Вирусот е доведен до „социјална категорија“ – затоа е заебан

09.06.2020 14:55
Вирусот е доведен до „социјална категорија“ – затоа е заебан

Вчера во Гетеборг, Шведска, по кратко боледување, почина нашиот пријател Христо Поп-Дучев. Беше роден на 25 јули 1961 година. Корчагиновец. Како најдобар ученик четвртата година од гимназија ја заврши во САД, во Сиетл. Студираше на УКИМ, магистрираше на Шалмерс Универзитетот во Гетеборг, Шведска.

Попот беше еден од најинтересните скопјани на сите времиња. Една од најважните фигури на нашата „алтернативна сцена“ во 80-ите години, пред да се пресели во Шведска. Имаше безброј приказни, постојано на рабовите на (не)стварното. Беше исклучително талентиран раскажувач и пишувач.

Деновиве на Окно ќе се потсетуваме на него. Трајна му слава!

Овде денес пренесуваме негов текст од почетокот на април годинава.


 

Ај, ќе ви го закачам, така вели Марс, Vlado Manchevsky, мојата најголема инспирација:

”Еден совет: Остани Мома! ( наместо остани дома ). Кога само би знаел дека еден ден ќе видам толку хирурзи по градов... Баба ми ми ка'жа и се изла'жа. Дедо ми отиде на сафари и не се врати. Чичко ми куртули од извршители. Снаа ми ми шепна. Ова ли ви се мудростите? Толку ви е, чисти чисти, не можам да ве исчистам од список.”

„Остани Мома ама пази се од Ставре, Ставре и кога нема ерекција носи дрвено дилдо за тебе Моме ле...“

...А пази ова: прашање е дали вирусот е воопшто нешто живо (!?) Тој може да се репродуцира ама нема клетка. За жив створ треба клетка - така вели „cell-theory“ пред дарвинизмот (бактерија од друга страна пак е нешто живо, има клетка, со недостатоци, но сепак – клетка). Вирусот нема клетка и е затоа нестабилен, мутира и не произведува сопствена енергија, не гори шеќер, само краде од други клетки.

Вирус е „осветата“ створена за прв пат во плунката на еден од оние со кои Исус крши леб. Вирусот е обид за враќање на Дијаболично царство на Земјата. Вирусот е андроид.

Ако гледам низ очилата на Ѓаволот тогаш попрво би направил бактерија која би била подвижна и пргава ко вирус. Со бактерија се убива многу брзо и ефикасно; замислете една таква масовна инфекција. Но Ѓаволот повторно не успеа да си ја изврши задачата и покрај тоа што сите непознаници му беа на маса. Затоа се сомневам дека е вмешан човек, не во креирање на вирусот туку како параметар на „глупост“ во целото случување.

Цивилизациите пред Исус научиле како да живеат со вируси, ко некаков тип на ко-егзистенција. Вирусот има генетски материјал, а ние, некаде во 70-ите од минатиот век се излажавме кога помисливме дека имаме (дури) три универзални генетски теории. Се покажа дека ни една не пие вода до крај. Цивилизациите пред Исус научиле да живеат со вируси зашто немале време да се бават со тоа, морале цело време да се движат во потрага по нови ресурси, по пат се размножувале и сите биле многу попалени на ебење. Биле ептен horny. Имало и мешање на видови. Возможно е нашата прва прамајка, првата Ева, да е неандерталец, или првата Ева била хомо сапиенс а првиот Адам бил - неандерталец. За ова има генетски записи од пештери во Шпанија и Кина - како една мајска ноќ една смрзната Ева му влегла в пештера на Неандерталецот кој доглодувал коски од пра-историско магаре.. .и он ѝ дал коска на Ева... една случка водела кон друга и набргу имале бестијален секс, со заривање заби и шлаканици по г‘з.

Има такви сцени во црно бели порно филмови од Њујорк некаде од 30-ите години од минатиот век. Тоа се гротескни филмови, повеќе slapstick отколку порно, контекстот и црно белата техника ги прави дури кичесто симпатични но и ги приближува кон уметноста на постмодерната; има во нив неандерталци и Еви, еби-еви, магариња и дрвени дилда... дилдоА...Никому не му паѓало на ум да мисли на неволја во вид на настинки и вируси. Инфекции од бактерии биле нормална појава, никој не обраќал внимание ни на тоа. Морало да се ебе, да се убијат преостанатите бизони меѓу двете планини и да се менува локацијата.

Вирусот е доведен до „социјална категорија“ – затоа е заебан, на човечката глупост ѝ нема крај. Ама несакајќи, и покрај глупоста, можеби ќе има промени на арно. Без вирус ќе земеше генерации, можеби со вирусот ќе оди побргу таа вирусна транзиција на пост индустриски капитализам од најнечовечки вид во нешто друго. Тоа нешто друго или ќе задржи статус кво со променети услови или тотално ќе промени парадигма. Третата варијанта е да изумрат неколку милиони и бргу да се заборави сето ова, NASDAQ пак да рипне, Ставре пак да го пикне...

03.04.20.

ОкоБоли главаВицФото