ЕУ река (76): За „идеализацијата на омразата“

15.06.2020 12:22
ЕУ река (76): За „идеализацијата на омразата“

Фети Бенслама, психоаналитичар кој го анализираше етничкото чистење во југословенските војни, вели:

Странецот за кого што овде се работи не ги втемелува, не ги допушта разликувањата, не допушта дијалектизирање ниту надминување, не допушта да се назре светост или излекување, тој не е ниту апсолутен ниту апсолутизира (...) Неговата туѓост не произлегува од тоа тој да е друг или да доаѓа од другде. Дотолку, се работи за некој (група, збир од поединци) кој за јаството е мошне близок, познат, со него измешан, нераздвоив од него. Целото дивеење на идентитетското зло произлегува токму од таа состојба каде што туѓоста изникнала од самата супстанца на идентитетот на заедницата во која сосема нераздвоиво се испреплетуваат слики, афекти, јазици, референци. Исто така, кога ќе почне да се шири неумоливата нужност на присвојување на сопственото - што е мото на сите чистења - прочистувачкиот и одмазничкиот бес покажува изразита одлучност не да го победи и истера непријателот, туку да го осакати и истреби, како да станува збор за искоренување на туѓото тело и на странецот чиешто тело, меѓутоа, е сраснато крај претставата за сопственото тело (...) Тоа е процеп внатре во она Ние којшто не може ниту да се затне ниту да се излачи (...) Тоа е проблемот на немоќта да се идентификува себството кое не може да си се претстави себеси, кое живее во страв дека ќе биде уништено од туѓоста произлезена од неговата внатрешност. Последиците на таквата ситуација можат да се спречат политички и само политиката може да ги заузда. Меѓутоа, ако дојде до слабост или урушување на политичката институција (...) тогаш сведочиме на враќањето на стравот од уништување и на ослободувањето на прочистувачките сили кои мораат да прибегнат кон сакатење и самоосакатување бидејќи себството и другото се тесно измешани.

Според Балибар, формулацијата на Бенслама е важна зашто денес веќе не се занимаваме само со вообичаениот фашизам или со вообичаените форми на фашизмот (кои во 20 век се мошне распространети како на нивото на државите така и на нивото на микрополитиките), туку со границите на формите на фашизмот. Насилството за коешто овде зборуваме, значи, не е она авторитарно, убиствено и репресивно насилство на доминацијата коешто ги следи изградбата и уништувањето на државите или војните помеѓу различните општествени системи. Според Балибар, ова насилство повеќе произлегува од идеализацијата на омразата (формулација на Андре Грин, психоналитичар на „граничните случаи“) - што е процес на психотичен однос кој, на нивото на колективното однесување, има врска со осцилацијата на улогата на непријателот којшто подеднакво е потенцијална жртва и огледалски прогонител, односно фетишизирано Друго.

Клаус Тевелајт во својата студија за фашизмот, „Машките фантазии“, констатира: „Фашистичкото собирање се одвива во две насоки: во едната се собираат најжилавите сили во патријархалната хиерархија; во другата насока се случува „отфрлањето, што значи убивањето, на она што не може да се вклопи“. Токму таа метастазирана биологизација на општествениот живот е второто име за фашистичките некрофилии. Биологизацијата која ги исклучува компетенциите на разумот, е најефикасното средство за самоубиство на едно општество.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Ристо Аврамовски

ЕУ река (75): Карл Јасперс и прашањето на вината

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото