Серија предавања и дискусии за позицијата на уметниците и културните работници на пазарот на трудот

24.06.2020 10:15
Серија предавања и дискусии за позицијата на уметниците и културните работници на пазарот на трудот

Во рамките на програмата „Современа култура и културни политики/Други простори”, Локомотива организира Серија на предавања со дискусии, поврзани со позицијата на уметниците и културните работници на пазарот на трудот, односите меѓу уметниците, менаџерите и публиката и нивното меѓусебно влијание, но и меѓусебното влијание со општествените авторитети и средината во која делуваме. Исто така, размислувањата на гостите ќе понудат етички дилеми и размислувања за одговорноста кон релациите меѓу нас, но и околината, природата и другите битија со кои го делиме светот.

Среда, 24/06/2020, 20:00 часот
Невидливиот труд на уметноста: придонес кон работна еднаквост во уметноста
Предавање на Катја Празник (Словенија/САД)

Четврток, 02/07/2020, 20:00 часот
Учесници во уметноста и нивната „верност кон уметничкиот настан“. За примената на настанот на уметничкиот концепт од Бадју
Предавање на Елеонора Монтање (Италија/Франција)

Понеделник, 06/07/2020, 20:00 часот
Анималност, грижа и одговорност - Спекулативна одговорност за животинската сродност
Предавање на Алвизе Фавото (Италија/Велика Британија)

Предавањата ќе бидат проследени со дискусија на англиски јазик, со пренос во живо кој може да го проследите на https://www.facebook.com/LOKOMOTIVA


Серијата започнува со вечерашното (24 јуни) предавање на Катја Празник, „Невидливиот труд на уметноста: придонес кон работна еднаквост во уметноста“.

Во ова предавање ќе се зборува за парадоксот на уметноста кој е отелотворен во невидливиот уметнички труд. Уметничкото дело обично се перципира како генијален чин на создавање, одделен од економските грижи, но невидливиот труд на уметниците е клучната супстанца што ги подмачкува механизмите на уметничкиот свет. Додека уметниците како олицетворение на креативноста се идеализираат како работници за пример во шемата на неолибералниот капитализам, широко распространетата економска експлоатација на уметничкиот труд генерирана од неплатената или ниско платената работа лежи во сржта на парадоксот на уметноста. Зошто уметниците се сметаат како работници за пример, но начинот како се исплаќаат не е пример кој некој сака да го примени? Аргументите дадени од Празник ќе се потпрат на наследството на југословенскиот социјализам и неговата борба за спроведување на фер работни услови на уметниците, како и на феминистичката критика на невидливиот труд како термин кој опишува флексибилни, атипични, девалвирани и незаштитени форми на трудот, за да објасни зошто разбирањето на уметничкиот труд како работа може да обезбеди алатки за демистифицирање на уметничкиот труд и неговата привидна исклучителност. Разговарајќи за современите примери за еднаквост на трудот во уметноста, Празник ќе понуди насоки зошто оваа перспектива нуди стратешка точка во борбата за работна еднаквост во контекст на институционализирана уметничка продукција во време на современ неолиберализам и за развој на фер културни политики ориентирани кон трудот.

Катја Празник е доцентка на Програмата за менаџемент во уметноста на Универзитетот во Њујорк во Бафало. Докторирала социологија на Универзитетот во Љубљана. Таа е автор на „Парадоксот на неплатениот уметнички труд: Автономија на уметноста, авангардата и културната политика во транзицијата кон пост-социјализмот” (Заложба Софија, Љубљана 2016) објавена на словенечки јазик. Нејзината нова книга „Уметничкото дело: Невидливиот труд и наследството од југословенскиот социјализам“ наскоро излегува од печат во издание на Универзитетот на Торонто Прес. Нејзиното истражување се фокусира на теми поврзани со работничките права во уметноста за време на распаѓањето на режимите на социјална држава. Пред да се пресели во Соединетите Американски Држави, Празник работела како фриленсер во словенечката независна уметничка сцена. Таа била главна и одговорна уредничка на Маска - списание за изведувачки уметности (2007–2009) и била вклучена во борбата за подобрување на работни услови на културните работници во Словенија како дел од „Друштво Асоцијација” (2009–2012). Празник исто така била инволвирана во активностите за подобрување на условите за продукција за современ танц во Словенија и се бавела со истражување на неговата историја.

* * *
Четврток, 02/07/2020, 20:00 часот
Елеонора Монтање/Учесници во уметноста и нивната „верност кон уметничкиот настан.“ За примената на настанот на уметничкиот концепт од Бадју
Клучни зборови: настан; управување во уметноста; верност;
Тема на интерес: Значења и толкување на различноста во културното и креативното поле

Ева Кјапело (1998) го разгледува потенцијалот за тензија помеѓу менаџерските и уметничките императиви на оние кои ‘учествуваат’ во светот на уметноста. Поточно, таа предлага дека вредностите и верувањата кои лежат во суштината на различни уметнички страни може да претставуваат основа за конфликт. На пример, таа забележува: „Сè поголемото прибегнување кон менаџерите често предизвикува една голема недоверба кај уметничкиот кадар кои ги смета како совршени филистри слепи за потребите на уметноста“ (Кјапело, 1998).

Овој труд ги истражува теоретските основи кои се темелат на честопати бурните релации помеѓу различните уметнички страни повикувајќи се на филозофијата на Алан Бадју и неговата идеја за ‘настанот’, онака како што е претставена во Битие и настан (1988) и во Логиката на световите (2014).
Идејата за ‘настан’ привлече значително влијание во современата филозофска дебата, во Франција и пошироко. Meѓу оние кои го согледуваат настанот како постојан ‘прекин’ со општествениот статус кво, Бадју е веројатно оној кој најзабележливо го стави во преден план теоретскиот развој на концептот. Бадју, повеќе од другите, ја теоризираше можноста за настан во уметностите, условите за негово постоење и импликациите што верноста кон еден настан ги има за субјектите. Како образложение, Бадју нуди картографија на субјективност (Power & Toscano, 2009) расветлувајќи ја состојбата на различните конституенти настанати како последица од пробивот на настанот. Во нашиот труд ќе примениме таква картографија на „учесниците во светот на уметноста“ (Кјапело, 1998) со цел повторно да ги обмислиме таквите субјективности во нивните релации едни со други и со уметноста воопшто.

Оперативно, нашата работа се одвива на следниов начин: прво, ја истражуваме филозофијата на Бадју за настанот во уметноста. Потоа, се повикуваме на овој теоретски објектив за да понудиме алтернативно читање на случаи и илустрации кои ги разгледува Кјапело (1998). Особено се концентрираме на објаснувањето кое Кјапело го дава за различните страни кои ги вклучуваат уметниците, менаџерите и јавноста и ги користиме идеите на Бадју за верноста кон настанот (или недостатокот на верност кон настанот) за да им припишеме значење на релациите во и помеѓу страните и со уметноста воопшто.

Елеонора Монтање - По дипломирањето на тема современа естетика на Универзитетот во Милано, Италија, Елеонора Монтање докторира филозофија на Универзитетот во Бургундија во Франција на тезата Влијанијата на Мерло-Понти во современата феноменолошка психопатологија. Предава филозофија во Бургундската школа за бизнис во Дижон, и е ко-директорка на одделот за Мастер на науки во уметноста и Културниот менаџмент во истата институција.
Нејзиното истражување се фокусира на проблемот на другоста во естетиката, феноменологијата и современата мисла и апликациите и последователните импликации на филозофијата врз менаџментот, сметководството и деловната етика.

* * *
Понеделник, 06/07/2020, 20:00 часот
Анималност, грижа и одговорност - Спекулативна одговорност за животинската сродност

Автори: Алвизе Фавото (и Џон Мекернан)

Во овој труд го истражуваме и спекулираме за потенцијалот на одговарањето за и одговорноста да се одржува сродноста и да се поддржува способноста за одговор помеѓу човечкото и не-човечкото животинско. За да го сториме тоа, се впуштаме во дискусија за концептуалниот апарат во чија основа може да лежи одговорноста за животинската сродност и ги потврдуваме нашите тврдења со помош на илустрации преземени од сточарството и работата на кланиците, и користејќи искуства од етологијата и проучувањата на животните. Нашата цел е да дадеме концептуален придонес кон сфаќањето за одговорноста и кон работата за нејзина отвореност кон не-човечкото, животинското друго. Го застапуваме она што ние го нарекуваме „спекулативна одговорност“, односно ситуирана одговорност која е секогаш отворена кон особеноста на ситуацијата и која е претпазлива во однос на нормативноста на кои било универзалистички кодекси или програми за одговорност. Го користиме постструктуралистичкиот пристап на Дерида кон оваа тема како основа за критичка работа со идеи за одговорноста што произлегуваат од концепциите на темата како човечка. Го користиме неговиот деконструктивистички пристап за да ја предизвикаме концепцијата на темата како човечка, а потоа да го разгледаме погледот на одговорноста што се појавува кога почнуваме да ги рушиме етичките граници помеѓу човекот и другите животни. Ја користиме критиката од Дона Харавеј за ограничувањата на вистинскиот одговор на Дерида кон животинското, како и филозофските рефлексии за етологијата од Винсиан Деспре и други, за да започнеме да ги одгатнуваме импликациите на постхуманизмот на Дерида за способноста за одговор и одговорноста.

Алвизе Фавото предава контрола на менаџмент на бизнис школата Адам Смит при Универзитетот во Глазгов. Претходно работел на политички науки на Универзитетот во Глазгов и во Ка' Фоскари, Универзитетот во Венеција. Во неговото истражување, се фокусира на контролата на управување и системите на владеење со посебен интерес за работни односи и општо добро.

Во двете области има објавено текстови во високо профилирани стручни списанија како што се: Финансиска одговорност и управување, Политики и општество и Регулативи и управување. Неговите истражувања се поддржани од водечкитите фондови, како Карнеги Фондот на шкотските универзитети (Социјална одговорност во Венециското Арсенале - 2015), Советот за економски и социјални истражувања (Безгранични политики - 2015) и Леверхулм фондот (Одговорни лобисти? 2019- 2021 година).
Во тековниот проект Леверхулм, ги испитува начините на кои големите фирми ја користат својата корпоративна социјална одговорност, кредибилитет и практики како пристап за влијание на врз креаторите на политики/законодавците и како овие коорпорации се влучени во процесот на донесување на политички одлуки.


Програмски уреднички: Биљана Тануровска - Ќулавковски и Виолета Качакова
Координатор на програмата: Зорица Зафировска

Дел од програмата „Современа култура и културни политики” на Локомотива во Кино Култура, која е финансирана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Град Скопје, и како дел од програмата „Други простори“ на проектот ACT: Act, Climate, Transition/Уметност, Клима, Промена, ко-финансиран од програмата Креативна Европа на Европската унија.