Триаголник #2 - Женската сексуалност како снага а не функција

15.06.2020 12:39
Триаголник #2 - Женската сексуалност како снага а не функција

Фотографии: Силвија Доган / ДОМИНО

 Перформансот Триаголник #2 (Trokut #2) на хрватската уметница Јосипа Бубаш, кој се одвиваше во текот на месец април, а својата кулминација ја имаше на 1 Мај, обедини четирисетина длабоко лични искуства и ставови на жени кои сведочат за позицијата на жената во општеството и третманот на женската сексуалност. Прилозите, во форма на текст или фотографија, зборуваат за релациите плодност и политика, патријархат и прекаријат, дом и држава, семејно насилство и станбеното прашање, сексуалноста како задоволство и/или функција. На 1 Мај, празникот на трудот и ден кога во некои култури се слави женската плодност, Бубаш собраните сведоштва, на локација надвор од градот, ги нареди во форма на обратен триаголник, древен симбол на силата на женската сексуалност, и ритуално го запали, како еден вид катарзично прочистување.

Споделените приказни, дел од нив објавувани на фејсбук профилот на уметницата, претставуваат моќни и потресни сведоштва за општеството кое женската енергија, сексуалност, автономија, систематски ги занемарува и потиснува, обележувајќи ги како неважни и непостоечки. Перформансот нив ги изнесува од сферата на приватното, тајното, поединечното во јавниот простор, каде ја потенцира нивната колективна, политичка природа како репрезентативни и суштински за женското искуство. Така, Бубаш воспоставува континуитет на женското искуство и синхрониски, преку партиципативната димензија, и дијахрониски, преку реферирањето на славниот перформанс Триаголник (Trokut) на Сања Ивековиќ од 1979 година.

Проектот особено обрнува внимание на третманот на женското тело (вклучително мајчинството, абортусот, сексуалноста, насилството во широка смисла) како поле на особен интерес за општествена регулација. Речиси во сите сведоштва е доминантна траумата на насилното отуѓување од сопственото тело, одземање на автономијата и присилување во структурни образци одобрени од општеството. Учесничките ја комуницираат потребата за изнесување на виделина на прикриената комплексност и скриениот трошок (емотивен, психолошки, физички) кои стојат зад важните, но еднодимензионално претставувани женски искуства.

Еден месец подоцна, со средени впечатоци, со авторката Јосипа Бубаш поразговаравме околу Триаголник #2 и комплексните општествени прашања кои ги обработува.

Перформансот Триаголник #2 е дел од проектот Иднината на политичкиот перформанс на здружението Домино. Раскажете ни нешто повеќе за проектот и контекстот во кој се одвива.

Оваа година Хрватска претседава со Европскиот Парламент. Околу претседавањето се подигна доста прашина и владејачката партија во медиумите го презентираше претседавањето како сопствена заслуга а не настан што се одвива со редовна ротација на земјите членки. Здружението Домино, кое продуцира субверзивни, активистички програми, одлучи да ги повика уметниците да се позанимаваат со темата на претседавање низ партиципативни дела, кои низ тоа реферираат на култни хрватски перформанси. Во склоп на тој циклус Звонимир Добровиќ и Карла Пудар ме повикаа да направам дело кое реферира на Триаголник (Trokut) на Сања Ивековиќ.

Делото кое настана е синтеза на концептуално промислување, ритуал и партиципативност. Го зедов древниот симбол на женската плодност и сексуалност, обратниот триаголник, кој функционираше како комуникациски канал. Имено, токму обратниот триаголник бил впишан во комуникацијата на снајперистот, уметницата Сања Ивековиќ на балконот и полицајците на улицата. Сакав да го ставам во однос утилитарното сфаќање на сексуалноста, биополитичката интервенција на државата, демографските мерки, општествената категоризација и од друга страна, она архетипското, женскиот принцип како длабок квалитет, извор на снага и мудрост, цивилизациски погрешно сфатен и стигматизиран. Повикав луѓе да реагираат со свои приказни и да исцртаат сопствени обратни триаголници врзани за различни искуства, кои ги објавував на Фејсбук. На крајот сите приказни ги испринтав, ги наредив во обратен триаголник и ги спалив на Савскиот насип каде за 1 Мај традиционално се палат огнови. Се послужив со уште една коинциденција – фактот дека на 1 Мај, Празникот на трудот, во некои култури се слави женскиот принцип, сексуалност и плодност. Во самиот датум на изведба на делото дојде до израз таа двојност на општествената регулација и архетипското.

Триаголник #2 ги обединува личните сведоштва, ставовите и впечатоците на четириесетина жени, за женското искуство и местото на жената во општеството. Зошто ви е важна партиципативноста на перформансот?

Моите претходни дела и истражувања беа многу херметични, затворени кон пошироката јавност со оглед на тоа што се бавев со телесноста, перформансот во траење, феноменологијата, односот и границите на умот и телото. Исто така, тоа беа главно изведувачки проекти.

Партиципативноста во овој случај го извлекува делото од сферата на авторството (и мојата комфорна зона) и го поместува кон просторот на дијалог, и, во овој случај, просторот на поддршка. Да се работи на авторско дело подразбира одреден степен на контрола над делото, додека јас овде претставував повеќе канал за туѓи искуства и потписи. Откако беа поставени темелите, вистинското дело се случуваше надвор од мене. Мислам дека во партиципативното, особено вака чувствително дело, исклучително е важно да се повлечеш од него, и да имаш доверба во учесниците и самиот начин на кој е поставено, бидејќи на тој начин се создава одреден вид групен интензитет, енергија која станува попрепознатлива и посилно проговара за проблемот во споредба со индивидуалниот, уметнички изказ.

Отсуството на женските приказни во јавниот простор значи дека жените не успеваат суштински да искомуницираат со своите сограѓанки. Имам впечаток дека некои од овие исповеди не се споделуваат ниту во блиските пријателски кругови – толкава е стигмата и заробеноста. Каква беше реакцијата на учесничките надвор од она што го гледаме во перформансот? Дали постоеше несигурност и страв од јавниот чин?

Секако, разговарав со неколку пријателки кои длабоко ја проживуваа таа неможност за комуникација. Сѐ уште тежината на раѓањето или на спонтаниот абортус се доживуваат како нешто за што не се говори. Кон тоа го имаме и вообичаениот пристап „па не си ти единствената на која тоа ѝ се случило“, што би значело дека секој разговор се смета за претерана драма. Како да треба да се чува илузијата на исклучивата среќа и убавина на пораѓањето, додека за абортусите не се зборува бидејќи се стигматизираат како неуспех. Мислам дека на одредено ниво тоа секако има врска со инхерентната мизогинија, стравот од жени и поинаквите квалитети кои ги носат со себе, како и амбивалентниот однос кон телото и неговите законитости, кои традиционално се врзуваат за женскиот принцип. Тој гнев и страв е толку длабок што ја интернализира цензурата низ вековите. Ме изненади подготвеноста на учесничките да застанат зад своите искуства со име и презиме, со оглед на тоа што секоја посебно ја прашував дали сака да го објавам нејзиниот прилог и да ја „тагнам“. Јавното изнесување на сопствените приказни така стана политички чин, акт на револт и истовремено пружање и давање поддршка. Се создаде мала, виртуелна заедница во која иако повеќето од нас не се познаваме, во тие неколку дена на размена, станавме многу блиски. Енергијата и љубовта фрчеа од Фејсбук. 

Ја потенцирате димензијата на паганското, архетипското, мистицизмот... Дали и инаку овие нешта суштински ги поврзувате со женскоста?

Не исклучиво со женскоста, сметам дека некои древни знаења содржат барем онолу мудрост колку и современата наука. Во ова дело го користев древниот симбол Јони за да воспоставам канал за комуникација и расчистување на тежината. Но, секако сметам дека нашата патријархална култура, главнотековната религија и политиката ја одземаат моќта на жената и ја потиснуваат илјадници години. Нашата култура е проникната со мизогинија, од антиката преку христијанството, кое сѐ уште е доминантен светоглед. Женските права се стари само неколку децении, меѓутоа, специфичноста на жената сѐ уште не се слави туку се угнетува до таа мера што едвај ги препознаваме своите потенцијали.
Преку танцот и перформнсот се бавите со телото како медиум. Како тоа влијаеше на Триаголник #2?

Танцот и перформансот, особено перформансот во траење, ме одведоа во проучување на некои не толку видливи механизми, извлечени од рационалистичкото промислување и ме отворија кон некои други регистри на разбирање на светот. Знаењето надвор од рационалното, а често и од вербалното, примарното потпирање на искуственото, доста влијаеше на ова дело, со оглед на тоа што првенствено се свртев кон мехнизмите надвор од рационалистичките, аналитички домени.

Како резултат на моновалентната одреденост на женскиот идентитет, интернализираниот страв од неуспех, посебно од неуспехот на телото, е значаен дел од женското исксутво. Тоа особено се однесува на традиционаното сфаќање на димензијата на мајчинството. Како ја коментирате општествено-политичката положба на жените во Хрватска по тоа прашање?

Хрватска станува сѐ попатријархално општество и некои стекнати слободи, па дури и они читливи во концептуализација на улогата на жените, како и поимите род и пол, сексуална ориентација, сега се доведуваат во прашање во главнотековната култура. Дури и млади девојки молат пред болниците во кои се вршат абортуси. Дојде до некакво базично неразбирање на слободата, телото, некој вид деволуција. Исто така постои голема количина насилство кон жените, кое не се санкционира и не се третира со доволно политичка волја. Од една страна, се игнорираат насилниците бидејќи никој не сака да влегува во нечија интимност, семеен простор, а од друга страна е сосем во ред да се ѕирка во нечија матка и да се проповеда за правото на живот. Тука има многу контрадикторност и конфузија. Тука, секако не помага сѐ посилното влијание на црквата во кое веронауката и верските содржини се наметнуваат на децата уште од основно училиште. Па имате изјави како „Јога против Бога“. Од друга стана, жените во политиката сепак добиваат простор. Секако, некои од нив, главно од конзервативниот спектар, прават само штета, но постојат и силни женски гласови кои се борат за еманципација, работнички права, и слобода.

Голем дел од сведочењата пренесуваат вознемирувачки искуства на жени насилно третирани од крутиот и механизиран медицински систем. Се чини дека најтрауматичните искуства се истовремено и најзатворените. Кои сознанија може да се извлечат од тие сведочења за третманот на женското тело во медицински контекст?

Се чини дека се доаѓа до отфрлање на компонентата на искуството и се нагласува механицистички пристап кон телото. Проблемите се решаваат не земајќи ја во предвид физичката болка, доменот на доживувањето и важноста на поддршката и емпатијата и тоа придонесува за деградација на веќе ионака ранливите и чувствителни позиции. На тоа секако влијае и нашиот западњачки однос кон телото како механизам и од друга страна умот, кому телото му е напор. Жената во таа поделба секогаш повеќе припаѓала на телото, па дури и фактот дека е способна да донесе дете на свет повеќе ѝ одмогнал отколку што ѝ помогнал. Дополнително, идејата дека емоциите, а како последица и мислите, не се нешто со што треба човек да се бави кога се решаваат „проблеми на телото“, секако е уште еден од изворите на проблемот.

Го презедовте името на славниот перформанс Триаголник на Сања Ивековиќ од 1979 година, кој исто така ја истражува границата помеѓу јавното и приватното, личното и политичкото, како и субверзивниот потенцијал на женската сексуалност. Дали чувствувате дека позицијата на жените помеѓу тие два „триаголника“ е променета?

Што се однесува на позицијата на жените во 1979 и сега, тешко ми е да судам од сопственото исксутво, бидеќи таа година сум родена. Меѓутоа, неоспорно е дека поранешна Југославија беше една од првите држави во кои жените имале право на глас, а ми се чини дека не се ѕиркало претерано низ клучалката. Секако, целиот свет оттогаш ја освести проблематиката на родовата рамноправност и сексуалната ориентација, родовите улоги сѐ повеќе се менуваат и веќе не е необично да се види жена како работи на позиции традиционално наменети за мажи. Меѓутоа, како што веќе напоменав, ми се чини дека денес базичното разбирање на жените и женската сексуалност е поприлично деградирано, осцилира помеѓу молитви против абортус до ефтина еротизација на жените. Во Хрватска владее некој вид хипокризија врзана за сексуалноста. На пример, имаме луѓе на водечки позиции кои водат ланци на проституција, а ги гледаме во црква на сите важни миси. Но, прашањето на женската сексуалност секако е политичко бојно поле, како за општеството, така и за секоја жена поединечно.
Како коронакризата влијае на сите овие прашања врзани со женското тело, идентитетот, автономијата?

Во време на најсилните мерки, сведоци сме на порастот на насилството над жените, со оглед на тоа дека изолацијата создаде ситуција во која сите проблеми во односите стануваат видливи и луѓето се интензивно соочени како со емоционалните така и со економските проблеми. Би рекла дека короната ги направи постоечките проблеми во општеството уште повидливи, особено економската зависност на жените од насилните партнери и лошата мрежа на поддршка која би требало да биде развиена. На пример, среде кризата и по земјотресот во Загреб, на Автономната женска куќа, здружение кое пружа поддршка на жените жртви на насилство, Градот Загреб ѝ го укина правото на станови кои функционираа како сигурни куќи за злоставувани жени.

Како уметноста, особено онаа перформативната, се менува во време на пандемија?

За изведбените уметности коронакризата секако е неповолна, со оглед на тоа што не можеме да го правиме она што инаку го правиме – да излегуваме пред публика. Во таа ситуација настануваат некои алтернативни решенија, користиме технологија, промислуваме други медиуми. Запознавањето на секој медиум секако го проширува начинот на размислување, но магијата на изведбата е токму во директниот контакт со публиката, што овде изостанува, што технологијата не може да го замени. Беше видлив и трендот на прикажување снимки на порано поставени претстави, но тоа често, речиси секогаш, функционирше повеќе на информативно отколку на ниво на доживување. Значи, изостанува самата есенција на изведбеноста.

Што научивме од коронакризата? Дали кризата успеа да поттикне солидарност?

Ми се чини дека коронакризата е слична на мигрантската, а веројатно и на секоја друга криза – кога ќе се појави го стресува општеството, ги преиспитува вредностите, сакаме да им помогнеме на оние најизложените, повеќе сме заедно, посакуваме да бидеме подобри едни кон други, да помагаме. Но, со време се структурира „ново нормално“ и старите навики на игнорантност доаѓаат до израз. Почнува стигматизацијата, проработува потребата човек да се заштити себе и своите најблиски на сметка на другите и поинаквите и се губи чувствителноста за загрозените. Сите посакуваат да помогнат додека и самите не почувствуваат закана, и тоа е моментот кога се тестира солидарноста, но се чини дека на општеството му е тешко навистина да ги усвои лекциите.

Кои се вашите следни планови?

Работам на претставата Потопување исто така во продукција на Домино и фестивалот Квир, која се бави со слична тема како и Триаголник #2, а ја допира и трансгенерациската траума, женското наследство, силата, женскот принцип, од широк аспект. Тоа ќе биде претстава во која ги користам сите свои вообичаени медиуми – телото и гласот, овој пат напишав и текст, користам видео а ќе користам и модулатор на глас. Исто така, најдов издавач за мојот докторски труд, па ме чека и работа на првата книга. Тоа се, ете, два главни проекти за следниов период.

 

Подолу, пренесуваме дел од прилозите во проектот Триаголник #2, со дозвола од учесничките:

Ова на сликата е ѕидот од мојата соба кој граничи со станот од соседната куќа. Во тој стан зимоска се доселија нови станари. Повеќепати досега од тој стан слушаме расправии, кршење мебел, маж кој урла и жена која плаче. Викаме полиција. Викаат и други соседи. Тие доаѓаат, дури и мноу брзо. Потоа сѐ е тивко некое време, додека повторно не мора да дојде полиција. Потоа сѐ е тивко некое време, додека повторно не мора да дојде полиција.

Жената која живее таму не сака ништо да им каже на соседите, се преправа дека сѐ е океј. Знам дека се плаши да каже било што. Можеби и нема ниту каде да оди ако го напушти тој маж. Искрено, не знам што да правам. И жал ми е поради тоа. Искрено, мене ми е страв кога го слушам, јас, која сум од другата страна. И жал ми е за неа.

Сега сѐ е тивко некое време. 

(Анонимен прилог на учесничка)


Се исплашив дека можеби ова дело е пребрутално и можеби гадливо (се работи за менструална крв) па дури и пребуквално и на раб на вулгарност, но настана од снажна емоција вулкански бес (но и последична тага и перпетуирачки, наизменично остар и тап бол кој циклично и репетитивно обзема како морски бранови што лижат или прскаат жал). Како змиско легло е полно со зборови со кои патријархалните, традиционални мажи или оние нарцисоидните алчни за контрола, погрдно ги опишуваат жените кога не им се по волја. 

Ужасно и нераскинливо тесно е врзан за машкиот crazymaking, т.е. gaslighting во врските, каде жената – која покажува интензиви емоции, праведнички гнев, укажува на неправда, се осудува да прошепоти, проговори, развика, да го завриска она што е вистина, да ги разбие двојните стандарди во кои е често присилена да игра двоен живот со зилион маски лазејќи по минско поле, кога настојува да го разврзе гордиевиот јазол на конфликт со аргументи кои се толкуваат како вжештени бладања и заблуди, да се осуди да се одбрани од вербалното, физичкото и она наjсуптилното, најперфидно и најфатално – психолошкото насилство, тогаш кога ќе покаже заби како мачка од џунгла и се извлече од обидот за туѓа контрола и заробување – тогаш бива прогласена за луда.

(Фрагмент од прилогот на Петра Брнадиќ)


Мојот секојдневен триаголник, растргната помеѓу себе, работата и обврските околу децата дома во карантин, ја промислувам сопствената смисла, смислата на моето постоење и занимање и мојата позиција како жена. Дали она што го правам и сакам е доволно важно иако од бизнис аспект не е профитабило и не спасува човечки животи, или мојата важност е само во тоа што одгледувам, образувам и храна. Тешко е да се најде баланс, а нѐ учат дека рамнотежата е најважна. Ја немам остварено, барем не сѐ уште.

(Прилог на Мартина Муниврана)


„Да се погледне животот в лице, секогаш, да се гледа животот в лице, и да се препознае како она што е... на крајот, да се сака како она што е, а потоа да се одложи.“ – Вирџинија Вулф

(на фотографијата е царски рез)

(Прилог на Дарија Жмак Куниќ)



Еве мој мал придонес и реченица што пред доста време ми ја упати еден господин скулптор: „Немој да се лутиш, но жени не можат да бидат скулптори“.

(Прилог на Ника Рукавина)


Писмово, заедно со илјада други сведочења, беше упатено до Хрватското собрание на читање, во понеделник, 15 октомври 2018 година. 

„После чекање од 14 часа нормално да се породам, со погрешно давање епидурална и уште средство за поттикнување трудови (за пораѓањето да биде што поприродно – 39 недели + 5 дена бев школска бременост, главчето на детето свртено надолу) и опоменување да се смирам бидејќи е невозможно да ме боли, откако срцето на детето на CTG побавно чукаше ме ставија на итен царски рез и тргнаа да сечат, кога крикнав дека ме боли, а анестезиологињата и нејзината сестра ме исмејуваа дека е тоа невозможно, а по второто засекување и повторниот крик ми дадоа општа анестезија. Подоцна, ми го дадоа детето на гради и следниот ден бебето беше 0-24 во собата бидејќи таа болница е пријател на децата. Веднаш сестрите велеа како треба да го подигнам детето и да го ставам на гради. Не ми покажаа како. Повторуваа дека морам да станувам и да го кревам бебето. Со свеж засек од 18 цм тоа е доста тешко. Бидејќи ме боли, бидејќи не сум се наспала 40 часа. А на моето барање да го земат детето од 12-5 часот сестрата на педијатрија одговори: „А, грофицата сака малку да се наспие?“ Дојде во 1часот и го врати детето во 4.

Се очекува сѐ да се знае, ништо не се покажува и се форсира до психичко кршење на жената која минува свежа операција. Каква мајка сте, ако не доите?

Св. Дух болница #PrekinimoŠutnju 2018

Текст од трудот: Млеко – симболизира екстравагантна љубов и денешното искуство на мајка во Хрватска, но исто така дава и симболичен увид во изопачениот начин на третирање на телото на жените. Новороденото дете, кое е несвесно за околината и за себе, првата храна што ја вкусува е млекото на својата мајка. Трудот ја проблематизира положбата на мајката на која ѝ се наметнува структура на образци кои мора да ги исполни за да биде целосна и прифатена од општеството.

(Прилог на Ана Сладетиќ)
 

--------------------------------------------------------

Јосипа Бубаш (1979) е перформерка и танчарка од Загреб, а покрај авторската работа, се занимава со изведбена теорија и пракса. Како изведувачка и коавторка соделувала во различни проекти во Хрватска и странство. Бубаш докторирала на Отсекот за интердисциплинарни хуманистички науки на Универзитетот во Задар со темата Телесност на изведбата и изведба на телесноста.