„Црнила Ремикс“ и „Pijammies“ - заеднички онлајн настан на МКЦ и Кино Шишка

16.06.2020 10:46
„Црнила Ремикс“ и „Pijammies“ - заеднички онлајн настан на МКЦ и Кино Шишка

Соработката за онлајн програма во време на кризната состојба на МКЦ од Скопје и Кино Шишка од Љубљана, кои вечерва (вторник, 16 јуни) ќе одржат нов заеднички настан.

Од 21 часот, Кино Шишка го организира настапот на словенечкиот фанк-џез состав „Pijammies“.

Потоа од 22 часот ќе се прикаже претставата „Црнила Ремикс“ во организација на МКЦ.

„Црнила Ремикс е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на ‘Зад Аголот’ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп субкултурата“, се вели во најавата за онлајн настанот.

Идеја и режија на „Црнила Ремикс“ е на Јордан Симонов, а музика и препев – Дарко Димитриески и Павле Димковски („Зад Аголот“).

Улоги: Луков – Стефан Вујисиќ, Фезлиев – Александар Михајловски Хонда, Иван – Владимир Петровиќ, Методи – Горан Ников, Младичот – Ненад Анѓелковиќ, Неда – Сања Арсовска, Христов – Павле Димковски.