Руски тајкун, а не „Форбс“, ја смести Македонија на 103 место во борбата со Ковид-19

11.06.2020 11:12
Руски тајкун, а не „Форбс“, ја смести Македонија на 103 место во борбата со Ковид-19

„Форбс“ ја рангираше Македонија на 103 место како една од најнебезбедните земји во справувањето со коронавирусот“. Ваквото бомбастично тврдење го пренесоа повеќе домашни медиуми. Тоа го искористи и опозицијата за да обвини за погрешни политики и одлуки од страна на власта, а истото стана и основа за барање политичка и експертска одговорност од Комисијата за заразни болести.

Но, „Форбс“ воопшто не ја рангираше Македонија на 103 место како најнебезбедна во справувањето со коронавирусот. Фактите говорат дека истражувањето не е на реномираниот бренд, туку „Форбс“ само го пренесува истражувањето, инаку нарачано од „Deep Knowledge Group“, конзорциум на компании и на невладини организации во сопственост на рускиот бизнисмен Димитриј Камински. „Deep knowledge group“ инаку, има бизнис интереси во областа на истражувањето на болестите, стареењето и регенеративната медицина.

Истражувањето, иако е цитирано од „Форбс“ и иако во оригиналниот напис на „Форбс“ стои изворот од каде што го презеле, сепак тоа во македонските медиуми доживеа второстепено, секундарно или никакво значење, односно не беше дословно презентиран фактот дека истражувањето, всушност, не е на „Форбс“. Напротив, со цел да се добие на кредибилност на изворот, брендот се цитираше и своевидно се злоупотреби за подобро да помине тезата за наводниот катастрофален начин на кој здравствените власти се справиле со пандемијата кај нас.

Да биде уште почудно, рангирањето е направено од страна на организацијата, уште во месец април, но својата голема промоција во Македонија ја доживува во деновите кога се појавуваат најголем број заразени и кога има троцифрена бројка на дневно ниво, консекутивно.

ЧУДНИ СПОРЕДБИ

Како што обзнани „Дојче Веле“, рангирањето пренесено од Форбс, а инаку од Deep knowledge group, е оспорено во Бугарија. Имено, една од споредбите што се прават се меѓу Шпанија и Бугарија. А, Шпанија има 241.550 случаи на заболени од коронавирусот и е шестата земја во светот со најголем број заразени.

Во истражувањето на „Deep knowledge group“, со таква бројка на заразени, Шпанија е рангирана на 45 место. Од друга страна, пак, Бугарија со само 2.810 случаи, е рангирана на 48 место во истражувањето. Оваа нелогичност е причина бугарскиот весник ,,24 Часа” да се спротивстави на ова истражување, односно да ја постави дилемата за неговите критериуми и параметри.

Со слична теза, излезе и поранешниот министер за животна средина и просторно планирање Тони Поповски, кој на својот Фејсбук профил напиша:

Први 10 жаришта во светот (податоци од 09.06.2020 година од worldometers.info) според активни случаи – заразени лица како процент од вкупно население и место на ранг листа на Форбс:

Катар (0.93%): рангиран од Форбс на 26 место од 200 држави

Бахреин (0.35%):рангиран на 23 место

САД (0.34%/): рангирани на 58 место

Перу (0.32%/); рангиран на 96 место

Ерменија (0.30%): рангирана на 81 место

Белгија (0.28%): рангирана на 78 место

Кувајт (0.27%/): рангиран на 21 место

Белорусија (0.26%): рангирана на 63 место

и Оман (0.26%) рангиран на 33 место

Сингапур (0.23%), до вчера се мачеше со втор бран е рангиран на високо 4 место

Македонија со 0,06% на во моментов заразени лица од вкупно население, што е скоро 4 пати помалку од десетото глобално жариште Сингапур – кој е рангиран 4ти кај Форбс а ние на 103 место!? Бројот на активни случаи е еден од 4-те „крунски“ индикатори на пандемија заедно со број на заразени (и новозаразени), опоравени и починати. Од страна на Форбс се користени 130 параметри но не и индикаторот за активни случаи (кој % од населението е заразено во моментов)!? Една каша попара од 130 параметри, 6 категории на индекси па дури потоа рангирање, без податок во Извештајот за факторирање на параметри и начин на пресметување на кумулативен индекс за секоја од 6 те категории.

Нарачателот на рангирањето, Дмитри Камински е милионер од Молдавија, познат по сонот да се победи смртта и инвеститор во биотехнологии и сè што може да го продолжи животот на луѓето, напиша Поповски

Освен тоа, од април до денеска, светските статистики драстично се променија и со новите бројки и состојби, комплетно е неможно истражувањето направено во април да ја отсликува реалната состојба околу тоа дали некоја земја е побезбедна или понебезбедна во справувањето со коронавирусот. Запрашан на прес-конференција за ова, доктор Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести, рече дека доколку истражувањето било направено пред само две недели, кога Македонија имаше далеку поповолни бројки на новозаразени и кога не беше удрен вториот бран, тогаш состојбата би била поинаква.

И од СДСМ се огласија дека анализата и рангирањето на „Deep Knowledge group“ е критикувана од цел свет, со оглед на тоа што воопшто не е наведена методологијата на рангирање, а од страна на компанијата е наведено дека се користени јавно достапни информации и дека не презема одговорност за точноста на истата.

Инаку, не е првпат да се злоупотребуваат содржини објавени во „Форбс“. Пред шест години, на пример, имаше текстови во кои што се тврдеше дека „Форбс ја отслика Македонија како бисер на Балканот“, а всушност, тоа беа платени огласи од тогашната влада. (за ова има рецензија на Сервисот за проверка на факти од медиумите)

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото