Фантастичните хотели од југословенската ера

13.06.2020 15:01
Фантастичните хотели од југословенската ера

Во годините кога ги истражував историјата, уметноста, архитектурата и културата со цел да ги разберам спомениците на поранешна Југославија, наидов на илјадници живописни, стари слики од тој регион. Поголемиот дел од овие слики се надвор од моето основно поле на интерес, но многу од нив, едноставно се толку  импресивни и зачудувачки во нивниот дизајн и естетика што почнав да ги собрам за да почекаат некое идно истражување.

Меѓу нив се некои стари фотографии за кои сметам дека на најтрогателен и најживописен начин го отсликуваат смелиот и амбициозен пристап кон ентериерното уредување на хотелите и мотелите во Југославија.

Како што сè повеќе почна да ме интригира идејата за истражување на уникатниот пристап на Југославија кон дизајнот на ентериерот во нејзините туристички сместувачки места, почнав да барам да материјали за темата и открив дека има многу малку напишано за ова, а уште помалку места на интернет каде може да се види поширок избор на динамичните примери за внатрешен дизајн од „Златната ера“ на земјата.

Особениот израз на југословенскиот внатрешен дизајн и декор без сомнение го воздигнува до ниво на уметничка форма полна со енергија, која за жал не го добила вниманието што го заслужува, што е особено жално затоа што оние неколку преостанати примери во регионот брзо исчезнуваат како резултат на реновирање, обнова и рушење. Така, чувствував дека може да биде забавна и конструктивна вежба да се каталогизира една мала галерија (со описи) на некои од најинтригантните примери на ентериер, архитектура и дизајн што ги најдов во хотелите и мотелите изградени за време на југословенската ера.

Мотел „Вратник“, Вратник, Хрватска 

Денешна состојба: Руиниран и напуштен

Сместен на планински превој над Сењ, блиску до крајбрежјето на Јадранското море, по трасата помеѓу Загреб и Сплит се наоѓал мотелот „Вратник“. Југославија го развила јадранскиот брег како главна туристичка зона во текот на 1950-тите и 60-тите години, а овој мотел бил еден од многуте за туристите со автомобил, гранка на туризмот што тогаш почнала да се развива. Мотелот „Вратник“ бил позициониран на планинскиот превој, совршено овозможувајќи прекрасен поглед на заливот Кварнер, еден од најневеројатните во Југославија.

На старите фотографии од мотелот во неговиот зенит, го гледаме неговиот прекрасен светол дизајн, ѕидовите украсени со апстрактни слики на рустикална модерно-народна фузија, и, најзабележливо, неговата палета на бои со златни, темно црвени и портокалови нијанси. Во пост-југословенската ера, мотелот се приватизирал, како што се случило со повеќе вакви државни имоти. Новиот сопственик направил неколку обиди да го продаде мотелот, но безуспешно. Неодамна, мотелот западна во фаза на тотално распаѓање.  

Хотел „Маестозо“, Липица, Словенија

Денешна состојба: Сè уште е во функција (реновиран)

Источно од италијанската граница меѓу Трст и Словенија, се наоѓа малото село Липица каде што можете да го најдете хотелот „Маестозо“. Самата Липица е светски позната локација која е домаќин на една од најстарите светски фарми за коњи, основана во 16-от век. Фармата е специјализирана за уникатната словенечка раса коњи - словенечки липицан.

Во 60-тите години, фармата се отворила за туристите и била претворена во еден вид луксузен хотелски комплекс, претежно за гости од повисока класа, како што се гледа од отмениот декор прикажан на старите фотографии. Хотелот содржел не само објекти за коњи, туку и ноќен клуб, куглана, ресторан со фини јадења и многу повеќе. Како што илустрираат винтиџ фотографиите, дизајнот на ентериерот се обидувал да биде средина меѓу класичното и модерното, каде може да видиме традиционални рактворби и занаетчиски производи зачинети со светли бои и дизајни карактеристични за 60-тите и 70-тите години. Хотелот „Маестозо“ продолжува да работи сè до денес, но целосно бил реновиран во последните децении, па елементите на дизајнот што се гледаат на старите фотографии сега ги нема.

Хотел „Мојковац“ (во моментов „Хотел Палас“), Мојковац, Црна Гора

Денешна состојба: Затворен (непозната состојба)

Сместен високо во црногорскиот планински град Мојковац е хотелски комплекс, кој првично бил именуван во чест на градот во кој се наоѓал. Во 1974 година го проектирала познатата црногорска архитектка Светлана Кана Радевиќ и овој огромен хотел бил репрезентативен пример за југословенската модернистичка архитектура.

Тој бил дизајниран како разиграна форма преземна од традиционалната планинска форма, со надолна сукцесија на помали триаголници поставени како каскада кон страните на централниот среден триаголник. Внатрешниот дизајн на хотелот „Мојковац“ бил производ на својата ера исто како и неговата архитектура, се карактеризирал со смело користење на земјени нијанси, особено во лобито и рецепцијата кои биле во импозантна темноцрвена боја.

