1014 hPa
73 %
18 °C
Скопје - Сре, 19.08.2026 04:59
_600.jpg)
Деновиве излезе од печат најновата поетска книга на Сузана В. Спасовска, „Јазикот на светлината“, во издание на „Македонија презент“. Во две продолженија,ќе пренесеме 12 песни од книгата.
МАГНЕТНА ЉУБОВ
Да не беше светлината твоја,
ќе летав изгубено низ вселената
за да те најдам –
му рече Земјата на Сонцето
Магнетно срце ли имаш
та толку ме привлекуваш –
ѝ рече Сонцето на Земјата
ТРАНСМИСИЈА НА ОГНОТ
Огнот на едно сонце
им ја зоврива крвта
на жителите од глина
огнена станува таа крв
која нивните тела
во жаречки топки ги претвора
па тие стануваат сонциња
околу кои не се тркала земјата
оти сами се тркалаат по неа
за секаде да ја осветлат
а некаде и да ја огреат
со својата врела суштина
ГОЛТАЧ НА СОНЦА
Не постои само голтач на пламени
тој е само остаток
само потомок на луѓето-голтачи на сонца
кој ако не ја најде онаа
што таа светлина може да ја собере
без да ја изгори
не само што самиот ќе биде
проголтан од огнот што го носи
станувајќи еден обичен јаглен
туку и светот ќе го зацрни
без светлина ќе го остави
во вечен мрак да живее
ако не ја најде онаа
што таа светлина ќе ја прими
и новото сонце ќе го роди
(660).jpg)
ЈАЗИКОТ НА СВЕТЛИНАТА
Тој што знае не зборува
а тој што не знае бара одговори
Оти тој што знае
без зборови зборува
Светлината е неговиот јазик
Оној што знае
ја зборува светлината
на оние што огнот го носат
за да се осветли
оној што не знае
без да изгори,
без пепел да се стори
оти вечниот оган сал се предава
и како љубов се дава
ВАВИЛОНСКА ТАЈНА
Под урнатините на некогашниот храм
има подземни гробници
во кои не спијат
смртни мртовци
ами нашите бесмртни предци
Нив во сон ги одржува
високата свештеничка
која приспивна им пее
а од нејзината љубов
избива светлина
што нивната ноќ
ја претвора во ден
Оној миг кога ќе избледи
нивното сеќавање
на нејзината убавина
нивните очи ќе се отворат
ЗЛАТНАТА КУЛА
Во златната кула на змејот сум
заробена не сум
ниту затворена
доброволно пристапив тука
за змејот да го видам
таа толку извикана ѕверка
тоа толку страшно чудовиште
вратите сами ми се отворија
пристапот слободен ми беше
до највисокото скалило
што спирално до неговиот сон ме водеше
за сонот да ми го предаде
сѐ што е на небото на сон да видам
небесната карта да ја сонувам
а тој со својот пламен здив
небаре факел
ноќта ми ја осветлуваше
(593).jpg)
Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов работи на својата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата. Досега објавила пет стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996, Македонска книга), „Смртно писмо“ (2004, Блесок), „Божествена жена“ (2006, Темплум), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, Антолог), „Пеперутка од пепел“ (2018, самостојно издание), а „Смртно писмо“ е објавена и како е-книга.
Нејзини песни се застапувани во некои од антологиските избори на современата македонска поезија. Во 2006 година ја приредила и антологијата на поновата македонска поезија „Пурпурни извори“, во издание на Струшките вечери на поезијата. Пишувала и објавувала книжевно-теориски текстови во периодиката. Работи како професионален лектор.
Слики: Alessandro Sanna - Пинокио