Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (19)

23.06.2020 14:01
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (19)

 „Ура, Арал!“, Тања Урошевиќ, „Темплум“

Долг е патот од Самарканд до Бухара,си мислев, а двајцата познајници, очигледно случајно сретнати по долго време, ќе ми помогнат да го скратам.По малку и се радував што мојот колега и нашиот придружник од Радио Ташкент успеале да си најдат место некаде назад, па не морам да одржувам насила некакви разговори од чиста пристојност.Згора, тие ми беа и по малку лути што ги навлеков на ова непланирано и не многу комотно патување, убедувајќи ги дека е незамисливо да се дојде до Самарканд, а да се пропушти да се види и Бухара. И така, по моја заслуга, го пуштивме возачот да ја врати колата во Ташкент без нас, а самите го фативме, во последниот миг, попладневниот автобус за Бухара. Одвај најдовме место, кој каде, во преполнетиот автобус, за кој не важеа никакви резервации, а впрочем не сме можеле ни да ги имаме. Мене, можеби како на дама, некој ми го беше отстапил, не ни забележав кој беше, ми го отстапил првото место напред. А згора, ете, како особен додаток, ја добив и таа можност да поуживам во прислушнувањето на разговорот што се водеше зад мене.

Прво, морам да признам, не ме привлече толку што зборуваат тие, колку што му се радував на нивниот убав, смирен и правилен старински говор, кој денес веќе ретко се слуша, освен можеби на сцена. Но лека-полека и нивната приказна почна да ме повлекува со себе.

Првиот глас, и самиот по малку како да се подисплашил од својата жолчност, си го смени тонот и продолжи внесувајќи на места по малку иронија, по малку сарказам.

-А, ете, претстави си, кој сепак се сетил на мене, на мојата стручност. Некоја екипа, која снима филм! Знаеш, тука поначесто почнаа да доаѓаат од странство да снимаат филмови. Секакви, историски и неисториски, вистински и лажни, но во автентична средина. Поевтино им било тука, на лице место, отколку да градат кулиси, да создаваат вештачки амбиенти. Некои евтини филмови, во секој случај. А, ете, оваа екипа како да имала и некои посериозни амбиции, па, којзнае на кој начин, чула за мене, и ме викаат како стручен консултант. Добар, дури одличен хонорар, сместување заедно со нив во хотелот за странци! Си велам, што да не прифатам, да се позабавувам малку. Хи-хи -се насмевна малку со подбив на своја сметка, па рече: - Е - ех, старост, старост!До каде ќе нѐ дотера таа!

- Не, Анатолиј Јурјевич, всушност, Тоља! Смеам да те викам така, нели? Во име на старото пријателство! -малку бојазливо запраша вториот глас.

- Се разбира, се разбира, драги Сања! Во име на старото пријателство! - го охрабри првиот.

- Па ете - продолжи вториот, наречен Сања. - Не гледам ништо лошо во тоа. Ќе си поседиш во Бухара, во убавиот хотел, ќе се позабавиш малку со тие филмаџии, странци, ќе ги посоветуваш, а нивно е што ќе прифатат, а што ќе фрлат во вода. Ти си научник и тука нема ништо навредливо за тебе. „Приказни за госпоѓица Сит“, Билјана С. Црвенковска, „Чудна шума“

Ги мразеше дебармаалските кафеани.Секогаш ќе сретнеш многу повеќе луѓе кои не сакаш да ги видиш, одошто оние што сакаш.А и тие ќе те видат тебе. Зошто седнаа токму таму? Тоа не беше место за сериозни муабети.

Веројатно затоа и не зборуваа. Молчеа и пиеја ракија.Повремено се поздравуваа со некого.Мала кисела насмевка, од оние што ги возвраќаш кога не ти е до ништо, а најмалку до смеење.

Му го студираше лицето. Се гледаше дека собира во себе, како и секогаш. Зборовите со клешти да му ги влечеш и пак нема ништо да дознаеш. Ни што му пречи,ни што го мачи, ни што размислува...

Толку беа различни во тој поглед. Таа се' правеше поинаку: веднаш, без колебање, без размислување, без затворање во себе.Можеби затоа и дојдоа дотука, до ова место каде што се сега. Ни ваму, ни таму. Чистилиште.Или ќе ги биде или нема.Тоа мораа да го одлучат сега и овде, во кафеанава.Нема потреба да се одолжуваат работите, особено затоа што не мирисаа убаво.Работите.Мирисаа на крај. А мирисот на крајот нема кој не го почувствувал и не го препознава.

Повторно се задлабочи во неговото лице.Тој ја игнорираше, не го креваше погледот од проклетата чашка. И тогаш, без да сака, мислите и’прошетаа накај Дарко. Дарко, кој можеби во истиот тој миг мислеше на неа.Можеби.

А Дарко беше нов и интересен.Секси. Кога ќе помислеше на него ја лазеа морници. Се смешкаше во себе. Не, не се смешкаше, се смееше! Не можеше да престане да се смее, а срцето и’ потскокнуваше и се прпелаше и бараше уште и уште и уште.

Но, Дарко беше некаде на друго место. И се' уште беше фикција. Сон. Фантазија. Можеше да стане реалност или не. Сѐ зависеше од она што ќе се случи во оваа кафеана, во ова гадно, спарно попладне.

Се слушна силно тропотење.Што беше тоа? Само да не е уште еден земјотрес! Колку се плашеше од земјотресите, боже! Но, не, ова не беше земјотрес, туку сосема друг тип врева...

Покрај кафеаната, по улицата веднаш до нив, протрча црн коњ. Прекрасен, величествен коњ со лелеава црна грива. Како од никаде, галопираше среде улицата. Коњите се неретка глетка по скопските улици, но обично тоа беа измачени, кутри, слабички животни кои ја делеа судбината на нивните сопственици, едвај крпејќи се да преживеат. Но, овој не беше од тие коњи, туку беше вистински убавец, нескротлив, лут и бесен како тукушто да истрчал низ портите на адот. Пролета покрај нив и исчезна без трага.

Веднаш по него, како да го прогонува сакајќи да го фати, профучи силен, сахарски ветар. Пеколен. Со себе носеше облаци прав и сето ѓубре од улиците, сета сиромаштија и несреќа. Им ги наполни очите, устите, срцата...

Немо се погледнаа. Сѐ беше сосема извртено, лудо и надреално во ова топло, тешко неделно попладне. 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото