Зачестија книги за потенцијален конфликт меѓу Кина и Сад. Чии шанси се поголеми за победа? (1)

25.06.2020 15:04
Зачестија книги за потенцијален конфликт меѓу Кина и Сад. Чии шанси се поголеми за победа? (1)

Во две продолженија претставуваме десетина актуелни книги на темата.

 Увод

По двоцифрените стапки на раст на кинескиот БДП во текот на долга низа години, а особено откако Кина во 2001 година беше примена во Светската трговска организација, многу американски теоретичари на меѓународните односи и многу политичари беа поттикнати да размислуваат за Кина како главна закана за американското глобално водство. Со доаѓањето на Си Џинпинг на чело на Кина во 2013 година и почетокот на остварувањето на иницијативата Belt and Road, глобален план за изградба на железничка, патна, воздушна и поморска инфраструктура во речиси сите делови од светот, вредна повеќе трилиони долари, дотогаш прикриените кинески амбиции за остварување глобално влијание станаа нескриени и јавни.

Фактот дека Кина неверојатно брзо совлада многу напредни технологии и на полето на вештачката интелигенција и технологијата за развој на 5Г интернет мрежата, го достигна и престигна Западот, предизвика сериозна загриженост на Запад, особено во САД. Обвинувањата дека кинеската власт спонзорирала безброј хакерски напади со кои се украдени терабајти информации од базите на компаниите кои соработуваат со американската влада на воени проекти веќе со години се лајтмотив во извештаите на постојаните и ад хок телата во американскиот Конгрес. Токму со тоа неовластено присвојување на интелектуалната сопственост, кое е резултат на долготрајно вложување во истражување и развој, Кина забрзано го надмина технолошкиот јаз кој ја одвојуваше од Западот.

Очекувањата на западните политичари дека со пристапувањето на Кина во Светската трговска организација и нејзиното интегрирање во глобалната економија ќе се создадат претпоставки за демократизација на кинеското општество се покажаа како погрешни. Успешно поминувајќи ја трката до дното - што за многу земји во развој беше нерешлива задача зашто, принудени да ги отворат своите пазари и без да го субвенционираат домашното производство, се претворија во полигони за еколошки и економски експерименти кои забрзано ги разоруваа нивните општества - Кина за приближно половина милијарда луѓе овозможи од крајна сиромаштија да преминат во средната класа. Остварувањето на ветувањата за подобар живот за стотина милиони луѓе ја зацврсти власта на Комунистичката партија наместо да ја разниша и да ја доведе во прашање, како што очекуваа западните политичари. Се покажа дека комунистичка Кина толку ги совлада правилата на светската политичка економија, скроени со намера да обезбедат трајна и недостижна предност за Западот, што шансите за нејзино избивање на првото место според уделот во светската економија во блиска иднина станаа сосема реални.

Иако на воен план се респектибилен натпреварувач, поранешниот Советски сојуз никогаш ни одблиску не беше економски конкурент на Америка. Но кинеската економска моќ и способноста да ги остварува своите инвестициски проекти во сите делови од светот и сѐ поочигледниот напредок на кинеската војска заснован на брзо узвојување на западните технологии и нивно унапредување јасно покажуваат дека Кина во блиска иднина би можела да стекне способности на глобалка проекција на моќта. Покрај традиционалните домени на војувањето - копно, вода и воздух - кинеската војска ја совлада вештината на војувањето во сајбер просторот и вселената. Заради сето тоа денес американските пропагандни стручњаци и идеолози не мора да измислуваат и да претеруваат - нешто што често го правеа за време на Студената војна преувеличувајќи ја советската опасност - кога предупредуваат дека Кина е реален претендент за положбата водечка светска економска и воена сила, позиција која од крајот на Втората светска војна беше резервирана за Америка. 

Два одговори на кинескиот предизвик за Америка


Двајца припадници од средната генерација американски интелектуалци речиси истовремено објавија книги кои се занимаваат со натпреварувањето на Америка и Кина за положбата водечка држава во светот.

Кристијан Броуз беше долгогодишен соработник на американскиот сенатор Џон Мекејн, претседателот на сенатскиот одбор за работи во одбраната и националната безбедност. Впрочем, книгата на Броуз (Brose, Christian [2020], The Kill Chain, New York: Hachette Books) можеби можеме да ја сметаме за омаж за починатиот сенатор. Работејќи со него Броуз имал пристап до доверливи информации, присуствувал на важни преговори со функционери од Пентагон и Белата куќа со претставници од Конгресот и Сенатот, редовно контактирал со офицери од сите рангови од американската војска и со директори на компании кои работеле за Пентагон и со лобисти кои имаат големо влијание во американската политика. Го познава начинот на размислување на воениот естаблишмент, фунционирањето на бирократскиот апарат на Пентагон и динамиката на сложените преговори помеѓу Белата куќа, Пентагон и Конгресот за формирање на воениот буџет. Кога предупредува на слабостите во функционирањето на американските институции и проблемите во врска со одбраната и безбедноста, Броуз знае за што зборува.

Метју Кренинг (The Return of Great Power Rivalry, Oxford University Press, 2020) е професор по меѓународни односи на Универзитетот Џорџтаун. Автор е на неколку книги за меѓународни односи, за проблемите на меѓународната безбедност и нуклеарното вооружување и е угледен соработник на релевантни научни списанија и високотиражни медиуми. Спаѓа меѓу 25-те најцитирани автори од својата генерација. Освен академската кариера има богато искуство во државната администрација и политиката. Работел како советник за национална безбедност на претседателскиот кандидат Мит Ромни во 2012 година, во претседателската кампања на републиканскиот гувернер во државата Висконсин, Скот Вокер и републиканскиот сенатор од Флорида, Марк Рубио кој беше еден од најиздржливите сопарници на Трамп во натпреварот за претседателска номинација во 2016 година. Во администрациите на претседателите Буш, Обама и Трамп работел на различни позиции во Министерството за одбрана и ЦИА. Несомнено, и тој е упатен во сите релевантни аспекти за проблематиката на националната и глобалната безбедност.

Двете книги ги третираат актуелните проблеми во врска со можна смена на позицијата глобален лидер. Броуз предупредува дека Америка веројатно би ја изгубила војната со Кина во Јужното кинеско море, а ако не се преземат опсежни промени во начинот на размислување за одбраната и иднината на војувањето, губењето на лидерската положба на Америка речиси е загарантирано. Од друга страна, Кренинг - иако свесен за сите безбедносни ризици и внатрешната политичка криза која ја спречува Америка на оптимален начин да ја исполнува улогата лидер - оптимистички тврди дека ниедна земја која нема развиени инклузивни економски институции и демократско политичко уредување, без разлика колку во одреден момент да е економски и воено супериорна, не може трајно да игра улога на глобален лидер. Во последните 400 години во таа улога се менуваа само земји со инклузивни економски институции: Холандија, Англија, Америка. Ако дојде до промена на лидерот, Америка не би можеле да ја наследат ни Кина, како најопасна сопарничка, ни Русија. А бидејќи меѓу демократските држави сѐ уште нема ниедна која би можела да се спореди со Америка според воената и економската моќ, во блиска иднина најверојатно нема да има промена во светскиот врв.

 Повторен аларм за Америка

Според многу нешта книгата на Броуз потсетува на своевремен хит во контекст на литературата посветена на современото војување. Ричард Кларк и Роберт Кнејк во 2010 година ја објавија книгата Cyberwar: The Next Threat to National Security and What to Do about It. Иако Сајбер Командата во Здруженото тело е установена уште во 2009 година, авторите сметаат дека свеста за тоа дека евентуалните непријатели би можеле да имаат предност во доменот на војувањето во Америка не е доволно развиена. „Затоа што Америка го измисли интернетот и тоа што веројатно води во сајбер шпионажата и во создавањето средства за сајбер војување, таа можеби разви имплицитна ароганција која нѐ натера да претпоставиме дека никој не може да ја порази Америка во сајбер војувањето.“ (Clarke, Knabe 2010:170) Опишувајќи ги најцрните можни сценарија како што е целосната парализа на комуникациите во вооружените сили или целосен прекин на снабдувањето со електрична енергија во целата земја, што би можело да бидат последици на успешно изведен хакерски напад преку ботнет, компјутерска мрежа од сите делови од светот чии сопственици не би знаеле дека се дел од повеќемилионската армија која ја напаѓа Америка, Кларк и Кнејб агитираат за зголемени вложувања за сајбер војување, особено за сајбер безбедноста на базите со податоци на владините агенции и компаниите ангажирани во производството на оружје за Пентагон, за заштита на целокупната витална инфраструктура која зависи од компјутерското управување и за заштита на сите видови комуникација во сајбер просторот, од држави, преку компании до поединци.

