Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство

12.06.2020 12:37
Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство (Со еколошка мудрост кон Ерата на голема духовност)

In Memoriam: Пред 30-35 години на македонската андерграунд сцена Попот беше Човек од Срце („што и да значи тоа“). Негови пријатели од сцената беа Хинки, Марсо, Ацо, Роби, Чиле, Игор, Синиша, Нора, Сузи, Борјан, Коља ... Јас не бев на таа сцена, но бев во тоа друштво (што и да значи тоа).

 

(Со еколошка мудрост кон Ерата на голема духовност)
 

Во моето истражување се испреплеткуваат две линии. Естетската линија е сребрената жица, додека другата линија е етичката или моралната – златната жица. Двете линии постојано се претопуваат и фузираатт во Едно. Особено го потенцирам значењето на интуицијата која треба да нè води кон откривањето на нашата подлабока природа и кон потполна реализација на духовното сепство.

1.Поставување на проблемот: постои криза во перцепцијата

Втората истражувачка линија ме водеше кон заклучокот дека современиот човек има потешкоти со лоцирање на базичниот проблем кој е во сржта на неговата егзистенционална и морална криза! Уште Василиј Кандински констатира духовна криза. Кризата во перцепцијата е едно исто, искажано со други зборови, со перманентната духовна криза.

Кризата во перцепцијата е резултат на перфидна манипулација којашто како да не знаеме од каде доаѓа и секогаш ѝ се губи трагата во флуидната современост... „Системот“ (неолиберализмот, неоимперијализмот, материјализмот, финансиски капитализам, редуктивистички секуларизам) кој апсорбира и асимилира сè, а во суштината не се менува, денес сака да ни се претстави како нешто „недофатно“, како течна или гасовита појава* што постојано ја менува формата. Но, каква и да е неговата форма, човекот ќе може да го победи само кога ќе собере храброст да се соочи со злото за да го преобрази, претходно добро лоцирајќи го во неколкуте прости начела (нагони) од кои потекнува!

За надминување на кризата e неопходно не толку нова идеологија, колку будење на (само)свест и силно чувство за одговорност. Фактички, медитацијата во сликарството води кон возобновување на духовното во ликовната уметност и има двојна улога: 1. Го изоштрува видот за нештата да се гледаат јасно, да можеме да го разлачиме битното од небитното (како метод и техника за самоспознание) и 2. Патем да се создаде дело, животно и/или уметничко, што ќе воспостави естетски и етички стандарди коишто ќе произлезат од промената.

Така, уметникот денес зафаќа значајно место во напорите за надминување на кризата во перцепцијата, односно, во надминувањето на духовната криза, бидејќи може да даде насоки за движење и да посочи на клучните знаци (или симболи) на патот. Моето истражување започнува и завршува во и со ликовната уметност како моја примарна област. Низ естетската линија ги истражував креативните принципи што водат кон квалитативна промена на свеста: внатрешната нужност на Кандински, духовната возбуда на Казимир Малевич и полната празнина која ја воведувам со мојот труд. Кај американските сликари Марк Ротко (Mark Rothko) и Џорџија О`Кифи (Georgia O`Keeffe) ја истражував естетската интуиција како „директно искуство“, изворно и креативно знаење поврзано со концептот на перцепција, „моментална форма на јасна визија, скоро и ’просветлување’ што не може да се дефинира“.

2. Креативните принципи внатрешна нужност и духовна возбуда

Начинот, методот, за премин во повисок статус, е низ духовното будење. Будењето е поттикнато од внатрешна нужност што постојано го турка човекот кон достигнување (по)идеална состојба, склад, единство, хармонија. Колку поголем несклад доживува во својот живот, толку поголем стремеж се буди во него, и толку поголема работа му претстои, бидејќи исто толку голем квантум од колективното несвесно добива за да го преобрази. Бидејќи, во времето во кое живееме постои насушна потреба од спас на планетата, вистината (или духовното) се манифестира (или попрецизно, таа притиска и пробива канали за да се манифестира) низ еколошкото будење.

Креативните принципи се во творечкиот импулс којшто нè преобразува. Внатрешната нужност поттикнува кон ослободување од стегите наследени како заостанат систем, принципот духовна возбуда е структурата-таквоста на креацијата/животот.

3. Креативниот принцип полна празнина

„Пред да почнам да го проучувам зен-от, триесет години од мојот живот, планинитe ги согледував како планини, а водата како вода (прва реалност, мимезис, Т.М.заб.). Кога стекнав подлабоки сознанија и искуства, дојде моментот кога увидов дека планините не се планини, а водата не е вода (втора реалност, динамична структура, Т.М.заб.). Нo, сега, кога ја проникнав неговата (на Тао) права суштина, мирен сум. Бидејќи пак ги гледам планините како планини и водата пак ја гледам како вода." (трета реалност, полна празнина, Т.М.заб.)
Чинг-јуан, чан-будист, негде околу 8 век во н.е.

Креативниот принцип полна празнина го извлекувам од мојата елаборација за трите реалности. Го напуштаме мимезисот (планините се планини) за да се нурнеме во динамичка структура (планините не се планини) каде што ги екстрахираме искуствата (есенции/екстракти/структури) за повторно да се вратиме на „реалистичните форми“ (планините повторно се планини) во полната празнина – космичка хармонија, откако го свртивме целиот круг. Како што е посочено и со цитатот од чан-будистот погоре. Космичка хармонија е апстракција/беспредметност на чисти бои-светлина, чиста форма и чиста средина –топосот на душата – вечна динамика/мир во игра и взаемност на екстракти/структури.

Полната празнина е духовна полнота. Тука принципот возбуда е во фузијата на иманентното и трансцендентното. Принципот полна празнина е во спојот на противставени поими за хармонија на повисоко рамниште; таа е во звучната тишина, згуснатата суптилност и жестоката нежност, возвишената убавина и органската апстрактност, во динамичниот мир.

 4.Еволуција на човековата свест

Неопходно е да се исцрта спиралната линија на еволуцијата на човековата свест, од примордијалниот мрак кон светлината за некои специфични поведенија и потреби што ја задоволуваат душата, конечно, да се апсолвираат.

Шри Ауробиндо опишува четири нивоа во еволуцијата на душата (или на самосвеста). Првиот статус е примордијалниот мрак. Вториот статус е предаторскиот однос во кој само посилните и поиздржливите опстануваат. Во третиот статус се јавува взаемна соработка, почит и елементи на љубов. Четвртиот статус е духовниот статус во којшто владее безусловна љубов и духовно знаење. Човечката душа влегува во повисок статус (третиот статус) кога ги надминува голтачките нагони со превладување на доблестите солидарност, емпатија, единство, хармонија и љубов.

Евидентно е дека во човештвото сè уште доминира вториот статус којшто ги турка двете главни негативни карактеристики: 1. Егоцентризам (зграпчување за себе, посесивност, алчност); 2. Агресивност (повредување на другите).

Тоа е генералниот проблем за којшто човекот треба да биде свесен и постојано буден, тоа е проблемот од кој се разгрануваат сите други поединечни. Увидот во двете клучни негативности, коишто се базата на сите други, води кон разбирање на причинско-последичните односи во кризата: егоистичкиот светоглед ги задоволува себичните потреби без да се води сметка за благосостојбата (во голем дел тоа се основните потреби за пристоен живот) на другите. Оттаму се наложува насушната потреба тој да се замени со светоглед во кој се почитува воопшто животот, и се вложува голем напор (и финансии) за заштита и унапредување на животната средина, на видовите и на целата планета.

Во сето тоа , принципот полна празнина е духовна полнота што ни носи чувство на јасност и свежина на умот, духот и виталот и нè инспирира за акции и дела кои се битни за спас на планетата и другиот, што воедно ќе биде наш спас и спас на општеството.

5.Главна теза: еколошко просветлување

Радикалните екологии (длабока екологија, екофеминизам и социјална екологија) ја носат акутната потреба за промена што воедно значи ревитализација на изворната духовност како чиста енергија. Затоа треба да се случат длабински промени во свеста на човекот, во неговиот светоглед и во уредувањето на општеството. Некои запоставени доблести како грижата, сочувството, емпатијата, соработката (наспроти натпреварот), пријателството, топлината, разбирањето, конструктивниот пристап, растежот, интуицијата, едноставноста, суптилноста, скромноста, практичноста, довербата, добиваат сè поголемо значење.

Но, иако екологијата и енвиронментализмот носат нов дух и свеж светоглед, не влијаат доволно за да го истиснат консумеризмот, кој сè уште е доминантна идеологија и светоглед. Тоа е така, можеби, затоа што, на некој начин, консумеризмот е и современа психичка болест!

Клучното прашањето е дали консумеризмот може да се надмине преку еколошката свест! Или, можеби, само некоја голема катастрофа или пандемија што ќе предизвика и колапс на владеечкиот финансиски капитализам ќе го направи тој радикален пресврт? Како и да е, сметам дека еколошката свест, бидејќи е поврзана со самиот принцип-живот (елан-виталот), е блиска на човекот, секако многу поблиска од трансцендентните духовни сфери.

На некој начин, потрагата по среќата, евдајмонија, ќе треба да биде глвната поддршка што треба да ја добиваме (т.е. главниот мотив) од заднината во нашите акции и дела за да се промениме. Но, треба да бидеме внимателни и со оваа идеја, оти достигнување на среќа како духовна полнота не подразбира лежерен и конформистички, па, дури, не, и хедонистички однос кон животот. Напротив, среќата, евдајмонија, ананда, како повисока духовна стварност се постигнува откако илјада пати ќе бидеме вратени назад на поправен испит, сè додека не ја екстрахираме, извајаме (по)совршената форма на нашето постоење. Само (по)совршена форма носи чувство на исполнетост, мир, смирена радост, задоволство, слобода, чувство на хармонија, среќа.

