Културното и архитектонското наследство – без почит

12.06.2020 10:21
Културното и архитектонското наследство – без почит

Во време невреме кога целото внимание ни е насочено кон здравјето во екот на КОВИД-19 пандемијата и кон опстанокот после неа, културната и архитектонска јавност ја возбудија два чудни настани. Општина Чаир го активира потпроектот за „Промоција на Регионален центар за чаршиски туризам“ со санација на улица „Битпазарска“ и поставување сечени, травертински плочи на површина од 2.240 квадратни метри.

Последователно директорот на Градскиот трговски центар (ГТЦ) реши да го разубави објектот и градот со градење панорамски лифт, непосредно до кружните скали на трговскиот центар. И кој знае по кој пат најповиканите луѓе од струката ги изнесоа своите ставови и негодувања. Јас ќе ја повторам само констатацијата дека Старата скопска чаршија со закон е прогласена за културно наследство од особено значење, а изградбата на лифтот е дивоградба.

На територијата на Старата скопска чаршија и во нејзината непосредна околина се наоѓаат над дваесет културно-историски споменици. Некаде при крајот на прекрасниот чаршиски амбиент се наоѓа Музејот на Македонија, изграден наменски токму за музеј во 1970 година, дело на архитектите Кирил Муратовски и Мимоза Томиќ. Затоа решив да се позанимавам со објектите од оваа област. Како објект од постземјотресно Скопје сместен во срцето на Старата скопска чаршија меѓу Мустафа-пашината џамија и Куршумли-ан овој објект беше и е гордост на градот. Изграден во модерен стил со ништо не го нарушува чаршискиот амбиент, напротив, содржински го збогатува.

Бетонските призми кои доминираат над ситната oколна структура зборуваат со посебен архитектонски јазик, а ентериерното решение нуди извонредни можности за разни музејски поставки. Со површина од 6.500 м2 изложбен простор објектот и денеска го вбројувам во еден од најубавите објекти за таа намена во државата и градот, покрај Музејот на современа уметност. Во каква состојба е денес овој музеј? Според истражувачката сторија на новинарот Гоце Трповски, дотраеноста на зградата веќе предизвикува значителни проблеми и зголемени трошоци за одржување. Галеријата на икони, со една од највредните колекции во државата, е затворена веќе две години поради паднат таван. Половина кат е испразнет поради влага. Видливи се траги од протекување на покривот, а подот е стар и необновен. Управата била принудена да ги извади големите стари килими и предметите од народното творештво, за да не ги оштети влагата. Огромни ѕидови во музејот одамна стојат празни. Музејот нема климатизација за постојано одржување соодветна температура и влажност на воздухот.

Меѓу објектите што се запоставени е и Музејот на град Скопје. Овој објект бил железничка станица изградена во 1938 година, во време кога градоначалник бил архитект, Јосиф Михаиловиќ, а е дело на архитект Велимир Гавриловиќ. Објектот е пренаменет во музеј како остаток од Старата железничка станица, делумно срушена во земјотресот во 1963 година. И како објект, и како содржина во срцето на градот, Музејот на град Скопје е од витално значење за градот и културата и претставува мемориско обележје на едно време и настан.

Откако изгуби дел од својот надворешен простор сардисан од околните градилишта, овој објект се соочува со низа проблеми. Со површина од 2.283 м2 има пет пати помали трошоци од новосоздадените музеи – Археолошкиот и Музејот нa македонската борба, иако има приближно иста изложбена површина. Објектот на Музејот на град Скопје има неупотреблив простор кој е во девастирана состојба и нема доволно галериски простор. Останал без депоа затоа што техничката опрема е стара и неупотреблива. Но, наместо да се вложат ресурси за негово обновување, се граделе депоа на двата спомнати новосоздадени музеи покрај брегот на реката „Вардар“, кои се под нивото на водата и до денес се неупотребливи. Заради сето ова работата на Музејот на град Скопје е отежната и практично е оневозможено организирање сериозни и крупни уметнички настани. Дополнителен проблем кон сето ова е тоа што објектот е опкружен со градилишта веќе подолг период, така што целото опкружување воопшто не му оди во прилог.

Сите четири објекти: Старата скопска чаршија, ГТЦ, Музејот на Македонија и Музејот на град Скопје се објекти од витално значење за овој град и за оваа држава.

Старата скопска чаршија како компактна агломерација претставува богатство кое треба да се чува и негува. Многу патеписци низ времето ја славеле, многу временски премрежија поминале и денес кога врвите низ неа го чувствувате времето на историјата. Одѕвонуваат зборовите на патеписецот Евлија Челебија од 1661 година: „Чаршијата е вонредно убава, со рамни калдрмисани улици со бела калдрма, со красен жив безистен, со прекрасен со олово покриен Карван-сарај. Улиците и плоштадите се окитени со разно зеленило, пред секој дуќан се засадени многу мирисни цвеќиња“. Потфрлија ли стручните институции кои ѝ дадоа одврзани раце на општината да ги унифицира излозите на 90 дуќани и да ја санира калдрмата. Денес кога на голем број дуќани веќе им се сменети излозите со термопан стакла, доста објекти се надградени, многу вредности се изгубени и голем дел од чаршијата е деградиран, уште ли ќе се прашуваме дали треба да се спасува тоа што може да се спаси. На оваа тема неопходна е огромна јавна дебата. Кога станува збор за ревитализација и туристичка промоција на Чаршијата според зборовите на Донка Барџиева-Трајковска, голем познавач на културното наследство и заштитата, таа треба да се третира како град во град и секој потег да биде осмислен, бидејќи заштитата на културното наследство не трпи импровизации.

Градскиот трговски центар како објект со архитектонски вредности од времето на модерната и постземјотресното наследство, го бранеше масовно цела архитектонска и културна јавност од налетот на невкусни промени и скрнавење на неговата архитектура. Затоа ни сега не треба да се дозволи да се појавуваат неконтролирани идеи за разубавување, а во меѓувреме и натаму пропаѓа, препуштен сам на себе, без најави за негова целосна реконструкција.

Музејот на Македонија и како архитектонско наследство и како музејска збирка го чува највредното што оваа нација и народ го поседува. Комплетното реновирање на овој тип на објекти е сложен и ризичен процес. Затоа, првенствено, не требаше да се дозволи Музејот да западне во состојба во каква што е сега.

Музејот на град Скопје заедно со огромниот простор и пероните врзан за објектот од Старата железничка станица требаше да биде реновиран според постојниот проект и ставен во употреба за културна намена. Денес старите перони и просторот од Старата железничка станица е израмнет со земја и избришан од колективната меморија на граѓаните на Скопје.

Го пишувам ова со длабока резигнација, бидејќи сѐ ова што им се случува на овие објекти зборува за недостиг на грижа за културата и традицијата, недостиг на почит кон сопственото минато и она што нѐ чини и претставува нас самите. Отсуството на култура, непочитувањето на науката и струката, но и алчноста која во нестабилни системи оди рака под рака со корупцијата, направија многу штети во овој град, иако поседувавме и знаење и стручност како тоа да не се случи. Архитектурата е огледало во кое најобјективно се пресликува општеството, а културата и нејзините институции се неизоставни, ако не и најбитни сегменти за градење на имиџот на една држава и народите кои живеат во неа.

Без тоа не се ни осмелувајте да зборувате за патриотизам.

Извор: Порта 3