Во склад со тој образец на апокалиптичен приказ на блиската иднина, која ќе се оствари ако не бидат преземени соодветни мерки, Броуз опишува што би се случило во Јужното кинеско море ако таму денес завојуваат Кина и Америка. Американските воени бродови, подморниците и авионите не би ни можеле да го започнат своето долго патување од оддалечените бази кон бојното поле зашто ќе бидат уништени во напади на бројни вооружени беспилотни летала и хиперсонични ракети. Сајбер нападите целосно би оневозможиле мобилизација на луѓе и опрема во Америка зашто целокупната комуникациска инфраструктура би била онеспособена. Незаштитените товарни бродови и авиони, кои треба да обезбедат снабдување на воените бродови и авиони со сѐ што им е потребно, би биле откриени, нападнати и уништени. „Сателитите од кои зависат американските вооружени сили заради разузнавачки податоци, комуникација и глобално позиционирање би биле ослепени со ласери, замолчени со високо енергетско попречување или би биле комплетно исфрлени од орбитата со антисателитски ракети. Командните и надзорните мрежи кои управуваат со протокот на критични информации за американските сили во борба би биле разбиени на парчиња и уништени во електронски напади, сајбер напади и ракети. Поголем дел од американските сили би останал глув, нем и слеп.“ (Броуз 12)

Американските илузии за трајна надмоќ

Со оглед на тоа дека Америка убедливо предничи според вложувањата во војската, оправдано е да се запрашаме зошто Броуз мисли дека американската војска тешко би настрадала во конфликт со кинеската војска. Зарем американските 750 милијарди во годишниот воен буџет не би требало да гарантираат надмоќ над кинеската војска за која се издвојува една третина од тој износ?

Наједноставен одговор е дека Америка, откако после распадот на СССР остана единствена суперсила, се стутка во илузијата за својата трајна и недостижна надмоќ. Двете лесни победи против значително послаби непријатели - онаа против Ирак во 1991 година и против Либија во 1999 година - само ја зацврстија таа илузија. Пентагон со сѐ повеќе пари продолжи да ја финансира воената технологија која овозможуваше победи во минатото, а притоа е занемарено размислувањето за иднината. На денешна Америка ѝ е потребен лидер кој би бил способен да ги согледа барањата на времето каков што во педесеттите години од 20 век беше претседателот Ајзенхаур кој, соочен со растечката моќ и технолошкиот напредок на Советскиот сојуз, на генералот Бернард Шривер му даде одврзани раце за да развие интерконтинентални балистички ракети кои за неколку минути би можеле со нуклеарни глави да погодат која било мета на територијата на Советскиот сојуз. Со успешното остварување на тој проект постигната е главната цел: „Целта е да се купи одвраќање, превенција на војна. А единствен начин да се избегнат војни е да се биде толку јасно способен да се победи што ниедна сопарничка страна никогаш нема да посака да постигне нешто со помош на сила.“ (16)

Важен проблем е и прекинот на идиличната соработка на воениот и политичкиот естаблишмент во Вашингтон, од една страна, и мноштвото технолошки ентузијасти и незауздани иноватори во Силиконската долина, од друга. Таа соработка започна во педесеттите години на 20 век и доведе до информатичка и компјутерска револуција чии најуверливи достигнувања се воспоставувањето на www (World Wide Web), сателитската технологија и вештачката интелигенција. Партнерството слабееше со текот на годините „оставајќи воената и технолошката заедница да се борат обидувајќи се да се разберат една со друга, една со друга да работат и дури да чувствуваат дека живееле во два различни света со различни вредности.“ (59) Како што Пентагон во сѐ поголема мера инсистираше на почитување на бирократските процедури, а сенаторите и конгресмените кон тоа производствените погони од кои Пентагон ќе купува воена опрема да бидат сместени токму во нивните држави и изборните единици, мотивацијата на претприемачите и иноваторите од Силиконската долина да соработуваат со државата стануваше сѐ помала. Се завртеа кон отворениот светски пазар, кон производство на видео игри, роботиката, вештачката интелигенција и пружањето комуникациски услуги. Слободното претприемништво на глобалниот пазар е значително попрофитабилно од високо бирократизираната соработка со Пентагон. Резултат од тоа е што денес американските воени експерти на своите работни места работат со направи кои во технолошка смисла се позаостанати од направите со кои дома играат игри со своите деца.

