Водо-пат

09.06.2020 14:39
Водо-пат

Стои мала капка на јаболков лист
и сонува да стане водопад чист.

Полека се лизга, почнува да паѓа
и сонува како во млаз нов се раѓа.

Запира, се тетерави, за лист се држи
дур ветрот ја колеба и низ гранки ’ржи.

„Вода сум, паѓам, но водопад не сум -
нит реки раѓам, нит полна со бес сум.
Никогаш езеро не ќе видам јас,
ни море, ни река со жуборлив глас.“

Облак ја слушна бескрајната тага
па испрати дожд до капката драга.
Ја пречека земја со сласт за влага
во нивата под дрвената снага.

Заробена помеѓу грутки и трева,
сал поглед кон небото капката крева.

„Никогаш нема в река да идам
и водопад в шума јас да бидам.“

Сонцето го виде тој плач тажен
и без никому нешто да каже
зрак испрати од небо – ко јаже
до земјата – на разговор важен.

И пред да каже и друг таговен збор,
капката испари до облаков двор.

А облакот, со дождовни капки преполн,
се истури над шумата за час неполн.

Дур леташе така в дождовниот строј
и чекаше пак нов со земјата спој,
се најде со бранови бесни во бој
и заита напред ко пчелка во рој.

А таму, ко гостин што дошол на бал,
ја прими водопадот – шумскиот крал
и како по тобоган – строго, без жал,
ја фрли кон дното ко бескраен шал.

илустрација: Елена Митреска

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото