Љубовта на златниот змеј и уште пет нови песни од Сузана В. Спасовска

22.06.2020 12:35
Љубовта на златниот змеј - нови песни од Сузана В. Спасовска

ЉУБОВТА НА ЗЛАТНИОТ ЗМЕЈ

Златниот змеј
што врз небесата лежи распнат
знае дека во златното срце
на онаа што ја љуби
лежи златниот клуч за неговите окови
ах, само таа со милост да го погледне,
тој гулаб-мироносец ќе се стори


ЗАЛОГ

Морав да останам
во подземното кралство
за да им пеам химни
на темните призраци

за да им пеам химни
на кои ти ме научи

да ги научам
како да се преобразат
во лековити билки


ЗАСПАНИТЕ ЏИНОВИ

Дури оделе по земјата
нивниот чекор бил лесен
на мравка не газеле
никого не повредувале
и тревите веднаш се исправале
по нивните стапки

Со едната рака секогаш држеле облак
пред сонцето
кога во близината немало сенка
Само гол припек

Со другата рака секогаш знаеле
кога да брцнат во реката
за да се напијат голтка вода
Без да ловат

Дури оделе по земјата
малкумина ја препознавале нивната големина
оти малкумина ја виделе нивната сенка

Онаа што застанува над нив
додека уморни од одржувањето на оската на светот
ќе легнат да се одморат

Нивните приврзаници
тогаш чекаат дали ќе решат да се скаменосаат
или ќе почнат да се вртат околу Земјината оска

УБАВИНАТА И СВЕТЛИНАТА

Пеј ми за својата големина, џину
твоите плеќи небото го носат,
твоите стапала сите подземни води ги знаат
пеј ми за својата големина, џину,
му рече палчестата ѕвезда на сјајниот пламен титан
а тој тивко ѝ рече –
за твојата убавина пеам, за твојата светлина

 

ЦЕЛТА НА ЛОВЕЦОТ

Само навидум ловецот е тој што гони –
попрво е дека бега
да не го погоди
стрелата на божествената љубов
која до ѕвездите ќе го вознесе

 

ЕВИНИТЕ ПОТОМКИ

1.
Тие сакаат да се искупат за гревот
Од јаболката севезден прават киселина
А своите мажи ги учат на пчеларство
За да ги припитомат пчелите
И да направат медовина
За да можат полесно да го совладаат
Киселото сознание за гревот

2.
Тие сакаат да се искупат за гревот
Севезден им пеат на виновите лози
Учат како грозјето послатко да стане
Со свои нозе го газат
Го мешаат со сопствените сокови
Му даваат од своето блаженство
За да можат со виното
Да ја пребродат својата вина
Што сакаа да се вивнат до Бога

Слики: Alessandro Sanna

Кон првиот дел