Лицата на невидливиот град

30.11.2010 11:37
Licata-na-nevidliviot-grad-korica.jpg

Книгата „Лицата на невидливиот град“ е замислена како некој вид интимен и приватен портрет на Скопје. Авторите поканија 36 луѓе да го изберат нивното омилено место во градот и да ја раскажат сопствената приказна за тоа место. Фотографот Иван Блажев на избраното место направи портрет на фотографираните лица, најчесто составен од две фотографии.

 „Скопје е само начин на кој ќе умреме.“

Порано го мразев овој стих на Вртев, но веќе не. Скопје е насекаде околу мене, и најмногу – во мене! И нема бегање. Стотици места, приказни, ситуации, сеќавања... Изборот на една единствена локација која на овој или на оној начин ми значи нешто беше тежок. Одлуката падна врз една приказна од минатата декада, кога во напливот на филмски ентузијазам, низ неколку прошетки со пријателите се обидувавме да најдеме простори идеални за одредено филмско дејствие, кои се тука, меѓу нас, поминуваме крај нив, а сепак остануваат недофатни и незабележани. Резултатот на крајот беше фасцинантен. Навидум познати зграда и улица, а само неколку метри зад нив, зад аголот, простор како создаден за сцена од некој добар „филм ноар“. Веднаш замислуваш како Годар и Трифо, во тандем, снимаат некој свој филм од новиот бран од 60-тите. Башка, Скопје во последната декада на минатиот век, поради распаѓањето на едниот и доаѓањето на сцена на другиот систем на вредности, се претвори во град кој изобилува со филмски локации сами по себе.

И така, на крајот се одлучив за скалите на Калето, спроти „бувљакот“, оние што водат до Француските гробишта. Прекрасни по својата грандиозност, филмични „пар екселанс“, и навистина ме чуди што ниту еден домашен филмаџија не се инспирирал да сними некоја сцена токму тука. Можеби тоа ќе се случи набргу, веднаш по ова нивно реоткривање. И не само тоа. Ова е повик и до градските власти да се погрижат за нив, давајќи им нов сјај.

„Скопје е само начин на кој...“

Пределот на „долно“ Топанско Поле и улицата „Џон Кенеди“ кои гравитираат кон ОУ „Васил Главинов“ има развиен маалски идентитет кој луѓето што живееле таму го носат и ако се преселат. Иако е доволно близу до центарот на Скопје за да може да се излегува и пешки, неговиот урбан фолклор се темели на генерациите израснати на рок музиката од предградијата на поголемите градови од бивша Југославија и приказните за уличните херои во кои сите жители имаат некоја улога, врз основа на заслугите.

За растењето во Топанско во осумдесеттите беше карактеристична разнообразноста. Заедно со Роми, Бошњаци, Албанци, Срби, Власи и Македонци со различно потекло придонесуваа со обичаи, како давањето прекари по прилепски. Во семејствата на многу Егејци при присилните патешествија низ Источниот Блок доброволно се вклучиле и Полјаци и Чеси, па така во иста зграда може да се најдат и православни и католици христијани, муслимани, како и отворени атеисти. За оние што јадат манџи по комшии (а срамота е да одбиеш кога те нудат) ова значи дека имаат на располагање сите јадења карактеристични за балканските региони, етнички групи и верски празници, туку и вегетаријански чорбички можеби настанати од искуствата при гладувањето по планините на Грција, или слатки по рецепт од Ташкент.

Иако во секојдневниот говор се користат стереотипи и етнички вицови, тоа не се прави зад грб, а практичноста на секојдневното заедничко соочување со исти проблеми дејствува како противотров за тензии и канализирање на напнатости.

Таа мирисаше гадно кога бев дете. Секое утро чекав автобус за училиште точно пред неа, фабриката за сапуни Цветан Димов. Потоа престана да мириса гадно, и еден по еден почнаа да паѓаат стаклата на нејзините прозорци. Јас почнав да чекам едни други автобуси, кои ме носеа во едно училиште во Софија, да учам како се станува актерка.

Кога конечно се вратив, за да останам и за да се подарам себе си на Скопје, времето за фабриката и за мене престана да тече. Немаше веќе прозорци за ронење, а заспаната фабрика, времето почна да го мери според висината на дивите грмушки кои почнаа да никнат околу неа. Се среќававме сонувајќи, јас и фабриката, и така дознав дека таа во својот и јас во мојот сон сме на едно исто место. Поточно јас сум во неа, а таа низ мене се создава. Не само низ мене, нè има многу. И таа е дом за сите нас. Само не ја викаме веќе фабрика, ја викаме театар.

Не знам како ми успеа,зошто тоа e многу чудно да успее во град чија најголема гордост е еден застанат часовник, но ете пак велам, не знам како, но мене ми успеа да се разбудам. И брзо брзо, штом се разбудив го создадов Буден Театар. Сега тој ми помага да го придвижувам времето, и да го мерам преку претставите кои ги создаваме. Ја посетувам понекогаш заспаната убавица. Мечтателно гледам во нејзините високи ѕидови, и зборувам, и таа ми го прифаќа гласот и ми го враќа назад,како да ја граделе најдобрите театaрски акустичари. Ја прашувам „како јас тебе да те разбудам?“

И знам дека е итно да ја разбудам, и да ја потсетам што сонувавме заедно. Зашто туку види, некој си кобожем принц, дојде, и ја заколе така заспана, и потоа врз нејзиното мртво тело изгради уште еден трговски центар.

Таа е моето омилено место во Скопје. Да, не ова Скопје, ама сепак едно можно Скопје, од некоја поубава верзија на иднината.

Се сеќавам дека како малечка уживав да се пентарам по споменикот на “Жена борец“ во скопскиот “Жена парк“. Секако дека не сум била единствена во таквиот обид но, ден денес секој пат кога ќе минам низ паркот во нечие друштво, одново ги прераскажувам моите детски потфати. Како да барам да ми зададат предизвик за повторно да се обидам да го сторам истото.

Паркот сам по себе често успева да ме смири и да ми го одвлече вниманието бидејќи во него секогаш има посетители кои се опседнати со сосема различни активности на начин кој, според мене, е нетипичен за другите паркови во Скопје. Гостите се редовни и си имаат свое катче, дури и воајерите имаат своја претопена припадност.

За мене, при секоја посета на паркот, споменикот е јадрото. Постојано се фаќам себеси како ги отстранувам сите други мисли и се опседувам со прашањето: „Дали сè уште можам да се протнам низ отворот на споменикот? Ќе ме собере ли?“ Тој отвор за мене е скришно мерило кое за прв пат го откривам. Сè додека успешно замислувам дека ме собира – не сум пораснала премногу. А со сигурност тврдам дека сè уште ме собира.

Откако ми беше поставено прашањето кое е моето омилено место во Скопје, по цела вечер размислување се обидов да се сетам на секое место што сум го сакала, каде нешто убаво ми се случило... На крај решив да кренам раце од целото. Нема ниедно место што го сакам во овој град. Скопје за мене остана грд, суров, паланечки, брутален, брблив и смрдлив град. (неврзано за проектот скопје 2014). Минатиот пат кога ми беше поставено истото прашање од зафрканција реков Рамстор, како место од кое е испразнет градот. Но, ни Рамстор не ми се допаѓа. Вистината е дека не сакам да излегувам од дома, и ако не морам, не излегувам со денови и живеам ноќе. Најмногу го сакам креветот до прозорецот во мојот дом каде што читам книги.

Авторите на книгава ме замолија да напишам кратка белешка за моите омилени места во Скопје. Цел ден размислував. Два дена бесцелно шетав. Три дена ги барав. Ги нема.

На плоштадот што јас го сакав, нераскопан и неподелен, навечер се собираа луѓе, разговаравме. На платото пред Љубов, навечер се собираа луѓе, разговаравме, се смеевме. Во дворот на кафулето Лудница се собираа луѓе, разговараа, се смееја. Ателјето на Узуновски во Безистен - таму со Никола сликавме и таму навечер доаѓаа луѓе, седеа и долго разговараа. Луѓето сe помалку разговараат. Сега е модерно да се фотографираш пред некој чудесен објект што изникнал во меѓувреме. Јас се сликав пред моето најнеомилено место во Скопје - куќата на Мајка Тереза. Не заради тоа што имам нешто против големата хуманистка, туку заради страшното здание изградено во чест на нејзиното дело, како е некој монструозен споменик на сите омилени места во Скопје што веќе ги нема.

За мене еден од највпечатливите и најомилените делови на Скопје бил и ќе биде Старата скопска чаршија. Впечатлив зашто дел од детството поминав во тој дел од градот, а омилен бидејќи за мене Скопје беше тој микрокосмос содржан во деловите околу Куршумли Ан, Сули Ан и Капан Ан. Тоа беше местото каде на пауза во основно се одеше на хамбургер и на тост, и каде после часови се одеше со друштво, на детски флерт, и на прошетка пред да се вратиме на реалноста на нашите обврски како деца основци. Тој дел од градот ќе го запаметам засекогаш бидејќи тоа е местото што во тие рани формативни години ми даваше инспирација во моментот, преку докази и остатоци од минатото, за да сакам да направам нешто мое за да оставам мои траги во иднината.

Моите први сеќавања за Скопје се поврзани со Калето и прекрасната жолта пластична сабја, купена од големата НАМА отспроти, со која мавтав пред сите завидливи очиња. На почетокот од адолесценцијата, витешките фантазии се трансформираа во хевиметалска обземеност од готичките топоси. Кулата на тврдината, единствената целосно зачувана, прекрасно зааглена, од тврд камен, со железна решетка и суво темно дрво, пркосно исправена над стрмниот рид од црвеница, со аскетски испустена вегетација беше моето свето место. Долгиот поглед над Скопје, замаглен од прозрачноста на смогот, растопен од врелината на посткензоовиот ефект на вршник, испресечен со ветрецот што пирка, станаа честа рекреативна рутина, било со семејството, било со пријателите од странство. Една од ретките вистински работи во сивилото на социјалистичко и транзициско Скопје. Владо Бајац ја открива совршената триаголна архитектонска хармонија на Калемегдан на устието на Сава во Дунав, налик на уште повелелепното цариградско љубење на Златниот рог и Мраморното море. Скопското кале извишено над спојот на Вардар и Серава е бонсаи реплика на тој магичен гео-архитектонски бакнеж. Многу историографи велат дека Скопје му го должи својот раст на военото значење. Скопје е со копје, но и скопос – стражарска кула пред непознатиот свет на варварските земји оттаде. Скопје било најубаво во Душаново време, кога станал престолен град, на најголемото царство на Балканот, по Византија. Не верувам дека ѕидините биле по величие подолни од лаковите на Душановиот мост. Тоа било и златното доба на моите претци, Сасите, привилегирани во неговиот амбициозен законик. Сакам да ја пресоздадам сликата на скопското кале со зборови. Со седумте порти од имагинацијата на Мухиќ. Да продолжи Скопје да дише.

Ѕирни во скратената верзија на книгата:

 

"

 Има нешто страшно за луѓе на

 Има нешто страшно за луѓе на коишто „ништо не им се допаѓа„. Честито за проектот, ова требало да оди на насловна. 

Tezok proekt....36 lokacii vo

Tezok proekt....36 lokacii vo Skopje vredni da ostanat zabelezani na hartija...ima edna,mojot komsija-fotografot Blazev ja izumil,nasata zgrada vo koja ziveeme,potsetuva na srednovekoven zamok okruzen so kal , meka ligava i lizgava, vistinski predizvik e da ni dojdete na gosti...ima i takvi sto tvrdat deka videle i krokodil kako zirka od kalta...
Skopje e grad vo koj moze da se sekavate na necij pogled,nasmevka,kavga so najdobriot prijatel,izlet so roditelite,prvata ljubov,tepacki so drugata banda od maalo,miris na taze burek....i ako dobro razmislite,obiduvajki se da se setite na fragmenti od vaseto minato vrzano so Skopje, recisi sekogas ovie i slicni dogodovstini se izostruvaat so preciznost na najskap fotoaparat izmamuvajki nasmevka ili solza,a Skopje se pojavuva kako neophodna pozadina,zamaglena sto e mozno poveke.
 

Интересен проект. Родена сум

Интересен проект. Родена сум во Скопје и го помнам (со контролирана носталгија) исчезнувањето на некои делови од градот пред земјотресот. Парчето од Плоштадот (тогаш Маршал Тито) до некогашното училиште Гоце Делчев: поплочени улици (никогаш калливи), елегантни двокатни куќи со орнаменти на прозорците, со порти од украсено натур-дрво и со рачки од ковано железо во форма на рака, топка, глава од животно (не се сеќавам какво), со балкони од ковано железо изработено како тантела, чиниш слика од Француската четврт во Њу Орлеанс...Тоа парче од Скопје беше моето родно место. Таму беше мојата родна куќа.
Наспроти исчезнувањето на моето родно маало (нели, книгата, т.е. проектот, повикува на сеќавања), низ хаосот на градот што стана полигон за експерименти и архитектонски иновации низ декадите,  се’ уште има убави луѓе, убави катчиња, историјата (она вчера и она утре) се’ уште се видливи и му даваат белег на Скопје. Некогаш треба да ни дојде пријателот од туѓина, за да не потсети на нештата што премногу лесно допуштаме да ни станат обични, па дури и грди.
Жал ми е за дел од соработниците во Вашиот проект, кои не гледаат НИШТО убаво во градот во кој го минуваат животот. Жално е и за нив, а и за градот, кој, на крајот на краиштата, е току убав колку што се убави (во најширока смисла на зборот) неговите жители.
Не го идеализирам, но го љубам моето Скопје - не само она од спомените.
 

nema nisto strasno za luge na

nema nisto strasno za luge na koi nisto ne im se dopaga.
 

 Prekrasno, neobicen proekt

 Prekrasno, neobicen proekt so golem sharm. Sekoj go dozivuva Skopje na svoj nacin, edni go mrazat dugi go vozvishuvaat no site imaat neshto zaednicko. Site se od Skopje 

Ke izlazam ako kazam deka mu

Ke izlazam ako kazam deka mu se voshituvam na Skopje...no toa e samo moe viduvanje za gradot vo koj po nekoja slucajnost me rodila mojata majka!Stvar na vkus,pa zatoa e ovoj svet tolku sarenolik,da ima za secie srce po nesto :)
Ama za drugo jas sakav da se iskazam:)...fotografiite na Ivan Blazev,ete toj uspeva da ja pomesti granicata na definicijata na "fotografijata",cija sustina e deka e dvodimenzionalna...no neeee...stom poglednete vo fotka "captured" od negovoto oko,likovite vo nea pocnuvaat da disat,predmetite da ve mamat da gi doprete,pomirisate...toa so nevoobicaena lesnotija go postignuva vo svoite crno beli fotografii(vo ovaa kniga namerno ili ne,ne se otkazal od crno beliot svet, makar vo printot na tekstovite,beli bukvi na crna hartija i obratno),
a vo ovie vo knigava,koloritot im dava dopolnitelna dlabocina,misticnost,zivost...Spektarot na boi na sekoja slika soodvetstvuva na prikaznata raskazana za nea.
Se na se,od po mene oskuden materijal , Ivane, majstorski izraboteni sliki,ili sto bi rekli moji rodjaci:"Na muci se poznaju junaci"
I za kraj,moite favorite fotki od knigava:onie od prikaznata na Miliana Lenak i na Pero Georgiev.

Слични содржини

Книжевност / Живот
Психологија / Наука / Живот

ОкоБоли главаВицФото