Расизмот како норма

11.06.2020 13:00
Расизмот како норма

Кога црниот репортер на Си-Ен- Ен беше уапсен додека во пренос во живо ги пренесувал протестите во Минеаполис, многумина изразија запрепастување што такво нешто може да се случи во Соединетите држави. За „Вашингтон пост“ тоа беше „знак за пропаста на Америка“, а за претседателот на американскиот ПЕН центар, „дистописки призор“. На социјалните мрежи, негодувањето заради апсењето беше изразено со зборовите: „Ова е Америка овде не ги апсат новинарите затоа што ја работат својата работа“. Но списокот на работи кои наводно не се случуваат во Америка продолжува да се зголемува. Мирните протести не се растеруваат со солзавец: ова е Америка. Претседателите не се закануваат со вадење на војската кога луѓето мирно протестираат против убивањето и угнетувањето: ова е Америка.

За своето црно и етнички млацинско население оваа земја секогаш била место кадешто полицијата ужива имунитет, каде белците се привилегирани, каде правниот систем ги штити само богатите. Администрацијата на Трамп не ги почитува нормите и не се труди да создаде макар привид на почитување на протоколите и ритуалите кои отсекогаш биле клучни за митот „не во Америка“. Ова секогаш била Америка – разликата е само во тоа што таа веќе не го сокрива своето вистинско лице.

Откако Доналд Трамп стана претседател, Американците прават шеговити споредби помеѓу Америка и арапските диктатури – фетишизација на војската, несмасни и вулгарни обиди на претседателот да се прикаже како религиозен, вековните етнички тензии кои повремено предизвикуваат жестоки судири – но, тие шеги сега завршија. По убиството на Џорџ Флојд, почнува да се распаѓа ласкавата слика за себе на Соединетите држави. Оние што се згрозуваат од нападите врз медиумите и полициската бруталност веруваат дека на крајот ќе превладеат суштинските доблести на Америка и не можат да се поколебаат ниту кога на снимките на мобилните телефони го гледаат упорното насилство на полицијата. Увереноста на Америка во сопствената исклучителност е како бубашваба која преживува нуклеарен напад – таа опстанува наспроти сè. Ги преживува пукотниците во училиштата, опстојувањето на казаматот во Гвантанамо и мачењето и убивањето на милиони недолжни цивили од Виетнам до Ирак. Таа го преживува и тоа што Соединетите држави е држава во која коронавирусот однесе најмногу животи во светот.

Увереноста на Америка во сопствената исклучителност е најжилава кога ќе се соочи со реалноста на нејзините структури на расно угнетување, всушност, за тој клучен предизвик е и проектирана. Во основачките години на Соединетите држави, уверувањето во вродената моралност, побожност и супериорност на таа држава во однос на нејзините европски извори, морало некако да ги оправда индустриските размери на дивјачката суровост кон експлоатирањето на црните робови.

Како што се приближувала заканата на аболицијата, така оправдувањата станувале сè посложени. За да го одбрани ропството, Џон Колдвел Калхун, седмиот претседател на Соединетите држави, се повикувал на теоријата на Аристотел за вроденото ропство, историјата на старогрката демократија и славата на Римското царство. Неговата аргументација гласела дека ропството е неопходно својство на успешните цивилизации, а корисно е и за самите робови, кои инаку никогаш не би „го достигнале тоа ниво на цивилизираност и добросостојба, не само физичка, туку и морална и интелектуална“.

Сан Хозе, САД

Со помирувањето на моралните стандарди кои меѓусебно се исклучуваат, порекнувањето само се репродуцира: расизам без расисти врз кои би можело да се фрли вината кога ќе се покаже дека црните Американци несразмерно повеќе умираат од коронавирусот; полициски убиства без убијци и подигнати обвиненија против сторителите; претседател кој доби поддршка користејќи ги расните предрасуди, но за кого, пак тогаш, не гласале расистите, туку запоставените.

Сепак, Трамп се покажа како преголем предизвик за оваа жилава традиција на нормализација на злото со помош на елоквентни трикови. Како вулгарна личност која ужива во конфликти, тој, се чини, ја турка таа традиција кон нејзиниот крај. Има нешто старо и нешто ново во овој најнов расен пожар. Неговиот одек во светот и вниманието што добива во земјата, не се последица на неговата единственост, туку на неговиот интензитет по ескалацијата на настаните. Реториката на Трамп, крвожедноста на републиканците, полицијата со јасни наредби и апетит за насилно гасење на протестите, како и охрабрените бели суперматисти неуморно ја провоцираат нацијата, која веќе ги губи нервите по три години поларизации во врска со Трамп. 

Ако најновите учесници во расната војна – Трамп и неговата дружина ги сфатиме како средиште на кризата, ова ќе биде уште една пропуштена прилика. Соединетите држави премногу често се прикажувани како главен јунак во претставата за моралот, џин кој се бори со демоните и кој на крај ќе ги победи, само ако се создадат услови за тоа. Само демократите да не ја номинираа Хилари Клинтон, Само кога Џон Бајден би победил на изборите, кога би се појавила уште една месијанска фигура како Барак Обама да ја излечи нацијата.

Овие историски моменти опеани во либералните публикации, додека повторно ќе се леат солзи над американската трагедија, како што Дејвид Ремник ја нарече победата на Трамп во есејот објавен во „Њујоркер“, на денот на прогласувањето на изборните резултати. Но тоа ќе бидат погрешни заклучоци, како и оние на Ремник, кога заклучи дека да се оди напред значи „да се бориш чесно и жестоко во име на американскиот идеал“. Не постојат две взаемно спротивставени визии на Америка. Секогаш постоела само една – под Трамп, Обама или кој било што ќе дојде. А нејзините идеали отсекогаш биле исти: на црните жители да им се скратуваат човековите права кои им биле дадени на белите, а кога тоа се прави очигледно, брутално, неспорно, пред камери да се убедува дека станува збор за исклучок, а не норма.

Плоштад Трафалгар, Лондон

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото