Шеесет години „Психо“ – ултимативниот хорор

09.06.2020 14:34
Шеесет години „Психо“ – ултимативниот хорор

„Публиката дотогаш не видела нешто слично – огромен шок од убиството на главниот лик и тотално чувство на дезориентација“, стои во сите новинарски, критичарски и академски текстови за „Психо“ (1960) на Алфред Хичкок. Сцената на убиството под тушот и врисокот на Џенет Ли, тој вртоглав след на слики, своевиден филм во филм, благодарение на музиката на Бернард Херман е она што го прави „Психо“ фундаменталниот филм на стравот.

Снимен по романот на Роберт Блох, кој пак е инспириран од новинарски текст за некој човек од Висконсин кој го чувал телото на својата мајка, како и од дуалноста во фројдовската психологија, „Психо“ е архетип за психолошки трилер. Доаѓа по најголемите успеси на Хичкок – „Заден прозорец“, „Вртоглавица“ и „Север-северозапад“ за минимален буџет дури и за стандардите на шеесеттите години и премиерно е прикажан во Њујорк на 16 јуни. Рекламната кампања го позиционира како најстрашниот хорор некогаш снимен и е еден од најраните примери на графичко насилство во филм, најавувајќи го раѓањето на slasher филмовите. Романот на Блох е мрачен, морничав, а ликот на Норман Бејтс е базиран на серискиот убиец Ед Гејн од Висконсин (инспирација и за убиецот во „Кога јагнињата ќе стивнат“), но Хичкок одбил сериозно да се бави се случајот бидејќи, како што и самиот вели во едно интервју, на тој начин ќе ја нема мистеријата и неизвесноста. Приказната на „Психо“ е позната - по кражбата на 40 илјади долари, Мерион Крејн (Џенет Ли) бега кон Калифорнија кај својот љубовник Сем. Попатно застанува во осамениот мотел чиј сопственик е Норман (Ентони Перкинс). Мерион е убиена, а детективот Арбогаст (Мартин Балсам), заедно со нејзината сестра Лајла (Вера Мајлс) се обидуваат да дознаат што се случило.
Џенет Ли како Марион Крејн
„Психо“ е првиот американски филм во кој е прикажана тоалетна школка. Сценаристот Џозеф Стефано со помош на Хичкок ја додава оваа сцена како важен дел од дејството, не само како дел од бањата. Двата радикални потези кои во тоа време се вистинска иновација во Холивуд – на половина од филмот главната актерка е елиминирана. На Хичкок му биле потребни 7 дена за оваа сцена – 45 секунди долг низ на слики, а за да се не се вознемират цензорите е повлечена снимката од голиот задник на Џенет Ли. Секако и самата Ли не била баш најсреќна што требала да се појави гола пред камерите и Хичкок ја донел егзотичната танчерка по име Марли Ренфо како дублерка. Гледајќи го целокупниот контекст, сето ова се случувало во американските соништа и кошмари и ја забрзало американската популарна култура во доба на пермисивност и екплоатација.

Некои критичари тврдат дека „Психо“ е критика на материјализмот и лажните вредности на американската средна класа – прељуба, мотели, разводи, продажба на автомобили и имоти, неконтролирана потрошувачка, полициска злоупотреба – сето она што Хичкок го претставува низ хумор, но не сакал подлабоко да навлегува во суштината. Но, она што интригрира и по шеесет години, не е само сцената под тушот, туку начинот на кој Хичкок манипулира со својата публика уште од првата сцена во филмот. Публиката е поставена во улога на воајер и тоа во период кога воајеризмот е табу тема со која Холивуд не би се бавел. А Норман Бејтс е оној кој сака да гледа. „Предокот“ на Норман може да се најде во женскиот имитатор и убиец Хендл Фејн во Хичкоковиот „Убиство!“ (1930) на кого се реферира како „стопроцентна He-woman”. Играта со родовиот и сексуалниот идентитет е секогаш вознемирувачка, како што е во „Психо“ или комична како во „Некои тоа го сакаат жешко“ (1959) на Били Вајлдер. Така, Норман е директно контролиран од гласот на мртвата мајка која го тера да ја убие секоја жена која сексуално го привлекува. И овде е замката која Хичкок ја поставува за гледачите: ја гради тензијата со тоа што до самиот крај крие дека убиецот е Норман, а не неговата мајка. Другото средство е драматичната музика, звукот на врисок и чкрипење секојпат кога „госпоѓата“ Бејтс напаѓа. Во сцената во која Лајла се престрашува од својот лик во огледало се случува измама – се слуша истиот звучен мотив, но убиството изостанува, а стравот кај гледачот останува.
Ентони Перкинс како Норман Бејтс
Успехот на „Психо“ е и поради тоа што делува релативно едноставно. Уште поважен е ефектот кој го има врз социјалните и културните текови од 20 век што го направија „Психо“ и неговите не толку славни продолженија и римејкови траен и далекусежен феномен. Во документарецот на Тед Хејмс од 1999 година „Dial H for Hitchcock: The Genius Behind the Showman“ Брајан де Палма, веројатно најпосветениот „имитатор“ на Хичкок со „Облечена да убива“ забележува дека Хичкок секогаш ги користел филмските елементи во нивната најчиста форма и го бранел својот начин на создавање инсистирајќи дека содржината е секогаш генерирана од стилот, а стилот е оној кој ја создава емоцијата. Џон Карпентер, пак, токму од „Психо“ ја наоѓа инспирацијата за „Ноќ на вештерките“, а Стив Мајнер во продолжението „Ноќ на вештерките: 20 години подоцна“ прави омаж на филмот во сцената каде Лори Строд (Џејми Ли Кертис) налетува на постара госпоѓа која ја игра нејзината мајка - Џенет Ли, односно Мерион Крејн. „Психо“ го менува начинот на кој функционирале филмовите и таа воајеристичка суровост оставила трага на кинематографијата – од франшизата за Џејмс Бонд до филмови како „Бони и Клајд“, „Пеколен портокал“, „Таксист“, „Сјаење“, „Кога јагнињата ќе стивнат“, „Евтини приказни“... Ја прикажува автентичната американска параноја, а Хичкок успеал во намерата да ја заведе публиката во воајеристичкото возбудување од гледањето на сопствената мрачна страна, токму како што сугерира и Норман Бејтс на крајот на филмот: „Сите понекогаш сме помалку луди“.
Франсоа Трифо, Хичкок и преведувачката Хелен Џ. Скот
РАМКА:

Во 1962 година режисерот Франсоа Трифо ќе го интервјуира Хичкок, разговор во речиси педесетина часови, со помош на преведувачката Хелен Џ. Скот, што ќе резултира со книгата „Хичкок“ во 1967 година. Интервјуата се правени во студијата на „Јуниверзал“ кога се завршува постпродукцијата на „Птици“. Книгата станува еден од класичните водичи за филмската уметност и занает и студија за Хичкоковото дело и запознавање на генерации режисери со врвен индивидуалист и автор. Во овој дел зборува токму за „Психо“

Трифо: Во „Писхо“ постои цела апаратура на производство на страв, нешто сенишно, таинствено, стара куќа...

Хичкок: Мислам дека таинственоста на амбиентот во извесна мера е случајност: во северна Калифорнија ќе најдете многу градби кои потсетуваат на куќата од „Психо“, попознати како „калифорниска готика“. Не почнав да снимам со намера да добијам атмосфера од старите филмови на стравот, сакав да бидам веродостоен. Нема сомнеж, куќата е верна репродукција на вистинска куќа, а мотелот е копија. Ги избрав таа куќа и тој мотел затоа што сфатив дека приказната не би имала ист тек со обична викендичка; оваа архитектура одговараше на атмосферата во приказната.

Трифо: Од друга страна, во „Психо“ нема ниту еден симпатичен лик со кој гледачот би можел да се поситовети.

Хичкок: Тоа не е ни потребно. Мислам дека публиката се сожалува со Џенет Ли во моментот на нејзината смрт. Всушност, првиот дел од приказната е токму она што Холивуд го нарекува „црвена харинга“, односно измама смислена за да го сврти вниманието за убиството да изгледа посилно, што би претставувало потполно изненадување. Беше потребно почетокот да биде долг – сето она што се однесува на кражбата на парите и на бегството на Џенет Ли – за да се поттикне публиката да се запраша: дали ќе ја фатат? Се сеќавате на моето упорно истакнување на оние 40 илјади долари; пред филмот, за време на снимањето и до самиот крај настојував да го зголемам значењето на тие пари.

Сторибордот од сцената под тушот, дизајн на Сол Бас
Трифо
: Убиството со нож е навистина успешно.

Хичкок: Снимањето траеше седум дена и користени се седумдесет положби на камерата за тие 45 секунди! За сцената ми направија извонредно вештачко торзо исполнето со крв кое требаше да прска под убодите, но на крајот не се послужив со него. Го снимив со дублерката на Џенет; од Џенет се гледаат само рацете, рамената и главата, останатото е модел. Секако, ножот никогаш не го допира телото, сè е изведено во монтажата. Ниту еднаш не се гледа некој забранет дел од женското тело бидејќи одредени кадри ги снимавме забавено.

Трифо: Тоа е сцена со неповторлива жестина.

Хичкок: Тоа е најнасилната сцена во филмот, а како што тече приказната насилство има сè помалку, бидејќи сеќавањето на првото убиство е доволно за моментите на напнатост кои следат станат навистина мачни.


Текстот е првично објавен во списанието Филм +, број 37/38, мај/јуни 2020