Комплексот бил приватизиран во пост југословенската ера и бил продаден, тогаш името му било сменето во „Хотел Палас“. Фирмата што го купила хотелот продолжила да работи до 2010 година (имал многу лоши критики на „Trip Advisor“), сепак, бил затворен околу 2015 година, а обидите за продажба на имотот биле неуспешни. Сепак, според медиумите, на крајот хотелот бил продаден во 2018 година на белградска градежна фирма и требало да биде реновиран и повторно отворен. Но и во 2020 година, хотелот сè уште се чини дека е затворен. Не е познато до кој степен останал недопрен оригиналниот ентериер на хотелот.

Хотел „Праг“, Белград, Србија

Денешна состојба: Сè уште е во функција (реновиран)

Се наоѓа само еден блок западно од плоштадот Теразије во Белград, на историската улица „Балканска“. Хотелот е изграден во 1929 година и е одличен пример за ран модернизам во Белград.

Тој претрпел екстремно реновирање на ентериерот во 1978 година за да добие изглед со посовремени стандарди. Меѓу овие дополнувања во хотелот се наоѓала и една необична просторија, чии ѕидови биле украсени со текстура со изглед на пештера. За да се засили уште повеќе оваа „екстремно рустикална“ естетика, во центарот на просторијата бил поставен висечки метален котел со лажен оган, а големи дрвени трупци се користеле како маси (дури и со малку лажна трева на врвовите на столовите за завршен ефект).

Во подоцнежните реновирања на хотелот „Праг“ во последните децении, овој салон со „пештерски салон“ бил отстранет и бил заменет со потрадиционални елементи. Хотелот „Праг“ продолжува да работи до денес и е зачуван како дел од градското архитектонско наследство под надлежност на Институтот за заштита на спомениците на културата.

Хотел „Холидеј Ин“ (во моментов „Хотел Холидеј“), Сараево, Босна и Херцеговина

Денешна состојба: Во функција (реновиран)

Огромна количина на нова инфраструктура се создала во градот Сараево во раните 80-ти години, особено бидејќи Југославија, односно Сараево бил домаќин на Зимските олимписки игри во 1984 година. Меѓу многубројните објекти изградени за овој историски настан бил и големиот хотелски комплекс во близина на центарот на градот, кој требало да биде дел од американскиот хотелски ланец „Холидеј Ин“.

Проектиран од познатиот сараевски архитект Иван Штраус, храбриот и амбициозен дизајн на хотелот првично бил контроверзен, но со текот на времето и по успехот на Олимпијадата во Сараево, хотелот станал обележје на градот. Тој бил опремен со сите најмодерни удобности во тоа време, а неговиот ентериер бил разигран и авантуристички исто како и неговиот екстериер. Најзначајната карактеристика на огромното лоби на хотелот била гигантската портокалова зелена крошна слична на чадор, што висела над лобито. „Холидеј Ин“ станал толку суштински симбол на Сараево, што дури за време на војната во Босна и Херцеговина и опсадата на Сараево, останал отворен и таму биле сместени најголемиот број странски новинари кои известувале за конфликтот, но играл важна улога како домаќин на клучни политички моменти во војната.

По војната, на хотелот бил саниран и поправен, а го сменил името во „Холидеј“. Иако бил обновуван според неговиот оригинален изглед, голем дел од ентериерот бил драстично променет во неодамнешните реновирања, сепак, елементот на висечката крошна во лобито била задржана. Хотелот продолжува да биде важно обележје на Сараево и привлекува туристи од целиот свет и заради неговата драматична историја и заради уникатната архитектура.

Хотел Континентал, Скопје, С. Македонија

Денешна состојба: Сè уште е во функција (делумно реновиран)

Североисточно од центарот на градот Скопје се наоѓа хотелот „Континентал“. Овој огромен хотелски комплекс од 14 нивоа започнал со работа во 1972 година и е проектиран од македонскте архитекти Живко Гелевски и Димитар Димитров. Во периодот кога бил изграден тој бил најголемиот хотел во градот и веднаш станал негово модернистичко обележје. Неговата внатрешност, во која доминираат темноцрвени и килибарни нијанси, претставува естетска прослава на дизајнот на 70-тите години на минатиот век.

Во центалниот дел на хотелот се наоѓал бар, лоби и простор за одмор на гостите, во кој доминирале повеќе огромни кружни жолти лустери од стакло. Во изминатите години, голем дел од хотелот е реновиран, обновени биле собите и апартманите, но интересно и неверојатно е што барот, салонот и ресторанот на хотелот останале недопрени, сè уште со истите огромни лустери (меѓу другите посебни карактеристики). Понатаму, надворешноста на хотелот е сè уште во голема мера иста, а единствена промена се смелите црвени ленти насликани по должината на зградата.

Други познати хотели од Југославија: 

Хотел „Интернационал“, Зеница, Босна и Херцеговина

Денешна состојба: Затворен (непозната состојба)

Хотел „Радин“, Раденци, Словенија

Денешна состојба: Сè уште во функција (Реновиран)

Хотел „Југославија“, Нов Белград, Србија

Денешна состојба: Сè уште во функција (Делумно реновиран)

Извор: spomenikdatabase.org

 

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Спорт / Историја
Општество / Балкан / Историја
Балкан / Живот / Историја
Балкан / Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото