Стогодишнина од раѓањето на Федерико Фелини – бесмртниот гениј

18.06.2020 13:20
Стогодишнина од раѓањето на Федерико Фелини – бесмртниот гениј

„Ноќите на Кабирија“ (1957)

Италијанскиот речник го препознава зборот felliniano - сè она поврзано со Федерико Фелини, неговото родно Римини и неговата кинематографија, но е и придавката која го опишува естетскиот, социјалниот и политички универзум на една цела нација во шест децении. Заедно со Виторио де Сика, Роберто Роселини, Микеланџело Антониони и Лукино Висконти, Фелини е еден од најзначајните италијански синеасти воопшто, автор со современ сензибилитет и рафиниран стил, остар критичар и сатиричар на современите општествени појави со извонредна дарба за набљудување.

Фелини ги обележа сите значајни фази во европскиот филм и е најнаградуваниот светски режисер од педесеттите до седумдесеттите. Неговиот авторски универзум е оној на помодната граѓанска и народна култура, на гротеската и фантазијата, на носталгијата и секојдневието. Во текот на својата кариера од речици пет децении ги добива сите големи филмски награди – Златната палма во Кан, 4 Оскари за најдобар странски филм, како и оној за животно дело во 1993, Златниот лав за животно дело во Венеција во 1985, наградата на Британската академија за филмски и телевизиски уметности во 1976...

„Улица“ (1954)

Роден во 1920, по завршувањето на гимназија пред почетокот на Втората светска војна заминува во Рим, градот во кој ќе остане до смртта во 1993 година. Уште како мал покажувал талент за цртање, па со карикатурите плаќал влез во киното „Фулгор“ во родното Римини. Првата работа му била како илустратор во еден сатиричен магазин, а токму талентот за пишување шеги и скечеви ќе му помогне во креирањето на радиодрами и сценарија. Така го запознава Роберто Роселини со кој ќе соработува на сценариото на „Рим, отворен град“, филмот кој ќе го означи почетокот на неореализмот во кинематографијата. Во 1943 се жени со актерката Џулиета Масина која подоцна ќе ги одигра главните улоги во неколку негови филмови и со која е во брак до крајот на животот. Како режисер дебитира со „Светлата на вариетето“ во 1950 година кој го режира заедно со Алберто Латуада, додека првото самостојно остварување му е „Белиот шеик“ (1952). Со „Безделничари“ (1953) достигнува статус на познат режисер, но вистинскиот успех доаѓа со „Улица“ (1954), трагичната приказна за луѓето од маргините на општеството со фокус на нивните психолошки карактеристики. „Улица“ му го носи првиот Оскар за најдобар странски филм. Втората статуетка ќе му ја донесе „Ноќите на Кабирија“ (1957), инаку последен филм од неговата прва творечка фаза, а соработник на сценариото бил и Пјер Паоло Пазолини.

„Сладок живот“ (1960)

Во шеесеттите Фелини се преориентира кон урбаните теми во кои се бави со кризата на моралот во современото општество, отуѓеноста, изгубениот идентитет и ја започнува плодната соработка со Марчело Мастројани, неговото алтер-его – „Сладок живот“ (1960), филмот-сензација за модерната декаденција и растечкиот поствоени материјализам (ја добива Златната палма во Кан) и автобиографската исповед „8 ½“ (1963, Оскар за најдобар странски филм), рангиран како еден од десетте најзначајни филмови на сите времиња. „8 1/2“ е метафилм, со мозаична структура, преплет на соништата и реалноста на режисерот Гвидо Анселми, за кризата на творештвото, несигурноста и дилемите, филм кој го означи преминот во нова творечка фаза. До денес веројатно е едно остварувањата чија приказна и структура е една од „најкопираните“, како „Синегдоха, Њујорк“ на Чарли Кауфман, „Големата убавина“ на Паоло Сорентино или последниот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“. По „8 ½“ Фелини тргнува во нов правец и кон ширење на тематскиот интерес – „Џулиета и духовите“ (1965), „Сатирикон“ (1969), „Рим“ (1972), „Казанова“ (1976), филмови со кои името на Фелини станува маркетинг алатка. „Рим“ на Фелини е италијанската алетрнатива на Холивуд, нереален и непрепознатлив град, чиишто жители не сакаат да пораснат, опседнати со храната, сексуалноста, претераната приврзаност кон мајката (сеедно дали е римска божица или Католичката црква).

„Амаркорд“ (1973)

„Амаркорд“ (1973) го лансира Фелини во ѕвездите. Носталгичното, во дел автобиографско остварување, чие сценарио Фелини го пишува заедно со Тонино Гвера, е филм за малото приморско гратче, налик на родното Римини во триесеттите години пред налетот на фашизмот и светот на безумието, приказна раскажана преку визурата на тинејџерот Титa (Бруно Занин). Улиците во ова гратче каде единствено што се менува се годишните времиња се улици на ритуали, на карневали, каде поминуваат бизарни ликови, продавачки на тутун со огромни гради, ученици и нивните гротескни учители, изопачени свештеници, умоболни, црните кошули. Самиот збор амаркорд, како што објаснуваат Фелини и Гвера, не постои во речниците, туку е кованица, односно шифрирана порака со какви Фелини сакал да се служи. Порака која може да се протолкува како спој на два збора со цврсти значења: amaro (горчлив, мачен) и ricordare (да се памети, да се сеќава) - горчливите мачни спомени на едно време и на една состојба на духот. Филмот го добива и четвртиот Оскар за најдобар странски филм и има огромно влијаниe врз популарната култура и филмот – особено видливо кај Вес Андерсон, Гас ван Сант, Тод Хејнс.

Од подоцнежните негови дела се издвојуваат „Проба на оркестарот“ (1978) парабола на актуелната политичка ситуација во Италија, инаку последното дело во кое соработува со композиторот Нино Рота. Оркестарот е симболот на општеството и времето во кое живееме и неможноста да се вратиме во хармонија, за Европа која постојано минува низ кризи и агонии и ги води истите битки; потоа „Градот на жените“ (1980), „Џинџер и Фред“ (1986) и „Интервју“ (1987). Последниот филм „Гласот од Месечината“ го снима во 1990 година.

„Град на жените“ (1980)

РАМКА:
Film Comment, 1968

„Во такви прилики (како работата на филм) главно зборувам за себе. Така ги режирав и своите последни филмови, изнесувајќи настани од сопствениот живот, понекогаш толку чесно што тоа изгледа индискретно, како со својата исповед намерно да сакам да предизвикам непријатни чувства.“

„Филмот спаѓа во искуството на нашето детство, па можно е на мене да влијаел, како што влијаело моето семејство, пријателите, мојата жена, црквата, воспитувањето кое сум го добил – на уметникот се врши влијание така што неговите емоционални епизоди во животот стануваа дел од него самиот. Не се сеќавам на ниеден филмски творец кој особено влијаел на мене... Ми се допаѓаа некои автори додека бев дете, секако Чаплин пред сè. Тој е автор за кого тешко можам да судам поради тоа што е дел од митот за детството. Првото и вистинско искуство го стекнав во филмовите со Роселини, соработував на сценаријата, а бев во состојба да ги следам во прилично удобна позиција - не како асистент, туку како негов пријател. Така на некој начин Роселини влијаеше на мене, не како светски автор, туку со начинот на кој снимаше.“

Првично објавено во „Филм+“ бр. 36, март 2020