Предавање на Светлана Слапшак на КРИК 05

22.06.2020 13:22
Предавање на Светлана Слапшак на КРИК 05

Програмата на годинешното јубилејно издание на КРИК – фестивал за критичка култура продолжува утре (вторник, 23 јуни) со предавање на познатата Светлана Слапшак, насловено „Легитимизација на социјализмот: помеѓу корона вирусот, Маркс и Дионис Савопулос“.

Слапшак е една од водечките интелектуалки, теоретичарки на културата, феминистки и антрополози во регионот и во Европа. Најавувајќи го годинашното гостување на фестивалот, таа вели: „ Во една песна од 80-тите години, грчкиот пејач Савопулос вели: љубовта работи во корист на социјализам. Тоа е време на ПАСОК во Грција, околу десет златни години, пред партијата да ги изгуби своите идеи и јазик, и пред да западне во национализам. Врската помеѓу љубовта и политиката е стара (античка) појава која желбата, задоволството и демократијата ги става во центарот на политиката. За време на епидемијата на корона вирусот (што е веројатно само почеток на ерата на епидемиските култури), станува важно и се вградува во свеста на граѓаните сознанието од практиката, а не од идеологијата, дека еднаквоста се заснова на човечките потреби, а не на општествената положба.

Марксовиот клучен пресврт доживува ренесанса, што неолибералниот капитализам веднаш го забележува. Од една страна, прашањето за „потребата“ (обичното преживување, голиот живот, според Агамбен) е цинично одредено според правилата на „потребата“ (капитални бенефиции и 1%), на пример во европските геноцидни практики за укинување на можноста за болничко лекување на постарата популација, или во јавниот дискурс за „војната“ против вирусите и милитаризацијата на јавноста. Во војна, приоритетните акции и економијата на жртвите лесно се утврдуваат, еднаквоста се укинува, а потребите не се земаат предвид. Затоа, можно е, повеќето светски лидери да изјавуваат дека владината структура го „победила“ вирусот, а медицинските лица, кои според својата определба и струка се во првите редови на потенцијални жртви, да бидат политички манипулирани, запоставувани и цензурирани“.

Според Слапшак, одговорот добиен од практичното искуство, дека сите се еднакви и мораат да бидат третирани според потребите, кој се појавува во ризичната состојба на епидемијата, предизвикува отпор со кој не управува ниту една партија, а кој бара, произволно наоѓа и не се интимизира особено со некоја идеолоша структура, туку со принципите на еднаквоста на демократијата и праведната распределба. Оваа нова борба, чии сведоци сме, добро го препознава расизмот, нацизмот и другите капиларни начини за консолидирање на неолибералниот капитализам, и нема друг излез освен борбата.

Предавањето ќе се одржи онлајн во живо на Фејсбук страницата на КРИК  со почеток во 19 часот и ќе биде проследено со разговор кој ќе го модерира Ивана Хаџиевска.

Откако во 1988 година, Светлана Слапшак, добива отказ од Институтот за уметност и Литература во Белград, после наместен судски процес од страна на режимот на Милошевиќ, а во врска со нејзиното јавно спротивставување на српскиот национализам и распадот на Југославија, како и нејзината акција во корист на најдолго притворениот затвореник на совеста во Југославија, Адем Демачи. Во 1991 година, се сели во Љубљана. Таа е координатор за Антропологија на античките светови и антропологија на родот на ISH (Institutum Studiorum Humanitatis), на љубљанската Школа за хуманистички науки, декан на институтот од 2005-та, главен уредник на кварталното списание за женски студии и култура од Белград ProFemina, уште од 1994-та, претседавач на Женските студии на Ратгерс САД (1994-1995), поканета на EHESS Париз 1998; Соработник на NIAS, Wassenaar, 1999-2000; Соработник на Max Planck Institute, Берлин, 2000; Соработник на Collegium Budapest, 2005. Добитничка е на наградата за есеи Милош Црњански во 1990, Наградата за слобода на изразување на американскиот ПЕН во 1993, Watch Award во Хелсинки 2000; Helen Award во Монтреал во 2001.

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми. КРИК има цел да застане во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа низ која ќе се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.
----------
Уреднички тим: Искра Гешоска, Артан Садику, Станимир Панајотов, Јана Коцевска и Тијана Ана Спасовска
Постојан соработник и консултант: Петар Милат
Специјален соработник: Бранимир Јовановиќ
Постојани партнери на Контрапункт и на КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk
КРИК – фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz Kulturstiftung, Министерство за култура / Ministria e Kulturësа Министерство за култура на Северна Република Македонија, Goethe-Institut Skopje, Гете институт Брисел, Креативна Европа, Фондација Отворено општество - Македонија

 

ОкоБоли главаВицФото