Дали мутациите ќе го направат коронавирусот безопасен?

18.06.2020 10:39
Дали мутациите ќе го направат коронавирусот безопасен?

Извор: Дојче веле

Развојот на ефективна вакцина или лек против новиот коронавирус е толку тежок, меѓудругото и бидејќи вирусот постојано се менува со текот на времето. Околу половина година по избувнувањето на пандемијата, истражувачите ширум светот веќе регистрирале 100 различни мутации на САРС-КоВ-2. Ваквите варијанти или промени се нормални затоа што геномот на вирусите мутира со тек на време и се појавуваат нови подтипови. Карактеристиките на вирусот исто така можат да се променат. Како резултат, оригиналниот вирус може да ослабне или да стане поагресивен. Овие различни варијанти, исто така, објаснуваат зошто патогенот предизвикува бранови на инфекција со различна тежина во одредени региони во светот и зошто инфекциите исто така можат да бидат многу различни кај различни луѓе.

Страв од втор бран во Кина

Кина, земја каде започна пандемијата, во голема мерка успешно го контролира ширењето на коронавирусот со решителни ограничувања. Во изминатите неколку недели, речиси сите инфекции доаѓаа од повратниците од странство.
Но во последно време, сепак, новите инфекции се јавуваат во некои провинции и очигледно е дека вирусот потекнува од Кина.

Првичните тестови, исто така, покажаа дека во земјата очигледно циркулира нова варијанта на патогенот. Вирусот САРС-КоВ-2 што сега е пронајден во Пекинг е малку различен од вирусот што претходно ја погоди Кина, вели Зенг Гуан, епидемиолог во кинеската здравствена служба, за весникот „Глобал тајмс“. Резултатите сега треба да се споредат со анализите од други земји со цел да се проследи лозата на патогенот.

Новата патека на инфекцијата на крајот ги натера здравствените власти да го затворат пазарот на големо во Пекинг каде се обработувал увозниот лосос, но и делови од градот. Имено, првичниот сомнеж е дека вирусот се раширил преку овие тезги, иако научниците се сигурни дека рибата не може да го пренесува вирусот. Од каде потекнува лососот сè уште е нејасно, бидејќи Кина увезува лосос од неколку земји како Норвешка, Чиле, Австралија, Канада и од Фарските острови.

Како доаѓа до мутации?

Вирусите користат клетка домаќин за да се репродуцираат. Кога вирусите инфицираат таква клетка домаќин, тие ги инјектираат генетските информации во заразената клетка од нивното јадро. Клетките на телото репродуцираат милиони копии на вирусот. Сепак, секоја од овие репродукции има мали грешки во копирањето и секоја од овие грешки го менува и генетскиот код на вирусот, мутира.

Човечкото тело вообичаено е способно да се заштити од вакви вируси. Произведува антитела кои го бранат од вакви напади на вируси и го прават имун на патогенот. Меѓутоа, ако патогенот веќе мутирал и формираните антитела се програмирани на постара верзија на патогенот, тогаш овие антитела се значително помалку ефикасни. Од таа причина, редовно повторно добиваме настинки. Нашето тело веќе произвело соодветни антитела од претходната настинка, но сè уште нема произведено нови антитела за мутираниот патоген.

Дали мутациите се опасни?

Има многу показатели дека новиот бран инфекции во Кина е поврзан со нова мутација, затоа што овој пат симптомите се развиваат побавно. Сепак, нема причина за паника, бидејќи мутациите не мора да го направи вирус поопасен. Некои мутации исто така можат значително да го ослабат вирусот. Кристијан Дростен од берлинската клиника Шарите, исто така, на мутацијата гледа позитивно. На овој начин новиот коронавирус „се реплицира уште подобро во носот и подобро се пренесува“, вели германскиот виролог, осврнувајќи се на неодамнешните студии.

Мутација што првенствено влијае на областа на носот му овозможува на вирусот подобро да се репродуцира, што „води до тоа епидемиите на вируси всушност да стануваат побезопасни со текот на времето“, вели Дростен во својот подкаст за радиото НДР. Иако вирусот би можел да продолжи да влијае на мукозните мембрани во белите дробови, резултатот ќе биде дека би се чувствувале многу повеќе болни отколку само со течење на носот - и на крајот да останете дома и на тој начин да спречите понатамошно ширење. Затоа, вирусот повеќе не може да се шири толку добро, ја објаснува врската германскиот виролог. Мутациите понекогаш можат да го направат вирус толку слаб што тој на крајот исчезнува, како што беше случај со првата појава на патогенот САРС- КоВ во 2003 година.

Почнувајќи од ноември 2002 година, првата пандемија на САРС се прошири од јужна Кина на речиси сите континенти во рок од неколку недели. Како прва пандемија на 21 век, таа предизвика голем страв кај населението. Сепак, од оваа пандемија настрадаа само 774 луѓе. Летото 2003 бројот на новозаразени веќе драстично се намали, а во мај 2004 СЗО прогласи крај на пандемијата.

 Карикатури: Marian Kamensky

ОкоБоли главаВицФото