Италијанците се свртуваат кон нивите, по стапките на своите предци

25.06.2020 23:09
Италијанците се свртуваат кон нивите, по стапките на своите предци

Берба на јагоди во Италија

На една мала фарма во близина на Рим, работниците клечеа меѓу пченките и се грижеа за стеблата пред жетва. Оние што доаѓаа од Мароко, Романија и Нигерија точно знаеја што треба да се прави. На новите италијански надничари им требаше помош.

„Мора да се ослободиш од ова“, рече сопственикот на фармата на Масимилијано Касина, покажувајќи со прстот на израстоците на дното од растението.

Пред неколку недели господинот Касина (52) водел текстилна компанија која имала меѓународни клиенти и произведувала спортски маици. Но пандемијата со коронавирусот која усмрти повеќе од 30 000 Италијанци и ја запре националната економија му пресуди и на неговиот бизнис. Во очајничка трка за пари, стана еден од бројните Италијанци кои сега ја бараат иднината во аграрното минато на својата земја.

„Ми дадоа шанса“, рече Касина. На главата имаше сина маска, а на рацете сини ракавици. Маицата му беше мокра од пот.

Италија се индустријализираше после Втората светска војна и силно тргна напред. Но вирусот драстично ги преуреди општеството и економијата. Сезонските работници останаа затворени во своите земји, а Италијанците кои работеа во забавната, модната и другите до неодамна моќни индустрии седеа без работа.

Сега сѐ повеќе граѓани на Италија размислуваат за кариера каква што имале нивните дедовци и баби - физички работници на големи фарми кои се сѐ поважни за да се прехрани парализираната земја и континентот. Без нив, стотици тони брокули, грав, овошје и зеленчук би можеле да овенат и да изгнијат.

„Вирусот нѐ натера да подразмислиме за моделите на развој и функционирањето на нашата земја“, вели Тереза Беланова, министерка за земјоделство на Италија.

Таа наведува дека вирусот ја соочи Италија со недостаток на храна на многу нивоа од општеството и дека земјоделството е место „во кое новите генерации можат да ја пронајдат својата иднина“.

Масимилијано Касина

За да се случи тоа, земјоделството мора да се избори со назадната стигма од прединдустриското и предтехнолошкото минато на Европа и да го стави акцентот на користењето на софистицираната технологија, машините и хемијата. Беланова вели дека за ова разговарала со својот француски колега и дека истото се случува и во Шпанија, Германија и други земји.

„Земјоделството не значи дека ќе се вратиме на мотиката“, вели таа.

А ако на Италијанците сега им требаат ниви за да преживеат, и на фармите им требаат Италијанци. И покрај лобирањето на земјоделските здруженија, околу 150 000 сезонски работници од Романија, Полска, Индија и другите земји нема да можат да дојдат во Италија.

Истовремено, државјаните на Италија - кои порано беа дел од вкупно 36 проценти од околу милион работници во оваа гранка - немаат ресторани, туристички агенции и продавници кон кои би можеле да се насочат. Работата надвор изгледа примамливо. Примамливо делува и да се добие плата.

Водечките земјоделски здруженија направија сајтови и привлекоа повеќе од 20 000 пријави.

Но транзицијата не им паѓа баш лесно на сите. Масимилијано Џасанти, претседател на Konfagrikolture, едно од најголемите земјоделски здруженија, вели дека многумина се заинтересирани за работа, но не се доволно обучени и немаат никакво искуство.

„Агрикултурата не е само да дојдеш и да ја земеш најцрвената јаболка од крошната“, вели тој.

Франко Баралди (59), сопственик на фарма, вели дека Италијанците што ги ангажирал - луѓе кои работеле во пекари, кафулиња, супермаркети - на почетокот не знаеле што треба да работат, но научиле брзо. Тој вели дека многумина немале никаква заработка уште од март, а не ја добиле ни помошта што им ја вети владата. Неколкумина го прашаа дали може да останат да работат и откако ќе заврши сезоната на јагодите, бидејќи се чека бербата на кајсиите и праските.

Тој се надева дека тоа ќе биде изводливо, но потсетува дека иднината на земјоделството зависи од владината помош.

Од времето кога неговиот дедо имал фарма, државата ја напуштила оваа индустрија. Младите не одеа по стапките на своите родители, но тоа е затоа што никој не им помогна. Без субвенциите кои ги добиваа другите гранки, вели тој, фармите не работеа со профит. Тоа создаде многу можности бескрупулозните сопственици на земја да им нудат мизерни плати на работниците.

Берба на јагоди на имотот на Франко Баралди

Во мај италијанската влада одвои повеќе од милијарда евра за субвенции за фармерите, како дел од пакетот за помош тежок 55 милијарди евра. Оваа мерка вклучува и пријавување нелегални работници на нивите. Критичарите велат дека нивната легализација нема да постигне многу кога недостатокот од работници е толку голем.

Слично е и во некои други земји. Принцот Чарлс, најстариот син на кралицата Елизабета Втора и наследник на британскиот трон, апелираше работниците кои биле испратени на принуден одмор да ѝ се приклучат на владината кампања „Бери за Британија“. Идејата е да се спасат плодовите, зашто е јасно дека годинава нема да има работници-мигранти.

Некои италијански функционери мислат дека би било најдобро да се вработат најсиромашните слоеви од Италија.

Многу од нив живеат на југот од земјата, каде економската ситуација е мошне тешка. Тие пред две години почнаа да добиваат универзален минималец.

Во мај владата соопшти дека секој што ја добива оваа помош може да ја замрзне на два месеци, доколку се вработи во земјоделството.

Накаро Ло Јаконо (56), кој живее близу Казерта во јужниот регион Кампања и ја добива оваа социјална помош, вели дека со задоволство би се откажал од помошта во корист на некој друг и би се вратил да бере домати, зашто тоа го работел кога бил момче.

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото