„Охрид СОС“: И по 20 години Ден на езерото, Охридското крајбрежје е еколошки нефункционално

22.06.2020 10:14
„Охрид СОС“: И по 20 години славење на Ден на езерото, тоа е еколошки нефункционално

По повод Денот на езерото (21 јуни), граѓанската иницијатива Охрид СОС предупреди на еколошката нефункционалност на Охридското крајбрежје. „Светско наследство е во опасност“, тврдат од иницијативата:

„20 години Ден на езерото, 41 година УНЕСКО, 6000 години цивилизација, 2 милиони години постоење. А, сепак:

1. Според еколошкиот квалитет, 75% од целото крајбрежје спаѓа во категориите: умерено, слабо, лошo, што значи најголем дел од крајбрежјето не може да ја извршува еколошката функција: отстранување на нутриенти, стабилизација на брегот и обезбедување живеалиште за водни и копнени видови (GIZ, 2017).

2. Охридската пастрмка е во процес на угинување; утврдено оштетување на црниот дроб (Jordanova et al. 2016) и присуство на тешки метали кои ја прават небезбедна за конзумација (Marchetti et al. 2019).

3. Околу 40 видови се во категоријата загрозени, од кои некои критично загрозени. За некои нема податоци, на пр. Охридска пастрмка (IUCN).

4. Со зголемување на загадувањето се зголемува и количеството на храна за краповидните риби и напоредно со уништувањето на рибните плодишта и намалување на популациите на пастрмката и белвицата предизвикана од преголем риболов, Охридско Езеро станува езеро на краповидни риби наместо пастрмки (GIZ, 2017).

5. Во близина на реките и во плитките води забележана е промена во екологијата кон видови поотпорни на загадување (Schneider et al. 2014, Cvetkoska et al. 2018).

6. Загуба на блатни растенија – од 10 ретки видови на национално ниво забележани во Студенчишко Блато, 4 се веќе исчезнати, 2 веројатно исчезнати и останатите 4 се во опасност од истребување (Спировска et al. 2012).

7. Незаштитено Студенчишко Блато, 30 години на Рамсарска shadow list, блокирање на Рамсарската номинација од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање и Македонски Рамсарски Комитет. Упорно туркање проект за марина и покрај рапидната деградација.

8. Населени места во сливот на Охридско Езеро без канализација и други неповрзани со колекторскиот систем кој е во катастрофална состојба.

9. Неревалоризирано Охридско Езеро (што требаше да се направи во рок од 6 месеци од донесувањето на Законот за природа во 2004 година) за кое сè уште важи закон од 1977 година.

10. De facto Светско наследство во опасност (World Heritage Centre, IUCN, ICOMOS, 2019)“, се вели во објавата на Охрид СОС.