6.Суптилен витал и витализирање на духовното

Исконскиот стремеж кон хармонија преку еволуцијата на одложените моќи го туркаат уметникот или научникот или филозофот или духовниот трагач или било кој човек да тргне на патот на самоспознанието. Поттикнати се од внатрешната нужност, го слушаат внатрешниот глас, водени се од интуицијата. Го слушаат и здравиот разум кој, патем, учи добро да разлачува што е битно а што небитно секогаш во однос на некоја повисока вистина. Секој го започнува своето патешествие од различна позиција. Едниот низ контемплација се нурнува во тишина и мир, другиот се зачудува и воодушевува од мистичните тајни на природата. Третиот ќе тргне воден од внатрешно чувство на неизмерен простор и слобода, четвртиот да ја достигне безусловната љубов како космичка вистина. Сите се поттикнати однатре во својата потрага по духовна полнота, да ја реализираат не само во секоја своја клетка, не само во несовршени обиди, туку како реалност тука и сега во овој живот. Нивна најголема внатрешна нужност е да го спознаат Себството, психички-духовното битие како чиста светлина и убавина.

Од детството кон својата зрелост човекот патува до полнотата на повисокиот живот, прифаќајќи потполна одговорност. Тоа штотуку не се случило. Човекот долго време учеше преку своите грешки, низ евристичката метода, а сега дојде времето кога треба да резимира. Да повлече црта. Сублимирано во суштинска црта: вториот статус во којшто сè уште е заглавен човекот генерира страдање, причината за страдањето е повредувањето кое предизвикува зло! Цртата е сосекување во корен на вториот статус за влез во повисок статус. Може да се сосече во корен со прифаќање на идеалниот

морал на будистите (и хиндуистите) ахимса – не повредување на другите (и себеси) нити со збор, ниту со мисла, нити со дело.

Со тоа започнува големата битка за преобразба на нашата природа. Бидејќи злото не е само надвор од нас, туку е и во колективното несвесно како дел од нас, и ние како дел од него, и како историски наследен образец кој ни е втиснат во ткивото во форма на егоистична и его-центрична окултна поставеност кон светот. Преобразба на рецидивите од животинската природа, со забелешка дека човечката „животинска“ природа не е животинска како од животинскиот свет, туку побргу, монструозна креатура, е една од работите за влез во повисок статус (и на духовниот пат). Аналогијата со животинската природа се прави поради вториот статус кој е статусот на животинскиот свет каде што владеат предаторски односи – она што Дарвин го нарекол борба за опстанок и поприлагодливите и издржливите видови преживуваат. Но тоа не може да биде соодветно и за човекот! Социјалниот дарвинизам кој доминира во човечкиот свет, не е оправдан за човекот и се сфаќа како рецидив од вториот статус.

Но, потребна е некаква минимална чистота, некаква невиност во срцето и искрено да се сака да се направи нешто, така со несебична мисла да се делува за општото добро. Тоа е она што го нареков да се комуницира директно, од срце, без потреба од посредство од каква било идеологија. Тогаш се комуницира од повишена свест и од статус во кој е победен култот кон фетишот, тој голем монструм кој ни ја вшмукува сета енергија и сите наши дела, емоции, сили ги претвора во предмети за посед и консумирање (фетишизација и реификација во црната дупка на дистопијата).

Значи, сосекување во корен на злото е сосекување во корен на вториот статус во човечкиот свет (и свест) и внатрешно ослободување. Сепак, во тој процес и во овој историски момент, жената може да биде поуспешна, бидејќи со искуството во патријархалното устројство „како вечно друга во системот“**** има стекнато интуитивно знаење и умеење како да се дистанцира од проблемите и добро да ги лоцира. Лоцирање на проблемот е прв предуслов за негово решавање. Потоа подеднакво битно е како да се води процесот и што да се преобрази во енергијата.

Тука би додала дека превземање одговорност треба да биде новата религија. Човекот ја прифаќа одговорноста за злото и се бори да го преобрази, како надвор од себе, во заедницата, така и внатре во себе, како рецидив и како дел од колективното несвесно.

Сега, прашањето е: како. Тука нема едноставен и единствен одгвор. Но, како една општа насока би била потребата виталната енергија да се продухови, односно потребата од стекнувањето умешност, умеењето како да го изградиме во себе суптилниот витал и да го витализираме духовното.

Заклучни согледби

Елан-виталот е самиот живот, а негов универзален квалитет е мирот. Длабоко спознание за нашата вистинска природа значи развиена самосвет. Тие се суштинските онтолошки категории со кои се занимава екологијата, можеби најбитната наука на почетокот на XXI век. Насушна потреба на човештвото е мисијата на екологијата да стане главен мотив во неговите акции, а овоплотувањето на еко-духот приоритет во неговите дела. Таа мисија силно е поддржана од уметниците кои ги истражуваат оние малечки нешта кои носат радост, како цветовите на Џорџија О`Кифи, за да ја обноват природата во себе, и себеси во природата. Така, повторно човекот да го открие сјајот на најмалите а битни нешта кои ги заборавил, а почитта кон нив да ја развие како култура на живеење. За да ги поправи грешките на човештвото, кое, така зафатено со своите

грандиозни цивилизациски проекти, беспоштедно ја експлоатираше планетата, со тоа уништувајќи го сопствениот витал!

Се разбира, екологијата односно еколошкото просветлување е еден сегмент од сложените промени што се случуваат на почетокот на овој милениум. Но, според мене, еколошкото просветлување е базата за менување на енергијата на човекот, за штимање на неговите енергетски центри [за внатрешен инженеринг, inner engineering, како што го нарекува современиот мистик и јогин Јаги Васудев ( Jaggi Vasudev)], со елементите на дивината. Така човекот достигнува енергетска состојба кога срцето станува нов центар на неговата личност, наместо егото коешто е центар на пониската природа.

Во ликовната уметност, потребата од спознавање и решавање на најголемиот парадокс, парадоксот на ликовната уметност, се изедначува со потребата од решение на проблемот со консумеризмот. Искуството со ликовното (или уметничкото) дело, кое од духовно битие во материјалистичката ера секогаш преминува во „тврд“ предмет за трговија и посед, нè води до границата до каде имаме потреба од предмети и колку веќе немаме потреба од нив, до каде е нужноста, а од каде почнува слободата, беспредметноста, бидејќи задоволството сè повеќе го наоѓаме во знаењето, во уживањето во природата (а не во нејзина беспоштедна експлоатација) и во едноставниот но духовно полн живот. Култот кон фетишот ќе се надмине кога ќе заживееме во суптилните тела. Грубите елементи и тела кои имаа афинитет кон окултизам и секакви култови на фалогоцентризам, кон култот на поседување нешта и натрупување профит, кон голтачките нагони, ќе се надминат кога женскиот принцип ќе се реализира во полн сјај! ТОГАШ СТАНУВА ЈАСНО ДЕКА ЧИСТАТА ФОРМА, ЧИСТАТА БОЈА И ЧИСТАТА СРЕДИНА ДЕЛУВААТ СТИМУЛАТИВНО И ПОЗИТИВНО! Или, кажано со други зборови, тогаш енергијата (шакти) има слободен проток низ енергетските центри, сите бои зрачат во полн сјај и се фузираат во внатрешната човечка пламена светлина. А, уметноста на рафинирање на сеопфатна мисла, мисла-возбуда до која дојде Малевич како кулминација на неговата работа, е влегување во поле на можности без крај, во „море порој на маса на спонтано знаење“.

Главниот заклучок што може да се извлечи од моето истражување е насушната потреба од квалитативната промена на свеста или влез во повисок статус – Ера на голема духовност. За таа цел во општеството треба да се случи фузија од различни полиња на дејствување: уметност, филозофија, економија, екологија, финансии, наука, технологија итн. Интелигенцијата којашто ги има зраците на вистината, секој од своето поле на дејствување, ја носи визијата во стопувањето на хоризонтите. Визијата на изворната духовност, на почетокот на овој век се отелотворува низ еколошкото просветлување. Затоа енвиронменталната естетика и етика како и енвиронментализмот (човачката средина, естетика на секојдневниот живот) ќе имаат сѐ поголемо значење во годините што следат. Но, еколошкото движење, како и секое друго движење, мора да биде пронижено со чистата енергија на изворната духовност, за да успее...

Слики: Татјана Миљовска, Од серијата „Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство“, 2020

*Zygmunt Bauman, Liquid Modernity, Cambrige UK, Polity Press, 2006.
** Francesco Poli, “Wandering in the land of intuition”, Intuition [exh. cat, Palazzo Fortuny] (Venice, 2017), Asa MER, Geldmunt, 2017, str. 33.
*** Sri Aurobindo, The Life Divine, Pondicherry: Sri Aurobindo Ashram Press, 2005, str. 210-219, 231-244.
****„Парафразирано, феминизмот има потенцијал да обезбеди мисловни жени со одредена критичка дистанца vis-à-vis структурите на моќ и знаење во кои се фатени тие.“ ( Роси Браидоти, Номадски субјекти, Македонска книга, Скопје, 2002, стр. 312)

 

 

ОкоБоли главаВицФото