачи и дикели, брчење на камиони. Работниците беа дошле кај дупката. Рикнаа звучниците на бандерите, се подготвуваше да започне уште една циганска свадба.Третиот звук што грмна и најмногу нѐ стресе дома беше ѕвончето на влезната метална врата.Бунарџиите беа дојдени точно во закажаното време. Мама ги пречека најљубезно на светот и долго време потоа не спомна колку многу сака да ја измолери куќата.Различна боја, различна шара во секоја соба...Почна да се однесува со бунарот како со најголемата неопходност и незаменливост за семејството.

- Не сте го откорнале бурјанот, не е спремно - рече Стево, а Русо извади срп од една голема ткаена торба и веднаш почна да го сече зеленилото.

- Аирлија газда! - му рекоа на татко ми и удрија со копачот на местото коешто тој одамна го намисли и им го подметна како најдобро за бунар.

Од нигде никаде, токму во тој миг, се појави Алинка и рече „Аирлија!“ наместо татко ми. Изгледаше некако нестварно. Во сите џебови носеше графитни моливи. Дури и од горното џепче, над цицката, ѝ стрчеше убаво наострен молив. Со срцето угоре. Стево ги лизна очите вземи. Русо, пак, сосем спротивното. Ги поткрена и ги закова за горното џепче. Ама не за наострениот молив, ниту за неговото срце, туку директно за цицката на Алинка.



 „Вергина“, Јана Узунова, „Или -Или“

Живеев во Вергина со баба ми и седумте мачки. Станот беше на петтиот кат, старински суреден,со мирис на изгниено дрво и застоена мачешка мочка, а беше дел од светилник, адаптиран за живеење од луѓе кои беа дојдени тука да работат од различни крајчиња на земјата. Вергина не беше некојси Париз, ама луѓето тука си ги постилаа надежите како чергиче на кое требаше да се стркала некое случување, за постарите некое парче пристоен опстанок, за романтичарите некојаси љубов, забава за помладите, а јас не знам во која категорија на луѓе спаѓав, само знам дека сакав сѐ.Преку ден по ќошињата од улиците можеа да се видат бабички кои продаваа секакви тракатанци за трошни пари, зашто внуците растеа и едвај се прехрануваа, а навечер се слушаа свиркањата на мажи кои скитаа по улиците со светкави очи и горделива машкост, во потрага по лесна љубов. Сепак, секој што живееше во Вергина ја сакаше Вергина. Да се чудиш! Ветрот носеше смог и смрт во воздухот, фабриките кашлаа деноноќно.Молох ни ги готвеше телата додека спиевме, а луѓето пееја химни и фанфари на улиците и на плоштадите.Старата добра девојка Вергина, која сакаше да биде Џаконда, а всушност беше Венера на Рембо. И сите ние ѝ се клањавме, пробувавме како глувци по секоја цена да дојдеме до своето парче сирење.

Беше вештерски час.Ждрелата на фабриките стоеја заканувачки свртени кон стариот заборавен бог. Неспијачите, испоседнати на балкон во ноќна молитва, со цигара во раката наместо кандило, ги гледаа овие забревтани чудовишта и ги преколнуваа со нив да ја земат тагата и долгите вечерни саморасправии што им предизвикуваа несоница. Кога загадениот воздух ќе се спушташе долу, создаваше перпетуална магла од која ни се собираа белите дробови до степен на мали црвци дождовници.Дури и умот ни беше поматен од таа проклета магла. Се однесувавме неумерено и животински.Се тепавме со шлаканици со сопствените кошмари, што доаѓаа и си одеа заедно со маглата, а утрината се будевме со страшен замор.Во такви денови, моите два прсти свиреа џез на работ од креветот, а ми требаа вонземски напори да станам и да го напуштам тој мој мек затвор и да се фрлам во пространството наречено живот.

Две кутии цигари рипнаа низ балконот и слетаа долу во морето од догорчиња. Тупаниците се стегнаа за нова борба.Како стареевме, така и зглобовите ни стануваа поиспакнати и потврди. Како стареевме, така и храброста чиниш растеше во нас.Волкот на хаосот како да сакаше одамна да ја проголта оваа Гомора, ама некоја судбина го држеше закован таму горе за некое соѕвездие.