Песна за мирот на барем три јазика

23.06.2020 18:22

Не ветувајте им армагедон.
Не подарувајте им пиштол,
не дозволувам да ги убедите
дека за нив нема да остане ништо,
не дозволувам внимателни атентатори
да раѓаат деца на стравот,
кои од правот
што го фрлате
додека бесрамно потфрлате,
не можат да видат иднина.
Како се осмелувате
да им ветувате небиднина?
Ќе ги бркам во ова поле ’рж
што гори
додека сѐ уште имам кожа,
додека можам
Детето во мене ќе се бори
за Детето во мене
што сѐ уште не постои.
Ќе им ветам дека и тие ќе имаат свет,
ќе се колнам дека од ова ѓубре ќе никне цвет,
ќе им ветам коали,
ќе им ветам дека не се безначајни и мали.
Ќе им ветам дека за нив не е предоцна,
дека оваа бесмисленост, сепак, е сизифова.
Ќе им ветам дека ќе имаат дом,
дека овде не се само на поминување,
дека ќе има фјодорово помилување.
Ќе им ги ветам сите стихови и веди,
ќе ги надвикам вашите лаги,
ќе ги убедам дека вреди
и дека, иако стар,
овој свет
е добар.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото