Ајнштајн и Сталин

17.06.2020 00:13
Ајнштајн и Сталин

Алберт Ајнштајн

Еве интересно прашање кое денес претставува само една по малку интригантна и секако, поучна приказна, но во раната фаза од Студената војна тоа беше првокласно политичко прашање - дали Алберт Ајнштајн е комунист?

Сомнеж секако постоел. Една година пред Ајнштајн да ја напушти Германија и да се упати во Америка, во 1932 година Женската патриотска организација испраќа писмо на дури 16 страници до Стејт департментот во кој ги изложува причините на Ајнштајн да не му се дозволи влез во САД. „Дури ни Сталин лично не бил поврзан со толку многу анархо-комунистички групи“, наведуваат членовите на оваа организација.

Ќе се покаже дека слични стравови имаа и тајните американски служби. Во 1983 година, професорот од Универзитетот во Мајами на Флорида, Ричард Шварц, открива дека под раководство на познатиот Џ. Едгар Хувер, Федералното истражно биро (ФБИ) водело опсежна истрага за Ајнштајн. Шварц објавува досие на 1427 страници за следењето на Ајнштајн. Судејќи според овие документи, ФБИ го следело и шпионирало Ајнштајн уште од 1933 година па сѐ до неговата смрт во 1955 година.

Агентите ги прислушувале неговите телефонски разговори, го следеле и ги пребарувале неговите отпадоци. Во една прилика дури и ја претресле куќата на секретарката на Ајнштајн. Во едно од досејата кое ќе се состави во тој период, останала и наредбата на Хувер во која се бара Бирото „да достави извештај за која било сомнителна, инкриминирачка информација која е содржана во кој било фајл што го има Бирото за оваа личност“.

Меѓутоа, на другата страна од светот впрочем не било подобро - Ајнштајн во првите децении од 20 век е најнепожелниот научник во земјата на Советите. Сталин напиша дека теоријата која се нарекува релативистичка претставува апсурден производ на буржоаската мисла.

Едгар Хувер

Ајнштајновата теорија за релативноста од самиот почеток беше посматрана како махистичка, според филозофот на науката, Ернст Мах, што во традицијата на инаку сомнителната критика на Сталин на некои од поставките на Мах значеше нејзина смртна пресуда. „Денес се знае дека Сталин лично, преку професионални филозофи и научници кои се потчинуваа на неговите барања и догми, беше иницијатор за побивањето на теоријата на релативноста на Ајнштајн“, вели на оваа тема во 1969 година Милован Ѓилас во книгата „Несовршено општество“.

Меѓутоа, со текот на времето ставот кон Ајнштајн ќе се менува. До тоа доаѓа природно, заради надворешните прилики и очигледните докази дека Ајнштајновата теорија не е неточна, без разлика дали била и „махистичка“.

Промената на односот кон Ајнштајн може буквално да се следи преку различни изданија на практично исти книги. Големата советска енциклопедија, како еден од најдобрите показатели за состојбата на духот во 1933 година вели дека „филозофската позиција на Ајнштајн не се одликува со доследност. Материјалистичките и дијалектичките погледи се преплетуваат со махистичките поставки кои преовладуваат во речиси сите филозофски истапувања на Ајнштајн.“

Но, иако претходно го критикува и самиот Ајнштајн за недоследност, дваесет години подоцна, во 1957 година, истиот извор за него вели: „Филозофските погледи на Ајнштајн содржат длабоко прогресивно научно значење независно од овие или оние изјави од таков вид“.

Во меѓувреме се појавува и идејата дека приказната за Ајнштајн како социјалист, ако не и нешто повеќе од тоа, може да претставува победа каква што Москва и нејзиниот мрачен господар можеа само да посакаат во првите години од Студената војна.

Во 1952 година и покрај сѐ што напиша за него и неговите теории, и покрај физичарите релативисти кои од дијалектички причини стигнаа до гулазите, Јосиф Сталин лично го повикува Ајнштајн да дојде и да почне да живее во советска Русија. Ајнштајн го одбива неговиот повик и продолжува да ги поминува своите последни мирни денови на Принстон, додека агентите на Хувер залудно копаат по неговото ѓубре.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Свет / Историја
Свет / Наука / Историја
Општество / Наука / Историја
Наука / Технологија / Историја
Наука / Живот / Историја
Наука / Технологија / Историја

ОкоБоли главаВицФото