Бездушна Неда

18.06.2020 16:29

Мори Недо, бела Недо.
Завило се ведро небо
Над Недини равни двори,
Да не речеш од Бога је –
Од Недини неправини:
Отровила своја сестра,
Заљубила своја зета,
Останаа две дечица,
Две дечица сирачета:
Постар Петко, помлад Цветко.
Постар Петко говореше:
„Расти братко да растеме,
Тети вода да носиме.
Дочула ѝ кучка Неда;
Отровила две дечица,
Закопа ѝ над кашчата,
Над кашчата во градина,
Во градина на преелазо,
Кој да флази да ѝ гази.
Тамо братќа изникнали
Две страчета ран босиљок.
И па братќа продумали:
„Расти, братко, да растеме,
Да си носи наша тета,
наша тета арни китки.“
Дочула ѝ кучка Неда,
Оскубала две страчета,
Две страчета ран босиљок,
Фрлила ѝ на бунишче.
И там братќа изникнали,
Изникнали две борчета,
Две борчета ластарчета,
Изникнали, продумали:
„Расти, братко, да растиме,
Да чиниме тети сенќа,
Лете сенќа, зиме завет.“
Дочула ѝ кучка Неда,
Пресекла је две борчета,
Навали ѝ силен оѓен.
И там братќа продумали:
„Гори, братко, да гориме,
Да се греје наша тета.“


Извор: „Малешевски народни песни“, збирка на Станко Костиќ, Институт за македонски јазик, Скопје 1959 година. Стр.112.

Станко Костиќ – Стојановски е роден во село Горно Мелничани, Дебарско во 1875 година. На 15–16-годишна возраст со татко му Коста Стојановски заминале во Белград, каде што таткото работел како ѕидар. Во Белград Станко учел во вечерната Светосавска школа; подоцна го посетувал учителскиот курс при школата. По завршувањето на училиштето бил испратен за учител во селото Ратево, подоцна и во Берово. Се занимавал со собирање народни умотворби. Во 1899 и 1900 година собрал збирка песни што останала во Архивот на Српската академија на науките и уметностите во Белград, Бил убиен од бугарските војници во 1915 година. Покрај оваа збирка оставил и други записи.

Збиркава, уште во ракопис, му оставила впечаток на српскиот антологичар Јаша М. Продановиќ и тој неколку песни од неа објавил во својата антологија „Женске народне песме“ (Белград 1925). Една од тие песни е и песната „Бездушна Неда“ од која тој бил восхитен. Тој пишува дека песнава ја нашол само во една ракописна збирка. „Тоа е највиок степен на љубовта, онаа вистинска недостижна, рајска љубов која ја прокламирал и Христос во својата заповед: љубете ги и непријателите свои“.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото