1003 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:59
1.
Во древната римска литература, особено во тн. „Златен век“, кој според некои истражувачи кореспондира со „Августовската епоха“, во повеќе пригоди е артикулирана свеста за книжевното т.е. уметничкото дело како „споменик“ кој им пркоси на времето и на деструкцијата, како еден од ретките модуси кои му овозможуваат на човека да ја досегне бесмртноста во еден менлив и минлив свет. „Кренав споменик поцврст од траен туч“ (Carminum liber, III 20) – извикува Хоратиј во една негова песна, уверен дека тој ќе биде „биде жив“ сè додека постои моќниот Рим: „Свеж ќе растам и нов, сè дур на Капитóл / Оди понтифекс свет, девојка смерна в молк“.
Во истиот дух (иако само неколку стотина хексаметри претходно, преку устата на Питагора, неизбежно нè потсетува на Хераклитовото panta rei) во завршните стихови од монументалниот еп Преобразби Овидиј Насон верува и нè уверува дека:
Го завршив трудов. Знам, ни на Јупитер гневот,
ниту пак меч ни оган ни разјадливата древност,
не ќе го сотрат.
(...)
вечен ќе бидам, а името мое
бесмртно ќе е кај власт има Рим над покорени земји;
народот ќе ме чита, и ако вистина има
в усетот на поетот, жив ќе сум низ сите векој.
Очигледно е дека и Хоратиј и Овидиј ја поврзуваат сопствената бесмртност со вербата за бесмртноста на римската Империја, на латинскиот јазик и култура, кои сепак, како што нè учи историјата, не се вечни. Така, Оксфорската историја на римскиот свет потсетува дека на „територијата на царството кое го опфаќало целиот Медитеран и уште многу делови од светот (...) денес се наоѓаат над триесетина независни држави“ (податок од 1988.).
Веројатно затоа, надоврзувајќи се на сонот на римските поети, по многу векови и Пушкин во песната „Паметник“ ја реинтерпретира идејата за вечноста на книжевниот споменик. Иако пишува на руски јазик, поетот е свесен дека тој ќе живее додека живее и поезијата: „Ќе бидам славен јас сè дури светов широк / ќе чува последен поет“. Имено, наспроти римските претходници, за Пушкин поетовата бесмртност е речиси гарантирана преку надминувањето на културните и јазичните граници и бариери: „и секој ќе ме нарече на својот јазик жив: / словенскиот горд внук, и Калмикот, и Финец, / и оној Тунгуз сега див“.
Навистина, дали ќе говоревме за бесмртноста на класиците, на Хомер, на Вергилиј, на Хоратиј или на Овидиј, ако делата на старогрчките и римските автори не се преведуваа на други јазици уште од епохата на хуманизмот и ренесансната?
За разлика од ликовните споменици, за кои не е потребен „превод“, но сепак полека ги грицка забот на времето, се чини дека книжевните артефакти (за жал или за среќа) се осудени на „превод“. Токму преку преводот, делата на античките автори доживуваат еден вид „бесмртност“. Оттука, книжевниот споменик во суштина е динамичен и ѝ пркоси на идејата на споменикот како нешто непроменливо и статично!
Ако се сложиме дека јазикот е жива, флуидна материја подложна на вечна промена, тогаш е природно да претпоставиме дека преку новите преводи и препеви книжевниот паметник му пркоси на заборавот. Во овој контекст, за македонските читатели, меѓу кои многумина имаат основни познавања од латинскиот јазик, кои најчесто се сепак недоволни за да се читаат римските автори во оригинал, преводите од литературата напишана на латински јазик се повеќе од драгоцени.
2.
Ако го имаме сево ова предвид, преведувачкиот опус на Љубинка Басотова (1934-2020), доктор по класични студии и пензиониран редовен професор на Институтот за класични студии при Философскиот факултет, е огромен влог во креативната трансформација на капиталните книжевни споменици создадени на латински јазик, преку преводите на македонски јазик.
Импресивна е листата на преведени дела од латинските класици од античката и средновековната литература: Кајсаровото дело За галската војна, Кикероновите говори и расправи (Говори против Каталина, Философски расправи: За пријателството, За староста, За презирот кон смртта, Тускулански расправи, За крајностите на доброто и злото), Хоратиевото славно послание За поетската уметност, потоа „големата тројка“ на римската епика: Вергилијевиот еп Ајнеида, Овидиевите Преобразби и Лукретиевиот дидактичко-философски еп За природата на нештата, Такитовите Анали, делото За архитектурата на Витрувиј, Историја на Александар Македонски од Куртиј Руф и Филипова историја од Јустин, неодминливата Пофалба на глупоста на Еразмо Ротердамски, првите 10 книги од Државата божја на Аврелиј Августин, како и преводот на Скендербег од Марин Барлети, работен во коавторство со Весна Јањатова-Димовска...
Покрај наведените дела преведени од латински јазик, Басотова на македонските читатели досега им ги приопштила и трагедиите на Софокле Антигона и Филоктет, препејани од старогрчки јазик.
При соочувањето со оваа долга листа неопходно е да потенцираме дека во приопштувањето на капиталните дела Љубинка Басотова како преведувач доследно и внимателно ги почитува и ги доловува жаровските канони, версификациските модели, поетичките начела и стилските регистри и особености на секој автор. Дека преведувачот е еден вид медијатор меѓу времињата и културите, сознание до кое доаѓа современата традуктологија, најубав показ се преводите на Басотова, во кои секогаш се води сметка за читателот: преку архаизираната лексика но и преку многубројните белешки и објаснувања современиот македонски читател добива можност и да навлезе во семантичките нијанси на текстовите и го почувствува сјајот на оригиналот. Од огромна полза за современите читатели се и исцрпните и инспиративни паратекстови и метатектови (предговори и поговори) на професорката Елена Колева, во кои покрај насушните податоци за авторите, делата и контекстот во кои се настанати, неретко се нудат и моќни (цели врзопи) херменевтички клучеви на преведените дела од страна на Басотова.
Непобитен доказ за свеста за значењето на преводите на Љубинка Басотова во нашата културна средина се многубројните признанија: од наградите Ванѓа Чашуле, Григор Прличев и Кирил Пејчиновиќ, преку Дипломата „Мајстор на литературниот превод“ што ја доделува Друштвото на литературните преведувачи на Р. Македонија, сè до наградата „11 Октомври“ за значајни остварувања во областа на науката и образованието.
Во поговорот на македонското издание на Преобразби од Овидиј, Јадранка Владова со право забележува: „Не смееме да не бидеме задоволни со темпото со кое, во неколкуве изминати години, нашата култура се збогатува со скапоцени преводи (почесто препеви) од класичните јазици. Љубинка Басотова, Елена Колева и Даница Чадиковска како учители на помладата генерација класичари направија вистински „бум“ со континуираното објавување на важните, неодминливи наслови од класичните јазици. Секако, тоа не е сè, секако дека на македонски сè уште не постојат сите класични текстови кои други национални култури ги имаат во своите јазици но, исто така, важно е да се потенцира дека веќе далечните пионерски обиди на Михајло Петрушевски се богато наградени со работата врз старогрчките и латинските текстови кои современиот читател денес може да ги пронајде на македонски јазик“. Токму од името на тие современи читатели, ни претставува чест да ѝ се заблагодариме на Љубинка Басотова, како и на целата плејада класични филолози, кои непрестано нè радуваат со нови преводи и препеви, преку кои класичните автори продолжуваат да живеат „низ сите векој“.
3.
Поаѓајќи од тезата на Ив Шеврел дека „преведените текстови се капитален сектор на културните размени“, како и од импресивниот преведувачки опус на професорката Љубинка Басотова, слободно можеме да поентираме дека нејзините преводи претставуваат огромен влог како во преводната литература на македонски јазик и во македонската културна ризница, така во вечниот сјај на античката литература и во „бесмртноста“ на античките писатели.
Едуцирајќи извонредни класични филолози, оставајќи траен спомен и печат во голем број генерации студенти од Филозофскиот и Филолошкиот факултет, како и оставајќи зад себе планински масив од извонредни препеви, Љубинка Басотова остави зад себе „споменици потрајни од бронза“, со што навек ја задолжи македонската литература, наука и култура.
Gloria aeterna!
Сликите во прилогот се на Тицијан (околу 1488-90 до 1576), инспириран од „Метаморфозите“ на Овидиј: Грабнувањето на Европа (1562); Дијана и Актеон (1566-59); и Персеј и Андромеда (околу 1554-56).