Трауми, мегаломании и фобии, од Балтикот до Панонија

18.06.2020 14:57
Трауми, мегаломании и фобии, од Балтикот до Панонија

 

Најдобрите лаги имаат зрно вистина - тоа е темел на секоја успешна националпопулистичка пропаганда која татнее повеќе од десет години во источноевропските членки на ЕУ. Хибридните мешавини на национализмот, суверенизмот и популизмот се наметнаа како водечки идеи во речиси сите источноевропски членки на ЕУ. Прибалтичките републики и Полска го билдаат национализмот на Русија, Унгарците на историските неправди, Словаците на националните малцинства, Чесите на мигрантите, додека сите заедно гледаат дежурен виновник во Брисел и ЕУ за сѐ што не оди како што треба во сопствениот двор. 

Во источна Европа систематски се фабрикуваат и шират стравови почнувајќи од минатовековниот за загрозеноста на нациите до надоградениот со страшните неолиберали и глобалисти кои сакаат да ги населат пустите рурални краишта, од Балтикот до Панонија, потоа стравот дека мигрантите, муслиманите, црнците, Арапите ќе ја затрујат „чистината“ на источноевропските етноси.

Незадоволството на европскиот ориент не е ново, а не е ни новост. Унгарскиот правник и политиколог Иштван Бибо непосредно по завршувањето на Втората светска војна, во 1946 година објави труд чиј наслов, самиот по себе, зборува доволно: „Бедата на малите држави во источна Европа“ (A kelet-europai kisallamok nyomorusaga).

Бибо уште тогаш ја детектираше проблематичноста на формирањето и стабилизирањето на нациите и државите во источноевропскиот регион зашто беа резултат на политичка и културолошка деформација преку егзистенцијалниот страв за сопствената нација. Бибо тој страв го сметаше за извор на сите зла кои го погодија источниот дел од Стариот континент.

Во периодот додека трупите на Сталин воспоставуваа марионетски режими, од Балтикот до Црното и Јадранското море, Бибо луцидно констатираше дека националната мобилизација оди рака под рака со стравот за опстанокот и дека истовремено ја отвора вратата за сите опскурни теории и идеологии, без разлика колку тие се апстрактни или неизводливи. Потоа Бибо ја додава клучната реченица: „Така се создава јаз помеѓу демократијата и националното чувство, со ширење на уверувањето дека демократијата и слободата се пречки за јакнење на нацијата.“

Дисидентот кој ќе биде осуден на доживотен затвор заради учество во Унгарската револуција 1956 година, пророчки предупреди дека национализмот базиран на антидемократски постулати ќе ги претстави либералните идеи како закана за националните интереси и сигурноста на нацијата наметнувајќи им на граѓаните обврска да ги ловат предавниците, внатрешните непријатели и петоколонашите. „Сето тоа е зачинето со всадување на чувството на историска жртва базирано на истакнувањето на доживеаните неправди, страдања, трауми, злосторства и ширење непријателства и разгорување спорови со малцинствата и соседите“, се драматично актуелни забелешки на Бибо, иако наскоро ќе наполни 75 години.

Бришењето на правта и гланцањето на биографиите на националните јунаци, маченици, монарси, е секојдневие во голем дел од источноевропските земји, од Стефан Втори Угарски (Свети Иштван) и Шандор Петефи во Унгарија, преку Јан Собјески и Тадеуш Кошчушк во Полска, до Карлис Улманис во Летонија.

Полска на Качински и Унгарија на Орбан се гледаат себеси како „Antemurale Shristianitatis“ (бедем на христијанството). Полскиот политички наратив е исполнет со митови кои се темелат на делата на фратарот Војчех Демболецки, поетот Адам Мицкиевич, трилогијата на Хенрик Сјенкјевич (Со оган и меч, Потоп и Пан Володјевски), и дополнително зацврстен со долгото папство на Карол Војтла (Јован Павле Втори).

Фра Демболецки тврдеше дека словенскиот јазик е најстар на светот и дека во рајот зборувале словенски јазик, вклучувајќи ги и двајцата грешници, Адам и Ева. Водечкиот романтичарски полски поет Мицкиевич ја опеа Полска како Исус Христос меѓу народите. Бројни полски историчари, писатели, етнографи со децении залудно се трудеа да ја зауздаат мегаломанијата на своите сонародници: голем дел од Полјаците католици, особено во руралните делови, се убедени дека Полјаците се најстар народ. Тоа оди толку далеку што во провинцијата на Втората полска република, создадена помеѓу двете војни, не ја доживуваа како своја: не беше доволно католичка, доволно патриотска, доволно полска.

И додека за денешна Полска можеме да кажеме дека го преболе едновековното исчезнување од европската сцена заради волјата на големите европски сили, Унгарија, сто години подоцна, „ги лиже“ историските рани од Тријанон, палатата на љубовниците и сопругите на последните лујови во Версај. Дури девет од десет Унгарци и денес го доживуваат Тријанонскиот договор како национална трагедија со која се одредени границите на денешна Унгарија.

„Западот ги унакази илјадагодишните граници и историјата на централна Европа (источноевропските лидери своите земји ги претставуваат како централноевропски, заб. на авторот). Нѐ принудија да живееме во неодбранливи граници, нѐ лишија од нашето природно богатство, ни ги одземаа нашите ресурси и извршија смртна пресуда над нашата земја. Никогаш нема да заборавиме што ни направија“, изјави премиерот Орбан на одбележувањето на стогодишнината од договорот кој ја скрати Унгарија за две третини од дотогашната територија.

Во седиштето на Фидес во Будимпешта, владејачката унгарска партија, во главната конференциска сала, на носечкиот ѕид, доминира географска карта на Унгарија пред 1920 година, со делови од Србија, Романија, Украина, Словачка, Австрија и Хрватска. Пред неколку недели Орбан ја објави истата карта на својот профил на социјалните мрежи, посакувајќи им среќа на средношколците на матурскиот испит, експлицитно повикувајќи ги „никогаш да не ја заборават историјата“, секако, унгарската верзија на историјата. Како полските селани кои не ја доживуваа како своја Втората полска република, ни Унгарците не го доживуваат креирањето на модерната унгарска држава како добивка туку како тешка загуба, чија горчина и денес се провлекува во јавните дискурси.

Концептот на нацијата и патриотизмот не се совпаѓа во западна и источна Европа. Идејата на нацијата, како што би рекол Милош Црњански, во главите на Полјаците, Унгарците, Словаците, Чесите и прибалтичките нации не се совпаѓа, напротив, често е спротивна на онаа што ја имаат Италијанците, Шпанците, Французите, вклучувајќи ги и Германците. На европскиот ориент прво се родени нациите а дури подоцна, во друг историски момент, националните држави, за разлика од западниот дел од континентот каде прво се создадени државите а дури подоцна нациите, заклучно со Италијанците, последната голема нација: „Ја создадовме Италија, сега треба да направиме Италијанци“, е позната фраза која му се припишува на Масимо Д’Азељо.

Сите источноевропски нации се родени во 19 век и ниедна не ја виде својата национална држава пред 20 век. Имајќи предвид дека се креирани во мултиетнички, мултиконфесионални, мултијазични империи со еластични, флуидни и порозни национални простори, крвавите војни, одмаздите, етничките чистења и прогоните се составен дел од историскиот багаж на секој народ.

Источноевропските земји од „темнината на народите“, преку кратките епизоди помеѓу двете светски војни и нацистичката окупација, завршија зад Железната завеса. Потоа без никаква либерална кондиција набрзина го прескокнаа патот до членство во ЕУ. Тоа овозможи поданичкиот менталитет да ги преживее комунистичките режими и непречено да метастазира во националистички режими или демократури.

Комунизмот почна значително да изумира пред падот на Берлинскиот ѕид. Просторот кој го оставаше идеологијата го пополнуваа националистички идеи и сентименти. Тие два процеси се одвиваа паралелно и ја доживеаја својата кулминација при преминот од осумдесеттите во деведесеттите години на минатиот век. Под кринката на комунистичките режими растеа цели генерации кои покрај големата желба да се ослободат од „рускиот шинел“ негуваа бројни антисемитски, ксенофобни, шовинистички и во суштина антилиберални ставови. Грдото лице на национализмот поминуваше незабележливо во сударот со чудовиштето на комунизмот.

Во нашата јавност е застапено уверувањето дека само во Југославија комунизмот имаше човечко лице. Вистината е малку поинаква: на пример, Хрушчов го опишуваше комунизмот во Унгарија како „гулаш комунизам“, бидејќи после гушењето на револуцијата во 1956 година Јанош Кадар успеа на внатрешен план да им обезбеди на Унгарците зраци на слобода кои беа незамисливи во СССР и некои други држави од Варшавскиот договор. Не е случајно што во Унгарија падот на Берлинскиот ѕид, односно рушењето на комунизмот, не беше катартично во позитивна смисла. И покрај тоа, во негативен контекст, за Унгарците беше многу потрауматска транзицијата кон пазарна економија и демократски поредок. Никулецот од кој се разви Орбанистан беше уверувањето кај голем дел во унгарското општество дека беше подобро под Кадар, и со тој сентимент спонтано се венчаваше желбата за силен човек на чело на земјата.

Западните новинари, дипломати, аналитичари погрешно го интерпретираа национализмот во источна Европа: мислеа дека станува збор за средство со кое ќе се срушат комунистичките режими и како таков им беше прифатлив зашто донесуваше промени. Тоа објаснува зошто во цела Европа стрчеше само национализмот во Србија: му служеше на Слободан Милошевиќ, комунист, за задржување на власта а не за демократизација на општеството.

Би било подеднакво банално и погрешно да се констатира дека Полјаците, Чесите, Унгарците, Словаците, Летонците, Литванците, Естонците станаа западњаци а дека потоа се вратија за повторно да бидат источњаци. Едноставно, во источноевропските престолнини никогаш не криеја дека од нивен аспект ЕУ е таа која мора да им се прилагоди на државите членки, а не обратно. Европските институции, почнувајќи од Европската комисија, се доживуваат како непријатели чии цели се рушење на нациите и создавање услови за наднационално општество, додека Европскиот совет се перципира како форум во кој доминираат големите и моќни членки со амбиции кои не се компатибилни со зачувувањето на етносот.

Парадоксално, власта во државите од таканаречениот петти бран на проширување од 2004 година, од моментот на влегување во ЕУ, која се создаде со цел да ги заузда национализмите, постепено стануваа сѐ повеќе националистички, суверенистички, популистички. Оттаму произлегува сѐ поголемата конфликтност и отпорот кон проектите кои водат кон подлабока интеграција во ЕУ.

Од друга страна, во државите од источна Европа доаѓа до мошне сериозни политички и светогледни поделби меѓу граѓаните. Бевме сведоци на минатогодишните масовни собири, со стотици илјади луѓе во Прага против премиерот популист Андреј Бабиш, постојаните тензии и манифестации во Полска против клеропопулистот Качински, големите демонстрации во Словачка заради кои падна владата, како и повеќемесечните протестни прошетки во Будимпешта кои придонесоа за првиот голем пораз на Виктор Орбан од 2010 година, откако кандидатот на опозицијата Гергељ Карачони го победи Иштван Тарлош, дотогашниот градоначалник од редовите на Фидес.

Демократско-либералната регресија во источноевропските земји е логична последица со оглед на околностите и базите на кои се темелат нивните општества. Формулата дека економскиот напредок со членството во ЕУ и НАТО неповратно води кон правна и слободна држава падна на испитот токму таму каде што се сметаше дека не може да ги изневери очекувањата. Брзината на модернизацијата и либерализацијата ги превртеа источноевропските општества со неизбежен исход креирајќи фрактури во општественото милје помеѓу урбаниот и руралниот дел на населението. Првите полесно и побрзо ги прифатија новите правила или емигрираа во западноевропските држави додека конзервативниот, традиционалистички дел од популацијата, освен губењето на положбата во транзицијата, мораше да се соочи со новости како што се заштитата на малцинствата, правата на ЛГБТ заедницата, граѓанските слободи, родовата рамноправност. Сето она што за нив со векови претставуваше табу.

На тие фрактури на власт дојдоа Обран, Качински, Бабиш, словачките популисти од левицата и десницата. Пораката секогаш е иста: либералните демократии се неефикасни во одбраната на националните интереси и го поткопуваат здравиот корен на етносот.

Одливот на наелението од источноевропските држави членки на ЕУ има библиски размери. Во последните две децении Полска и Унгарија останаа без повеќе од 15 проценти од населението. Уште полошо поминаа Хрватска (17 проценти), Бугарија и Романија со повеќе од една петина од населението, Литванија и Летонија со цела четвртина. Проблем е што трендот на заминување на луѓето продолжува со несмалено темпо и покрај зголемувањето на просечните плати и подобрувањето на животните услови.

Прогресивното празнење на источноевропските земји и стареењето на населението во руралните делови ја зајакнува перцепцијата на загрозеност од отворени граници и доаѓањето на мигрантите кои можат да го загрозат опстанокот на нацијата. Суверенистите, националистите и популистите играат токму на таа карта ветувајќи заштита за чистината на нацијата, традициите, патријархалното устројство, конзервативните вредности и враќањето кон религијата, црквата додека на удар се наоѓаат глобалистите, космополитите, неолибералите кои се претставуваат како елита која се отуѓила од народот на кој му припаѓа, подготвена заради профит „да ги продаде верата и нацијата за вечера“.

Медениот месец на „старата“ и „новата“ Европа, нејзиниот запад и истокот, траеше кратко, без оглед дали станува збор за држави кои станале членки на ЕУ или останале на нејзината врата. Изгледа дека уште еднаш е потврдена тезата на стариот добар Хегел дека „во книгата на историјата на светот периодите на среќа главно се бели страници“.

Слики: Vadim Solovyov

Извор за текстот: Nedeljnik 

Слични содржини

Општество / Gif / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото