Повторливата смрт на превртливата јагула

16.06.2020 14:53
Повторливата смрт на превртливата јагула

Многу замолчени гласови истекуваат неповратно од Струга со Дрим. Арно ама, некој некогаш по реката беше пуштил еден глас да бруи и струи сé дури таа кола низ струјните кола на градот. Ова се има случено во некое време од сам памтивек заборавено, но трае и во времето што го познаваме како денешно. Денес гласот, нагризен од забот на тоа време-бреме, изабен од годињето, носен и разнесуван по Дрим, ромори тивко и по кроце како старец. Денес ова древно ехо едвај крпи крај со крај, крепено уште само од начулените уши на опитните стружани. Оти единствено машкото потомство на струшките староседелци може да го дочуе проклетото пророштво кое вели дека машката рака љубената смее да си ја милува само на сон, а машко око за неа не просолзува ниту тогаш или поточно – никогаш.

Во овие околности се беше било изродило едно црномурно муртало. Изнедрено од пазувите на градските неимари, штитено од градските заштитници, тоа брзо и лесно ја имало начуено пораката. Чуено, но не и дочуено, зашто калешот верувал оти кршната става од саканата воопшто не е за милување. Ни на јаве ни на сон! Машка солза пак, скраја да е, не би капнала за ниеден земски створ, па дури ни за лек на потсушениот езерски отвор. Правата причина за момчешката наглувост била, секако, неговата гордост. Оти оваа мургава мурина, исто како и морската јагула, криела сладок отров под непце кој се прибојувала да го хисне во било кое доба од денот. Се страшело да не му се лизне и во најглувото доба од ноќта, та да не ја врзе саканата за себе, а себе да се приврзе за неа како привезок. Тешко му паѓала мислата макар и на спиење да ја има за блиска, од ближнаго поблиска. Никако не сакало да ѝ влезе во сонот и да ја љуби во нејзините мисли, иако во својте ја милувало до мила волја. Таа замислувана милина, постојано мислена и никогаш во план необмислена, почнала да го тишти. Риела во него, а теласата виела и вриела од сласта на пустиот копнеж. Кутрото момче зажарено од горлив ламтеж, најнакрај спас побарало во ладната езерска вода. И поитало кон месноста Езерски Лозја, кај брегот со патека што води во средето од огледалото, право до самото срце на езерото. Пат кој понирал толку длабоко во водата за да ѝ отвори нејзе пат да продре во човекот. На самиот раб, езерото до врв ги полнело сите страни на човековиот свет станувајќи негов единствен светоглед. Токму таму момчакот застанал и трпеливо чекал да го поземе истинатата вода. А, таа најпрвин праќала само капки, го макала со капалки, го бакнувала со слатки целувки, за со нив да ја разблажи неговата солена одлука. Попусто. Во следниот наврат, водата во мал преврат, испратила бранчиња за да ја измазнат неговата остра решителност. Повторно јалово. Најнакрај водата пратила толку голем бран, да би да го измие целото сеќавање за проклетото пророштво. И вистина, момчешката мисла за клетвата полека почнувала да бледнее, а мислата за севдата посилно да тлее. Но, ко за белја, напоредно со мислата бледнеела и ставата, и таа се тенчела дури момчето исчезнувало. Најпосле се сторило измаглица и испарок, призрак и пладневен изварок на езерската вода. Од момчето останал само еден сон што низ градот почнал да блуди, и редовно да ја мачи и буди саканата.

Од тогаш наваму никој не го беше сретил момчето, но крај брегот на месноста Езерски Лозја мештаните редовно среќаваа една мургава мурина како препелкајќи, во маки умира. Мистериозната смрт, велеа, се повторува само на разбрануван ден кога струшката јагулата ќе почне да танцува со надигнатата вода сторена во млада девојка, мешколејќи се и провирајќи се низ неа во чудесен круг. И тој ритуал е секогаш чуден, но секогаш судбински ист: најпрвин јагулата почнува да ѝ се измолкнува на водата и како да сака да се извлекува, потем водата лизгајќи, се повлекува и неповратно истекува во езерската шир. А рибата? Таа останува да се препелка во еден плиток и темен вир.

(Расказот „Повторливата смрт на превртливата јагула“ е објавен во првиот двоброј на книжевната збирка „Очудувања“ во издание на „Бегемот“)

Слики: Милосав Јовановиќ

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото