Дрисла доби нов стерилизатор за третман на медицински отпад

25.06.2020 11:06
Дрисла доби нов стерилизатор за третман на медицински отпад

Депонија Дрисла набави нов стерилизатор за третман на медицински отпад, со што треба да се стави крај на несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто завршуваше на депонијата како обичен отпад и потенцијална опасност.

Новиот стерилизатор, како што соопштија од Град Скопје, е од познатата италијанска марка ЦИСА, има капацитет од 2 000 литри и може за еден час да третира 350 кг отпад што ќе ги задоволува дневните потреби на депонијата. Системот за третман на медицински отпад е опремен со шредер кој го намалува до 80% неговиот волумен, со сува вакуум пумпа што ќе придонесе за заштеда на потрошувачката на вода и до 98%, како и систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината.

Стерилизаторот стаса на „Дрисла“ шест месеци откако Град Скопје ја презеде во владение депонијата. Претходно италијанскиот концесионер „ФЦЛ Амбиенте“ кој стопанисуваше со депонијата 9 години, иако постајано најавуваше дека ќе набави современа печка за третман на медицински отпад, што му беше и една од обврските од договорот, тоа не го стори.