Сеќавање на Кирил Ценевски: 100 бесплатни ДВД изданија со неговите филмови

15.06.2020 11:39
Сеќавање на Кирил Ценевски: 100 бесплатни ДВД изданија со неговите филмови

Кинотека на С. Македонија го одбележува една година од смртта на режисерот Кирил Ценевски. (1943 - 2019).

По тој повод, во вторник (16 јуни), во периодот од 9 до 15 часот, Кинотеката на заинтересираните филмофили бесплатно ќе им додели 100 примероци од ДВД изданието со неговите играни филмови.

Се работи за ДВД изданието со дигитално реставрираните играни филмови на Кирил Ценевски што Кинотеката го промовираше пролетта минатата година, неколку месеци пред заминувањето на легендарниот автор во македонската кинематографија.

Роден е во Крива Паланка, 28.1.1943. Филмски режисер и сценарист. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занимава уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот ЦЕНАТА НА ГРАДОТ (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот ЦРНО СЕМЕ, за којшто добива повеќе награди: Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври...

Потоа ги сними ЈАД (1975) и ОЛОВНА БРИГАДА (1980), а по четвртиот игран филм ЈАЗОЛ, Ценевски не застана зад камерата повеќе од три децении. Неговиот (пре)долг авторски молк, по експлозивната деценија ипол во неговото неконформистичко творештво, секогаш е причина за навраќање на овој, по многу нешта исклучителен, филмски опус, со дигитализираното издание на неговите играни филмови.

Режисерот и сценарист Кирил Ценевски е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Награди: 1971 ФЈИФ Пула, Златна арена за режија / „Црно семе“ 1971 ФЈИФ Пула, Златен венец за најдобар режисер дебитант / „Црно семе“ 1971 МФФ Москва, Награда „Жар птица“ за најдобар режисер дебитант / „Црно семе“ 1972 МФФ Авелино, Награда Laceno D’Oro за режија / „Црно семе“ 1972 Југословенски кандидат за ОСКАР 72 / „Црно семе“ 1972 Награда 11 ОКТОМВРИ за „Црно семе“ 1976 МФФ Карлови Вари, Специјална награда за филмот / „Јад“ 1980 ФЈИФ Пула, Награда „Првомајска“ за филм со современа тематика / „Оловна бригада“ 1980 Награда на филмот од рударите во Раша / „Оловна бригада“ 1980 Сребрен медал на CIDALC / „Оловна бригада“…

Филмографија:

1970: Цената на градот ( Помошник на режија, )
1971: Црно семе ( Режија, Сценарио, )
1975: Јад ( Режија, Сценарио, )
1975: Леополд Седар Сенгор ( Режија, )
1976: Фазил Хисни Дагларџа ( Режија, )
1976: Еугенио Монтале ( Режија, Сценарио, )
1978: Џафра ( Режија, )
1979: Рафаел Алберти ( Режија, )
1979: Ежен Гилвик ( Режија, )
1980: Оловна бригада ( Режија, Сценарио, )
1982: Мостови – Струшки вечери на поезијата ( Режија, )
1984: Хуаскаран – Анди ’82 ( Режија, Сценарио, )
1985: Јазол ( Режија, )

1987 Хемтекс, режија, документарен, Вардар филм