Најголемата закана кон нашето ментално здравје

24.06.2020 12:02
Најголемата закана кон нашето ментално здравје

Веќе четири месеци се адаптираме на ситуација која наместо да не води до некакво разрешување, ни креира нови пречки во секојдневното психичко функционирање. Она што на почетокот изгледаше како ситуација која лесно ќе ја надминеме, се уште опстојува и прераснува во уште позасилена закана за нашиот опстанок.

Кои се карактеристиките на заканата што ја доживуваме?

КОВИД-19 е поинаква закана од она што сме го доживеале досега. Таа е глобална, сеприсутна, животно-загрозувачка а толку невидлива и лесно пренослива. Справувањето со оваа закана подразбира примена на нови протоколи на заштита и претпазливост кои силно се судираат со човечката природа и однесувањето како што се физичка (и социјална) дистанцираност, намален контакт и допир и изолација.

Пандемијата е проследена и со огромна системска неспремност за соочување со заканата. Државите во од ги дефинираат протоколите и мерките на заштита, најчесто согласно капацитетите за третман кои ги поседува локалниот здравствен систем. Се уште се трага и открива природата на вирусот, (природен или вештачки, мутации, и сл), се најавуваат нови позасилени манифестации (бранови) и се предвидува долгогодишно присуство. Секојдневно бележиме сè повисоки бројки на починати. Терапијата која се администрира е симптоматска и се уште се трага за адекватната терапија. Не постои правило за тоа кој ќе биде симптоматски а кој асимптоматски заболен. Преносителот на вирусот не мора да ги има симптомите на заболување. Поставените правила и рестрикции не нудат целосна заштита.

Сите овие информации значително придонесуваат до креирање на јавна перцепција (не само на лична) дека се соочуваме со мистериозен и силен заеднички непријател чија природа не ни е целосно позната.

Како првично реагиравме на КОВИД-19

Кога се соочуваме со нова закана, се додека не добиеме докази дека заканата е во близина, нашите психички реакции на истата се уште не се силно засегнати. Првата активација на нашите психички капацитети и справување со заканата започнаа од моментот кога во земјава почнаа да се евидентираат првите заболени, кога се откажа наставата во училиштата, и започна спроведувањето на полициски час. На почетокот на пандемијата, нашите реакции беа според личната перцепција на ризикот на ситуацијата, така што за некои ситуацијата беше поднослива, дури и пожелна, и се уште не беше алармантна ниту опасна. За други, ситуацијата веднаш активираше силен аларм кој ги мобилизираше нивните капацитети за заштита и справување. Во тој момент, пандемијата во зародиш беше само стресен настан за кој верувавме дека брзо и релативно лесно ќе го надминеме.

Во оваа фаза на закана, во која се уште имаме чувство на некаква контрола, ние користиме веќе познати несвесни одбранбени механизми или пак избираме свесни и ефективни стратегии за справување. Применувањето на истите ни помага да ја ослободиме насобраната тензија од ситуацијата. Некои од механизмите кои можеа да се забележат за време на пандемијата:

негирање на проблемот (негирање на постоењето на заканата, пр. вирусот не постои, информациите се лажни),
рационализација (релативизирање на ситуацијата и минимизирање на нејзиниот импакт, пр. маската нема да ме заштити од вирусот, и овој вирус е како обичен грип, бројките на починати се исти како и другите епидемии на грип)

дефлексија (избегнување на директен контакт со заканата пр. шегите со прекумерното купување на тоалетната хартија, или пиење на кафе со Лиде Лиде)

проекција (префрлање на одговорноста кон други пр. што сум јас крив кога државата не знае како да спроведе адекватни мерки за заштита)

регресија (примена на однесувања кои развојно порано се појавиле пр. се буткам во ред за да купам леб, правам залихи со храна, инстант задоволување со омилена храна),
импулсивност (неадекватна емоционална реакција на дадена стандардна ситуација, пр. на работен состанок започнува да ме фаќа ужасен страв)

идеализација (идолизираме личност која ќе ни обезбеди најголема заштита а се лишуваме од сопствена одговорност и критичност, пр. фан страницата на министерот Венко Филипче) и др.

Криза = парализа

Со тек на време и со зголемување на ризикот и силата на заканата, интензивната стресна ситуација премина во кризна ситуација. Што ја дефинира кризната ситуација како посебна и поинтензивна од претходната стресогена ситуација? Кризата настанува тогаш кога моќта на критичниот настан ги надминува капацитетите на справување на поединецот. Таа е одговор на поединецот на ситуација во која психичката рамнотежа е нарушена, досегашните начини на справување губат функција, кога поединецот нема можност за креирање на алтернативни начини на соочување со ситуацијата и кога стресот на самата ситуација веќе ја нарушува секојдневната функционалност. Во криза, нашиот досегашен психички одговор на закана повеќе нема функција и не нè штити повеќе од преплавеноста на заканата.

