Повредите на една класа: Текстилниот погон како страв и трепет

20.06.2020 15:17
Повредите на една класа: Текстилниот погон како страв и трепет

Текстилната индустрија во Штип и понатаму е еден од најпогодените кластери од Ковид 19. Во моментов, ова најмногу се должи на неспроведување на заштитните мерки при работа и превоз на работниците од страна на работодавачите. Пред два дена затворена е осмата фабрика во Штип откако повеќе работници тестираа позитивни на вирусот. Во меѓувреме, шест од седумте фабрики кои беа затворени при последниот карантински викенд, се вратени на работа.

Според Мета, оваа среда, во сега веќе затворената фабрика во Штип, на работа дошле неколку работници и покрај тоа што имале симптоми на вирусот.

Загрижувачки е и фактот што во средата, градоначалникот на Штип и здравствените власти потврдија дека е регистриран случај на заразена работничка во чевларска фабрика, па по случајот тројца вработени заминале во самоизолација, а фабриката продолжува со работа во полн капацитет.

Од Центарот за јавно здравје во Штип велат дека бројот на контакти на заболените е голем, машините во погоните се премногу блиску, како и дека не се сигурни колку се почитуваат мерките за превоз на вработените. Истовремено, директорката на Центарот вели дека во Штип граѓаните не ги почитуваат мерките.

Во првиот текст од овој серијал, дадовме осврт на настаните кои се случуваа од почетокот на кризата до сега и кои резултираа со кластерот во текстилната индустрија. Она што е евидентно во последните две недели е фактот дека и покрај тоа што институциите задоцнија два месеци во преземање на ефективни мерки, кои можеа да го ублажат ефектот на кризата врз здравјето на работничките во текстилната индустрија, тие и понатаму се незаинтересирани да го адресираат вистинскиот причинител на хоророт кој ја снајде и онака угнетената текстилна индустрија. Од клучно значење во овие моменти е ситуацијата во која се наоѓаат текстилните работници да биде адресирана од страна на сите надлежни институции и да се преземат мерки за превенција на понатамошно ширење на вирусот.

Во продолжение на овој текст, ви го пренесуваме второто сведоштво од страна на текстилна работничка за време на коронавирусот. Сведоштвата ви ги пренесуваме во нивната оригинална форма.

Работниот ден на една конфекциска жена во услови на корона кризата

Тргнувам на работа оам по патот, мислам како ќе стасам до работа. Со тага во душата, сите на куп збутани жени, една до друга, која со маска, која не, се качуваме во комбето, никој поима нема колешката чера со кој е била, дали се пазе, ама тоа е, денеска мора сите една до друга да седеме. Сите со натажени лица од страв за вирусот, како ќе работеме, како ќе го поминеме и овој работен ден, со страв и мисла дали нешто ќе се случи или не. Почнваме да работеме, ракавици немаме, сами си носеме, која може да си дозволи да купи која не, и си збореме меѓусебе, сами ако не си купиме, гајле им е на газдите, и се паземе да не нè слушнат што зборуваме, оти ќе биде лошо и за тоа ќе не караат, а може и по некоја казна да добиеме, да ни смалат од платата. Така доѓа време за пауза, ама ни ти се пие ни ти јаде, оти мораш за да можеш да работеш, да издржеш, да имаме сила… така помине паузата, појдеш да работеш, нешто те враќа назад, ама мораш си викаш си даваш сам волја.

За јадење да се снаоѓаш, а не е еден ден. Сеа и уште еден трошок, да си купеш маска, среќа знаеме да шиеме, да си купеш ракавици, да си купеш средства шо сегде ги поскапија…. У корона време за пари ли ќе мислеш, викат. Е ќе мислеш ако ти е празен фриждеро и без овие трошоци и ако секој ден мислеш шо да му дадеш на тоа дете да јаде.

Погоните овие денови страв и трепет. Влегуваш како на минско поле. Една ако се разболе од нас ојдеме сите. Ај ние, пола човеци сме веќе секако. Ама децата и старите околу нас… Мислеш, ќе излеземе ли здрави сите од тука, растојание едвај има и молеш бога само да помине овој ден, но ќе дојде и друг и пак исто.

Од некоја страна слушаш, ајде побрзајте, ќе дојде време да си одете не сте сошиле ништо. Така доаѓа време за дома, пак гужва во комбето, ајде треба да се оде и во маркет да се пазарува, изморени од работа, а мораш после работа, оти после ќе почне полицискиот час. Мажот ми дома, не оде на работа отпуштен на 70 %, а децата дома ме чекаат, а јас изморена идам си дома, ама не смеам да покажам слабост и тага пред нив, се кријам во некое ќоше и плачам од страв што може да биде утре. Ајде мамо да ручаме, а јас изморена и работа и од мисли за вирусот, мора да зготвам за моите деца мили, а мене во уста не ми се става да јадам. И мажот ми разочаран од ситуацијата не сака да јаде ниту нешто да работе, ми вика ајде јади, гладна си и оди одмори малце, јас му велам нека ручаат децата и ти со нив , а ја малку попосле ќе ручам. И така доаѓа друг ден сè тежок и потежок. Мажот ми вели не се секирај, ќе дојде подобро утре, да сме живи и здрави, но со една плата како можеш да живееш здрав живот, кога сè е скапо и луксузно, од овошје до зеленчук, а за месото да не спомнувам…

За лекови, за облека треба пари, а каде за децата ќе остане да му удоволиш нешто што ќе посака најмилото твое чедо, но што да се прави, пуста надеж секојдневие ни станала. Многу ми е жал за тебе, ми вели мажот, што треба да одиш во такви услови на работа. Но што да правиме, нема друго, и без тие пари не бива воопшто. И пак ќе си речеме, да се надеваме за подобро утре.

Слики: Cliff Rowe

Извор: Медуза.мк 19 јуни, 2020.

ОкоБоли главаВицФото