Недостаток на имагинација и застарен начин на функционирање на вооружените сили

Клучен проблем на американското поимање на војувањето е недостатокот на имагинација. Потпирањето на големите платформи, на воените бази со многу луѓе, на носачите на авиони со посади од повеќе илјади луѓе и на скапите подморници со стотици морнари беше соодветно за околностите на несомнена воена доминација на САД. Стратегијата се темелеше на офанзивната војна која САД ќе ја започнеа секаде каде што им одговараше. Имплицитните претпоставки на таквата стратегија беа и сѐ уште се дека ниедна воена сила не може успешно да му се спротивстави на американскиот напад и дека ниедна непријателска држава не може да акумулира доволна количина моќ за да ја загрози територијата на САД.

 Двете претпоставки се погрешни, мисли Броуз. Потенцијалните американски непријатели во меѓувреме развија такви стратегии на војување и ја совладаа соодветната технологија што можат да спречат масовна мобилизација на персонал и придвижување на огромната американска воена машинерија со што би било осуетено остварувањето на офанзивните стратегии. Добро координираните сајбер напади на управувачките центри на сите видови витална инфраструктура на американското тло би создале претпоставки за успешно спроведување операции и во другите домени на војувањето. Во нималку пофално светло ја опиша состојбата на американските воени комуникациски мрежи кои „се како средновековен свет со неасфалтирани патишта, мостови градени со раце и патарини кои повеќе го забавуваат отколку што го забрзуваат протокот на информации. Резултатот е тоа што многу платформи и системи на Министерството за одбрана не поврзуваат и, навистина, не можат да ги поврзат другите платформи и системи, а сигурно не лесно, брзо и веродостојно.“ (72)

Одлучувањето во високоцентрализираните командни центри, во кои мноштво луѓе анализираат податоци собрани преку посматрање, извидување и шпионирање за потоа одлуките и командите да бидат дистрибуирани кон пониските позиции во хиерархијата, е застарен и бавен начин на функционирање на вооружените сили. Ако на тоа се додаде и недоволната усогласеност на комуникациските канали помеѓу различните родови во војската, па дури и помеѓу поедини делови кои се подредени на ист команден центар, јасно е дека многу нешта треба да се променат. На направите треба да им се препушти, со човечки надзор, со што повеќе автономија да извршуваат работи во кои се супериорни во однос на луѓето. Различни сензори - камери и други направи кои далеку подобро од кое било човечко сетило детектираат движење, промена на електромагнетното поле и промена на температурата или во дел од секундата препознаваат лице по кое се трага и кое е скриено во толпата - денес собираат толку информации за различни аналитички служби што вработените луѓе во нив не успеваат да ги обработат. И обработката на податоците треба да им се препушти на компјутерите зашто тие се побрзи, попрецизни и поефикасни од луѓето. Откако компјутерите ќе ги уредат анализите и можните решенија, командните лица треба да донесат одлуки земајќи ги предвид стратешките цели, законите, меѓународното право и етичките критериуми.

Машини наместо луѓе

Како што се поефикасни во прибирањето и анализирањето на податоците, машините можат да бидат поефикасни и во спроведувањето на воените операции. Нема потреба да се докажува дека релативно евтините беспилотни летала можат да бидат поефикасни од еден софистициран борбен авион со човечка посада чија цена достигнува повеќе десетици милиони долари. На беспилотните летала не им пречи промената на кислородот во кабината, отровниот гас или оптичката илузија. Тоа важи и за подморниците или другите воени транспортни средства во вода и на копно. Заради безбедноста и конфорот на човечката посада традиционалните борбени средства се скапи, сложени и пречувствителни во однос на поевтините, подостапните и пософистицираните видови нетрадиционални офанзивни оружја. За да се избегнат човечки загуби и за да се зголеми ефикасноста, секаде каде што е можно треба да користат борбени направи без човечка посада. И не само тоа. Тие направи мора да бидат склопени во комуникациска мрежа која е така поставена што направите опремени со вештачка интелигенција ќе можат да управуваат едни со други, да донесуваат одлуки за видот на борбеното дејствување за време на битка многу побрзо отколку што може едно човечко битие и да се надоместуваат една со друга ако една од нив биде уништена. Притоа целосно се елиминираат грешките поврзани со човечката психологија, ранливоста, стравот и подложноста на илузии и измами. Со истата количина пари кои денес денес се трошат за финансирање на бројниот персонал и опремата прилагодена за сѐ потешко остварливите барања за безбедност на војниците, може да се финансира значително поголема војска опремена со безброј дронови, роботи од секаков вид кои се прилагодени на војување во сите домени, сателити, ракети и ласери. Оваа своја определба Броуз лапидарно ја искажа со овие зборови: „Луѓето се скапи. Ставањето луѓе во машини е уште поскапо.“ (187) Квалитетите во начинот на размислување и пристапот на проблематиката на војувањето би резултирале со квантитативна надмоќ која повторно би создала нова квалитативна предност во однос на непријателите.

 

Да се обезбеди својот и да се уништи непријателскиот убиствен ланец

Кога американската војска ќе биде така организирана, таа ќе биде оспособена да го уништи убиствениот ланец на војската на секоја друга држава и да го оневозможи уништувањето на сопствениот убиствен ланец. Поимот kill chain, убиствен ланец, е дефиниран на следниот начин:

„Убиствен ланец е процес кој се појавува на бојното поле или на секое друго место каде војуваат војски. Тој вклучува три чекори: Првиот е стекнување разбирање за она што се случува. Вториот е донесување одлуки за тоа што треба да се прави. И третиот е дејствување кое постигнува учинок во постигнувањето на целта.“ (16)

Со оглед на денешната состојба на американската војска и одредени предности кои во поглед на разбирање на начинот на војување и користење на современите технологии ги остварија војските на сопарничките земји, најпрвин Кина и Русија, убиствениот ланец на американските вооружени сили би можел да биде разбиен додека Америка не би можела тоа да му го направи на непријателот, тврди Броуз. Затоа тој се залага за брза и радикална промена на начинот на размислување за положбата на Америка во современиот свет и за темелно преуредување на американските вооружени сили.

Наместо на одржување на воените бази, градење носачи на авиони и префрлање војници од еден на друг крај од светот со цел постојано да ја покажува својата способност дека моќта ја проектира глобално, Америка својата стратегија би требало да ја конципира имајќи го предвид фактот дека веќе не е единствена суперсила. Америка треба да се навикне на фактот дека веќе не е комплетно доминантна во однос на сопарниците или, како што вели Броуз, „ни треба стратегија за одбрана без доминација.“ (177) За разлика од некритичкото уверување, поткрепено со лесно остварената победа во Студената војна, дека американските ресурси треба да бидат ангажирани во постојано демонстрирање на офанзивните способности, „прв пат од 19 век реалната татковинска одбрана ќе стане американска цел која троши значително повеќе од нашиот одбранбен буџет.“ (180) Америка мора да стане дигитална сила на која софтверот ѝ е поважен од хардверот. Нејзините сопарници веќе го постигнаа тоа, тврди Броуз.

 

Рецепти од Студената војна

Не треба да се сомневаме дека Броуз добро ги познава американските вооружени сили и дека е свесен за нивните предности и недостатоци. Исто така разумно е да се претпостави дека во книгата ги изнесе слабите страни за кои претпоставува дека им се веќе познати на американските непријатели и дека премолчи многу нешта за кои не сака да им бидат познати. Неговата вистинска намера е да ја поттикне американската јавност и воениот и политички естаблишмент да ги преземат реформите што ги предлага. Иако постојано повикува на отвореност кон иднината и иновациите кои не можат да ги смислат бирократите туку само научните умови, кои ја осмислија и спроведоа компјутерската и глобалната информатичка револуција, и иако повторува дека еден од клучните проблеми на американското сфаќање на војувањето е недостатокот на имагинација, самиот Броуз сепак не е претерано имагинативен. Тој нуди некои веќе одамна познати решенија, кои во голем дел се проверени за време на Студената војна. Нужен е ангажманот на државата во финансирањето на развојот и истражувањето нови технологии, а не само во дефинирањето на нарачките во склад со потребите како што ги гледаат воените заповедници, државната бирократија и политичарите. Пентагон треба да пронајде начин да ги мотивира научниците и претприемачите за соработка на полето на националната безбедност. Важен елемент на таа мотивација е демонизирањето на непријателот, што е проверен метод од периодот на Студената војна. Почесното место на главен непријател ѝ припаѓа на Кина.

Мошне воочливо е дека Броуз претпоставува дека кинескиот kill chain во случај на војна би функционирал совршено. Американските шпионски и комуникациски сателити би биле уништени со кинески ракети или успешно попречени со ласери, воените бази и носачите на авиони би биле погодени од хиперсонични проектили, а виталната инфраструктура на американско тло кинеските хакери би ја уништиле со примена на DDoS, distant denial of service. Тоа повеќе наликува на сценарио на инвазија на вонземјани отколку на реалистичен опис на она што би можела да го преземе Кина, а Америка претходно да не забележи ништо од опсежните подготовки кои мора да се преземат пред еден таков напад. Но таквото сценарио е соодветно средство за создавање атмосфера на вонредна состојба и изразена загрозеност од надворешна опасност.

Во тој дух се нагласува дека кинеската Комунистичка партија во последните триесет години доби шанса да се школува на американските универзитети и внимателно да го проучи американскиот начин на војување. „Кина разви стратегии не за да ја победи Америка во нејзината игра туку за да игра различна игра - да победи оневозможувајќи ја можноста на американската војска да ја проектира моќта, да се бори на својот традиционален начин и да ги постигне своите цели.“ (20) Благодарение на технолошки напредните оружја кои забрзано ги развиваше во тој период, Кина може да го разбие американскиот kill chain. За да нагласи колкава опасност навистина се заканува од Кина, Броуз нагласува дека од 1990 до 2017 година кинескиот воен буџет е зголемен за 900 проценти. Но, не констатира дека во 2019 година кинескиот воен буџет изнесуваше 250 милијарди долари, значи, една третина од американското издвојување за војската кое беше 750 милијарди. Истата година кинескиот БДП беше проценет на 14 билиони долари во споредба со американските 21 билион. Во поглед на БДП Кина постигна две третини од вредноста на американскиот БДП додека за војската издвојува третина од износот со кој располага Пентагон. Тоа значи дека Америка и апсолутно и релативно вложува во војската далеку повеќе од Кина.

Кинеската комунистичка партија, тврди Броуз, сака да доминира со светот и уверена е дека Америка ѝ е пречка на патот на остварувањето на таа цел. За да победи Кина, Америка мора да изгуби. Според комунистичката замисла - која Броуз не ја документира со ниеден документ - Америка мора да изгуби во технолошкиот натпревар, мора да изгуби работни места и влијание во глобалната економија за Кина да биде успешна. Америка мора да изгуби бројни сојузници и партнери за повеќе да не им биде пречка на комунистите во остварувањето на нивните желби „светот да го направат безбеден за нивниот модел на високо технолошки авторитаризам“ (21). Заради сето тоа примарна задача на американската безбедност треба да биде да ја спречи кинеската доминација во азиско-пацифичкиот регион што би било само чекор кон тотална светска доминација.

Кинескиот претседател Си Џинпинг го засили партискиот надзор над културата и уметноста, бизнисот и војската им ги подреди на партиските интереси, организираше чистка на можните политички сопарници и си обезбеди доживотен мандат на местото претседател. Шефот на кинеската партија и држава и неговите соработници „се длабоко параноидни и идеолошки непријателски кон сите облици на либерално влијание“ (97). Напредните технологии ги одредија како клучен инструмент за постигнување комунистичка доминација во светот. Кинеските стратешки планови предвидуваат дека Кина ќе стане технолошки лидер до 2030 година. Тие планови се остваруваат со забрзано темпо. За разлика од тоа, американските планови за развој на вештачката интелигенција донесени во времето на претседателот Обама и претседателот Трамп „повеќе се намери отколку директиви. Ги напишаа средно рангирани американски функционери. И направија малку за да ги пренасочат американските владини инвестиции.“ (98)

 

Неуверливо морализирање

Етичките норми во науката, како и во начинот на водење на војните, кои ги почитуваат Американците и нивните сојузници се неважни за кинеските комунисти. Таму безобѕирно се кршат човечките права на Ујгурите, не се почитуваат демократските права на жителите на Хонг Конг, а во лабораториите се изведуваат генетски експерименти со примати и луѓе, кои на Запад не се дозволени. „Не е значаен морален чекор да се замисли дека Кина произведува генетски надлуѓе кои се оптимизирани за одредени воени задачи или да развива одредени биолошки агенси кои ќе заразат одредени групи луѓе или одредени припадници на сопарничката војска.“ (114) Американците и Западот генерално премногу се оптоварени со дилемите за усогласување на примената на новите технологии со вредностите, законите, политиките и воената практика. Таквите дилеми не ги оптоваруваат кинеските и руските диктатори и затоа високите технологии под нивен надзор им донесуваат опасна предност на воен план. Нивната предност е во нивната безобѕирност, тврди Броуз.

Преокупиран со таквото тенденциозно портретирање најпрвин на кинескиот непријател, Броуз ги занемарува фактите кои не ѝ одат во прилог на тезата дека Западот секогаш и во сѐ е морално супериорен. Тој не споменува дека инцидентот во Тонкиншкиот залив, кој послужи како изговор за отворениот американски воен ангажман во Виетнам, беше измислен. Премолчен е и добро познатиот факт дека во Ирак немаше оружје за масовно уништување, а тоа беше декларативно оправдување за почетокот на американската инвазија на таа земја во 2003 година. Оправдано се укажува на примерите на успешно спроведените руски операции за сајбер војување во Грузија и Естонија, но не се споменува дека Западот одамна спроведуваше такви операции против Советскиот сојуз, а подоцна против Иран и Сирија. Најпосле, Едвард Сноуден го објави постоењето на Претседателската политичка директива 20 која ја донесе претседателот Обама во 2012 година. Учиноците на дефанзивните и офанзивните сајбер операции кои ги преземаат американските безбедносни агенции се дефинирани како „манипулација, попречување, оневозможување, онеспособување или уништување компјутери, информатички и комуникациски системи, мрежи, физички или виртуелни инфраструктури кои ги надзираат компјутери или информатички системи, или информации што ги содржат.“ (Presidential Policy Directive 20: 2) Безбедносните агенции се овластени да спроведуваат такви акции секаде во светот без претходно објавување војна и, секако, без знаење и дозвола на владата на чија територија се спроведуваат. Се спомнуваат примерите на руското вмешување во американските претседателски избори, но не се споменува Кембриџ Аналитика како клучен извршител на недозволени операции во сајбер просторот со кои беше овозможена победата на Доналд Трамп. Обвинувајќи ги американските непријатели за морална изопаченост, Броуз уредно ја премолчи и наредбата на претседателот Буш со која беше озаконето мачењето како метод за испитување лица осомничени за тероризам, кои претходно биле илегално уапсени во различни држави и префрлени во американската воена база Гвантанамо или во некој од либиските затвори кои Моамер ел Гадафи им ги стави на располагање на американските тајни служби.

Кога не морализира, Броуз е поуверлив. Како објективен посматрач изнесе прифатливо објаснување зошто се мали шансите во брза иднина да се постигне меѓународен договор за забрана за употреба на роботи-убијци во војна. Историското искуство со новите разорни оружја покажува дека меѓународните договори за нивна забрана или надзор биле склучувани „откако биле развиени такви оружја, откако биле широко употребени во борба или откако државите утврдиле дека тие оружја не биле толку ефикасни како што се претпоставувало“. (119) Бидејќи сценаријата кои му се драги на Броуз за масовна употреба на роботите во воените операции сѐ уште не се остварени и бидејќи конечната проверка на нивната ефикасност во некоја посериозна директна војна на големите сили сѐ уште не е спроведена, разумно е да се претпостави дека главните светски играчи во блиска иднина нема особено да се трудат околу постигнувањето договори за целосна забрана за употреба на такво оружје.

(завршува во следното продолжение)

 

Кон вториот дел.
Извор: Ideje.hr