Повеќе не станува збор за некоја лесно надминлива ситуација, туку станува збор за ситуација која бара поголеми психички заложби и инвестиции. Нашите психички капацитети за соочување се веќе истрошени и немаат ефект, и ослободуваат место за пројавување на интензивните и послабо контролирани емоционални реакции и состојби како што се безнадежност и очај, страв, лутина, силна вознемиреност, паника, конфузија, дезорганизација, заглавеност и парализа. Кога на ситуацијата повеќе не можеме да и најдеме функционално решение ние влегуваме во трауматска реакција на стрес. Така, пандемијата прераснува во трауматски настан, а ние стануваме потенцијални жртви на тоа колективно трауматско преживување.

Тоа подразбира преживување на неконтролирани нарушувања во секојдневното функционирање и во релациите со другите како и губење на смислата на животот. Се пројавуваат и многу деструктивни манифестации на справување со животот кои се состојат во силна дисоцијација, декомпензација, хиперсензитивност, нарушен сон и инсомнија, ноќни мори, интрузивни и присилни мисли, интензивен страв, фобични реакции и силни панични напади, депресивност и суицидалност, зависничко однесување, силна изолација и повлекување. Се раѓа целиот спектар на симптоматологија кај пост-трауматско стрес растројство кое во суштина е манифестација на неадресираното и нетретираноно трауматско доживување.

Надминување на кризата

Она што е исклучително значајно во нашата кризна реакција на пандемијата е што не можеме да предвидиме кога ќе имаме период на обновување на психичките сили и рехабилитација потребна за да се поврати психичката сила за справување која и исклучително битна во надминување на кризната ситуација. Во моментот, нашите капацитети се трошат без обновување, посебно доколку не успееме да најдеме алтернативни начини да ги надополниме. Поединците кои се справуваат со кризата со веќе нарушени психички капацитети имаат огромна потреба од поддршка и помош.

Кризната интервенција е навремена и адекватна психолошка интервенција која го намалува ефектот на настаната психичка криза. Оваа психолошка поддршка и помош (ППП) уште од самиот почеток беше понудена преку неколку институционални и вонинституционални акции со ангажирање на големи тимови на психолози и психијатри, голем дел волонтерски вклучени. Се нудат бесплатни директни телефонски или онлајн средби со секое заинтересирано лице со потешкотии при справување со настаната ситуацијата.

Овие помагачки заедници се вклучија и во психоедукација на населението за можните реакции на настаната криза и постојано се препорачуваа проверени начини на справување (Светска здравствена организација, Влада на Р.Македонија, Комора на психолози на РМ, Клиника за психијатрија и Здруженија).

Сепак, оваа кризна интервенција дојде со ризикот на неможност за физички контакт при администрирање на помошта и бараше соодветно редефинирање на пружањето на прва психолошка помош преку телефон или интернет платформи. Од друга страна и самите помагачи директно беа засегнати од ситуацијата со можност за лично и професионално согорување. Истата ризична ситуација е актуелна и кај сите оние помагачки професии директно вклучени во справување со кризата, најмногу здравствените работници.

Кризната интервенција е само почетокот на адекватно обезбедена психолошка поддршка. Ние сме на самиот почеток на можеби најголемата криза на менталното здравје. И наместо да нудиме единствено институционални и репаративни модели на соочување со ефектите, потребно е да делуваме превентивно.

Во таа насока, постојат неколку можности за понатамошно системско интервенирање:

a. Да се поддржи капацитетот на сите легитимни тела за нудење на психолошка помош во ова Кризна ситуација.

б. Да се актуелизира национален форум за размена на локални пракси и искуства во обезбедување и нудење на психолошка поддршка и помош за време на КОВИД-19.

в. Да се понуди инклузивен и усогласен модел на зачувување на менталното здравје на граѓаните во кој потребата и начините на адресирање на овие ефекти од колективната траума ќе бидат третирани како приоритет и како услуга за сите.

г. Да се делува на развивање на капацитетите на граѓанско општество преку адекватни стратегии за справување со криза и развивање на адекватен вредносниот систем како поддршка за одговорно лично и колективно однесување.

д. Да се обезбеди непречена психолошка поддршка на најранливите категории на граѓани погодени од кризата и нивните семејства.

ѓ. Да се обезбеди непречена психолошка поддршка на сите помагачки професии вклучени во соочување со кризата и нивните семејства.

Во оваа ситуација во која сите сме силно затечени и во која никој не е надвор од случувањата, менталното здравје претставува примарна грижа и одговорност на сите нас. Можеби сега конечно ќе имаме можност освен стравот и заштитата, да научиме и како да живееме од меѓусебната поддршка, сочувството, емпатија, одговорност, разбирањето и почит како клучни вредности на поединецот и системот пресудни во надминувањето на оваа колективна трагедија.

Илустрации: Joel Robison

Извор: respublica.edu.mk

ОкоБоли главаВицФото