Кризата со коронавирусот го забрзува создавањето технолошки монополи

23.06.2020 23:32
Кризата со коронавирусот го забрзува создавањето технолошки монополи

Акционерските портфолија на овие компании се во добра состојба делумно и затоа што нивните бизнис модели, во различна мера, се имунизираат од влијанието на карантинот заради коронавирусот. Со оглед на тоа што овие компании пружаат бројни услуги и продаваат многу производи онлајн, поголемиот дел од продажбата не е во опаѓање.

И покрај тоа, бидејќи потрошувачите, приковани во своите домови, навалија на интернет за да работат, консумираат и да се забавуваат, на некои од овие фирми ненадејно им порасна побарувачката. Амазон објави дека, и покрај 100 000 дополнителни работници и работнички кои ги вработи од почетокот на пандемијата, ќе вработи нови 75 000 работници и работнички за да може да се соочи со ненадејниот пораст на побарувачката, поттикната од коронавирусот.

Меѓутоа, многу од овие акции котираа подобро од останатиот дел од пазарот со хартии од вредност дури и пред кризата. Додека голем дел од акционерскиот капитал се сметаше за преценет (што значи дека одредени актуелни цени на акциите се сметаа за многу поголеми од повратот кој може да се очекува дека компанијата ќе го генерира долгорочно) пред почетокот на пандемијата, вредноста на акциите на големите технолошки компании е проценета мошне високо.

Некои коментатори тврдеа дека сведочиме на создавање нов меур меѓу големите технолошки компании. Други образложуваа дека моќта на бизнис моделите на технолошките компании значи дека актуелните високи проценки на вредноста беа оправдани.

Моменталната моќ на акциите на овие фирми сугерира дека коментаторите беа во право - ако големите технолошки компании се наоѓаа во меур, инвеститорите ќе се ослободеа од тие акции уште на првиот знак на несигурност.

Постои и трето толкување. Високата цена на акциите на овие компании и нивната очигледна отпорност на кризата не можат да се објаснат со нивната моќ per se, туку со нивната пазарна моќ. Инвеститорите се однесуваа рационално кога натрупаа купишта пари во компаниите како Амазон, но само затоа што согледаа дека компанијата забрзано станува еден од најмоќните монополи во човечката историја.

Концентрација на моќта

Во таа смисла, кризата со коронавирусот едноставно го забрзува претходно постоечкиот тренд кон концентрација на пазарите. Процесот на креативна деструкција се продлабочува во моменти на криза - оние послабите, со најниски маржи, големи долгови и слаб пристап до информации или финансиска поддршка, главно страдаат најмногу.

Кога нивните претпријатија ќе пропаднат, ги преземаат поголемите ривали, кои по правило имаат доволно пари потребни за да ја пребродат кризата, како и моќни врски со финансискиот сектор и големите државни проекти, што им овозможува пристап до поддршка која не им е достапна на нивните помали ривали. Како што пишува Карл Маркс, „Капиталот некаде расте во огромни размери во едни раце, зашто многу други раце го изгубиле“.

Не е тешко да се согледа зошто големите технолошки компании можеа да се офајдат од вишокот монополистичка рента (вишок профит генериран заради доминација на одреден пазар). Многу од нив се платформи и во прилог им одат мрежните ефекти кои ги создаваат економиите од обем. Поедноставно кажано, колку повеќе купувачи и продавачи ќе се пријават на платформа како Амазон, толку поуспешна станува таа.

Бизнис моделите на овие компании се изградени од нивната способност да монополизираат, а потоа да препродаваат податоци генерирани од трансакциите на нивните страници. Колку повеќе луѓе ќе се пријават, толку повеќе податоци ќе се генерираат; а колку повеќе податоци ќе се генерираат, толку тие податоци ќе им се покорисни на оние кои ги анализираат. Не би можеле да утврдите премногу од увидот во нечие индивидуално минато со пребарување од претходниот ден, но би можеле да дознаете нешто врз основа на кликовите на милиони луѓе во изминатата година.

Големите технолошки компании се занимаваат и со други практики, осмислени за да ја консолидираат својата моќ на монопол. Некои од нив користат антиконкурентски практики за да ги пенализираат своите ривали - сетете се дека Европската унија го тужеше Гугл заради привилегирање одредени резултати од пребарувања на штета на други.

Повеќето такви компании користат различни сметководствени механизми за да го избегнат оданочувањето и да ги зголемат своите профити. Исто така, речиси сите имаат исклучително добар однос со локалните и националните влади, кои често им овозможуваат преференцијален третман кој им го ускратуваат на нивните компетитори.

Меѓутоа, иако тенденцијата кон концентрација на пазарите (која беше очигледна и пред и после избивањето на пандемијата со коронавирусот) особено се манифестираше во полето на големите технолошки компании, истото важи и за низа различни пазари - од фармацевтскиот пазар и пазарите на потрошувачки добра, до пазарите со нафта и гас.

Ниските каматни стапки овозможија бран спојувања и преземања во многу сектори. Правилата за интелектуална сопственост и антиконкурентските трговски правила привилегираа одредени компании - особено оние на глобалниот Север - над другите. Последователните кризи ги проголтаа помалите фирми, кои ги откупија нивните помоќни ривали.

Организирање против монополите

Како што тврдев и претходно, кризата со коронавирусот го забрза трендот кон монополизацијата, инхерентен за капитализмот. Иако не е јасно каде ќе нѐ одведе трендот, би требало да го имаме предвид предупредувањето на Маркс дека централизацијата на капитализмот, еден од „иманентните закони на капиталистичкото производство“, може да генерира дури и повисоки нивоа на „беда, угнетеност, ропство, деградација и експлоатација“. Но, може и „да го спои начинот на производство кој јакнел паралелно.“

Со оглед на количината моќ која ќе се концентрира во рацете на неколку технолошки милијардери кога актуелната криза ќе заврши, клучно е овие компании да се подложат на демократски народен надзор. Делумно тоа бара социјалистите да се впуштат во изборно организирање за да стекнат контрола над државниот апарат - единствената институција која има моќ да врши некакво влијание над овие компании.

Меѓутоа, потребно е да се организира и во нивни рамки. Хиперексплоатираните работници и работнички во складиштата на Амазон би требало да бидат локус на организациските напори на главните синдикати. Потребно е долгорочно да се работи на забрзување на процесот кој некои го нарекоа невозможен - вертикални организации на работништвото со широко снабдувачки ланци на поедини корпорации.

Тоа не бара само меѓусекторска, туку меѓународна работничка солидарност. Јасно, многу сме оддалечени од остварување на таа цел - меѓутоа, тоа и натаму останува наша најдобра шанса да ја зауздаме моќта на монополите над корпорациите кои во толкава мера ги контролираат нашите животи.

Грејс Блејкли е економска коментаторка и авторка на книгата Stolen: How to save the world from financialisation.

Слики: Craig Stephens

Извор: https://novaramedia.com

ОкоБоли главаВицФото