Паѓаат споменици насекаде низ Европа, што да се прави со статуите на робовладетелите?

13.06.2020 12:37
Паѓаат споменици насекаде низ Европа, што да се прави со статуите робовладетелите?

Демонстрантите во англискиот град Бристол повторно ја актуелизираа жестоката расправа за улогата на статуите поставени на јавни места, откако го соборија споменикот што го слави Едвард Колстон, како еден од „највиталните и најмудри синови во градот“, а кој бил член на одборот на Кралската африканска компанија, најголемата фирма за трговија со робови во британската историја.

Споменикот беше соборен и фрлен во пристаништето на 7 јуни, откако градскиот совет во Бристол помина години дебатирајќи околу текстот на плочата на споменикот, предложена во 2018 година, а која требаше да ги разјасни врските на Колстон со трговијата со робови. Статуата била изградена во 1895 година, повеќе од 150 години по неговата смрт и 88 години откако Велика Британија ја укина трговијата со робови. Целта била да се одбележи донирањето на неговото огромно богатство на градот Бристол.

Додавањето на нови текстови за контекстуализирање на проблематичните споменици е вообичаен метод за справување со историската меморија за Конфедерацијата во САД, но во Велика Британија, споровите околу текстот можат да се одвиваат бескрајно без да се дојде до решение. Универзитетот Оксфорд разгледува неколку вакви предложени промени и за контроверзната статуа на викторијанскиот империјалист Сесил Родес, но ниту една сè уште не е одобрена.

Покрај тоа, некои противници на овие мерки се незадоволни од „прочистениот“ јазик кој често се користи за контекстуализирање на спомениците. Според нив, тој јазик оневозможува луѓето да се инспирираат да размислуваат различно за историските наследства.

Судбината на Едвард Колстон

Во Бристол демонстрантите ги презедоа работите во свои раце, а активистички групи низ Велика Британија сега се организираат да соборат повеќе споменици, дури и откако официјалните претставници на градската власт во некои градови почнаа доброволно да ги отстрануваат.

Сега прашањето е: што е следно?

Некои побараа статуата на Колстон да остане во пристаништето. (Како што неодамна истакна историчарот Дејвид Олусога, погребувањето во вода е нешто „поетско“, со оглед на тоа што многу од жртвите на Колстон се удавиле по патот до Велика Британија) Но, Градскиот совет на Бристол има други планови и споменикот веќе е извлечен од водата Статуата сега е на безбедно место и ќе биде вклучена во колекциите на некои од музеите во градот, иако советот не дал информации за тоа каде или како ќе биде прикажан овој споменик.

„Не верувам дека може да ја избришете историјата. Опасно е да се брише историјата“, вели уметникот од Бристол, Јинка Шонибаре, додавајќи дека според него, најсоодветен амбиент за соборениот споменик е музејот.

„Ако заедницата сака спомениците да бидат отстранети, тие треба да бидат отстранети, но тие треба да останат достапни за јавноста, во музеите, како потсетник во иднина да не ги правиме истите грешки“, вели Шонибаре.

Директорот на Музејот „Victoria & Albert“, Гус Касели-Хајфорд, вели дека ваквото отстранување на скулптурата претставува можност Бристол да се соочи со овој проблем. „Можам да ја замислам статуата во нејзината сегашна состојба заедно со плакатите од маршот како дел и кулминација на едно пошироко истражување на ропството и расата во некој од музеите на градот“, вели тој. Уметникот Хју Лок, пак, сугерира дека делото може да се постави во музеј „но некаде настрана, а не издигнато како атрактивно дело“.

Но, други велат дека статуите како овие не можат да бидат соодветно контекстуализирани во постојните музејски збирки, кои имаат свои веќе вградени хиерархии на знаење и сметаат овие споменици треба да бидат поставени издвоено .

Мислам дека треба да постои вистински музеј за колонизацијата, како што има музеј на Холокаустот, за луѓето да размислуваат за фактите од колонијализмот“, вели белгискиот историчар Омар Ба.

Заменете го

Што се однесува до празниот темел на споменикот, речиси 45.000 луѓе ја потпишале петицијата со која се бара тој да се искористи за споменик на локалниот лидер за граѓански права, Пол Стефансон, кој го предводел автобускиот бојкот во Бристол, во 1963 година, што започна откако локалните транспортни власти одбиле да вработуваат црни или азиски возачи на автобуси. Активноста на Стефансон придонела за создавањето на Документот за расите од 1965 година, првиот закон во Велика Британија со кој се забранила расната дискриминација.

Друг предлог, оној на лондонската скулпторка, Сокари Даглас Камп, е споменикот на сопственикот на робови да се постави во постојана збирка на уметнички дела во знак на сеќавање на укинувањето на ропството. (Нејзинито дело насловено „All the world is now richer“ и кое говори за крајот на ропството и ги поздравува преживеаните, во 203 година беше прикажано во катедралата во Бристол, покрај гробовите на голем број робови.)

Но, не сите се согласуваат дека статуата на Колстон треба да биде трајно отстранета. Хју Лок, кој се занимава со јавните скулптури на проблематични историски личности во својата студија, уште во осумдесеттите години на минатиот век, посочува дека уметниците треба да им се овозможи да направат интервенција на самата статуа. „Секој ден ќе поминувате покрај неа и веќе нема да ја игнорирате“, вели тој.

Алтернативно решение би било статуата да се врати на старото место, но заедно со контра-споменик „со еквивалентно присуство и моќ, навистина да се поттикне дебата и да се покажат спротивставените ставови“, вели Ба.

Всушност, уличниот уметник Банкси, роден во Бристол, својот свој предлог за тоа како неговите сограѓани да се справат со споменикот, го поставил на Инстаграм, предлагајќи да повторно да се постави, но да се додат бронзени фигури на демонстрантите во чинот на соборување. Тоа е решение кое функционира и „им оди во прилог на двете страни – на оние на кои им недостига статуата на Колстон, но и на оние кои не ја сакаат“, напиша Банкси. „Ќе ја извадиме статуата од водата, ќе ја вратиме на постаментот, но овојпат со кабел околу вратот. Ќе нарачаме и бронзени статуи од демонстранти кои ја влечат статуата надоле. Сите ќе бидат задоволни, а денот ќе остане запаметен“, предложи Бенкси.

Уметницата Хедер Филипсон од Лондон, вели: „Мислам дека сега е време белите да слушаат и да дадат простор“, вели таа. „И ова може да биде совршена можност буквално да го сториме тоа“

Какво и да биде решението, начинот на кој се донесуваат одлуките и како се спроведуваат трајните промени во политиката е исто толку важно колку и самите одлуки.

Во 2018 година кураторите Антонија Алампи и Илиана Фокианаки од музејот „Kunsthal Extra City“ во Антверпен работеа со Ба и со уметникот Ибрахим Махама за да се изработи потенцијален контра-споменик на локалната статуа на колонијалниот мисионер и истражувач Констант Де Декен кој е претставен како коленото го држи врз грбот на еден африкански роб (во моментов се води кампања за отстранување на оваа скулптура).

Но, по една година работа на овој проект, двете кураторки си дадоа оставки од своите работни места, велејќи дека музејот не успеал да спроведе сериозни антирасистички политики надвор од својата зацртана програма.

Директорите на институцијата немаа „вистинско разбирање за прашањата за кои станува збор“ и не сменија ништо во врска со нивното внатрешно работење, изјавија кураторите.

(Во друг инцидент во Антверпен, властите ја отстранија скулптурата на бруталниот крал Леополд Втори, од времето на колонијалната ера, но причината е оштетувањето на статуата од страна на демонстрантите, што не подразбира официјална осуда на темата на споменикот.)

Алампи и Фокианаки велат дека сега, со жестоките протести низ целиот свет, е добар момент за системски промени.

„Треба да се стремиме да формираме едукативни модели и наставни планови, да ги преименуваме, да научиме и да ги слушаме сите оние наративи што биле злонамерно избришани“, велат тие. „Без тоа, да бидеме искрени, сè ова е само празен симболичен гест што ги избелува и оддалечува вистинските проблеми и на крајот насилно ја искористува болката“.

Извор: news.artnet.com

 

 

ОкоБоли главаВицФото