Фејбуковото збогум на е-поштата

30.11.2010 13:07
Фејбуковото збогум на е-поштата

Ако ги исклучиме производите на компанијата Apple и Windows 95, не можеме да се сетиме на некој ИТ производ чиј датум на појавување се очекувал и најавувал, а потоа истиот да биде неверојатно успешен. Посебно кога се работи за интернет. Сите помпезни најави за појавата на нова интернет страница или сервис без кои повеќе нема да можеме да живееме обично завршуваа неславно, а успеваше она што се појавуваше спонтано, од никаде.

Последен пример е GооglеWave, замислен како нов пристап кон комуницирањето на интернет. Идејата беше корисникот да „започне бран“ на кој би се надоврзале неговите пријатели и пријателите на неговите пријатели, сè додека тоа не добие масовни размери. Ама не беше сосем најјасно што да се прави потоа со тој бран. Како и да е, бранот поживеа помалку од една година, а во август годинава тивко го изгаснаа.

Пред некоја недела прочитавме дека Фејсбук тргна во реформа или, подобро кажано, во револуција на својот систем за праќање пораки, но и начинот на комуницирање на човештвото воопшто.

Промените беа најавувани недели претходно и претпоставките беа дека Фејсбук сака да го избрише Gmаil, третиот најпопуларен сервис за е-пошта на интернет (зад Hotmail и Yahoo). Иако не е најмасовен, Gmаil секако е најдобриот, односно, најцелосниот од сите нив, и заедно со пребарувачот претставува најдобриот производ на компанијата Google. За напад на Gmаil потребна е голема храброст и ретко кој може да си го дозволи тоа, освен компанија која зад себе има половина милијарда корисници. Значи, Фејсбук.

Основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг, објави дека тој не го напаѓа Gmаil и дека нивниот нов сервис воопшто нема да биде е-пошта. Поточно, тој верува дека е-поштата како таква нема некоја сјајна иднина зашто е досадна, формална и младите слабо ја користат.

Затоа тој нуди нова платформа во рамките на Фејсбук која би требало да ги обедини сите облици на инстант комуникацијата. СМС, ИМС, е-поштата и четот. Значи, доволно е да ја напишете пораката и потоа да одберете на кој начин ќе му ја испорачате на оној за кого е наменета. Ако ви се брза, можете да го направите тоа и на сите начини, па примателот може да ја погледне на некој од овие начини.

Но дилемата е кој сериозен човек ќе му ја препушти својата лична или деловна преписка на Фејсбук, компанија која е позната по честите промени на политиката за приватност. Може да се случи дека некој паметен од компанијата може да ги стави сите налози на корисниците и секој да може да ја чита вашата пошта и пораки. Можноста вашите сериозни пораки да ги потпишувате со @facebook.com исто така не делува стимулативно.

Шефот на Фејсбук не делува сосем уверливо по прашањето на приватноста, но и да е убедлив, кој би му верувал после сите работи низ кои поминаа корисниците на Фејсбук во врска со приватноста. Но затоа тој тврди дека има модел за заштита од спамот, при што вие ќе можете да го ограничите добивањето пораки така што можат да ве најдат само вашите пријатели и нивните пријатели.

Марк Цукерберг свечено изјави дека започна ерата на новите комуникации. Можеби е во право. Можеби за пет години никој нема да праќа е-пошта. А можеби за пет години со носталгија ќе се присетуваме на – Фејсбук.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото